Нафтата пак се заканува. Од почетокот на септември важат новите повисоки цени на дериватите, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, според утврдената методологија за пресметување на цените, кои зависат од движењата на цените на светските берзи.
Цените на нафтата на светскиот пазар, пак, се зголемија за повеќе од 10 проценти минатата недела, што е нивниот најголем неделен скок во период од повеќе од една година. Причината беше целосниот прекин на производството на компаниите што ги експлоатираат изворите во Мексиканскиот залив поради налетот на ураганот „Ида“. Па така пазарот остана „пократок“ за количините на мексиканската понуда што резултира со покачување на цената.
Нафтата пак се заканува
На Лондонската берза, барелот се искачи на 72,7 долари, што е неделен скок за 11,5 проценти. На американскиот пазар, барелот достигна 68,75 долари, што е скок за 10,3 проценти.
Ова зборува за значењето на Мексико меѓу производителите на нафта, однсоно за значењето на количествата од овој нафтен регион на светскот пазар.
Движење на цената на нафтата
Дека нафтата игра значајна улога во животот на сите жители на земјинава топка, тоа е одамна апсолвиран факт. Нејзината цена има обратно-пропорционален ефект врз нашиот животен стандард. Нејзината цена на светскиот пазар се зголеми шесткратно од 2000 година до денес. Се претпоставува дека производството на нафта ќе достигне врв во блиска иднина и до 2050 година сите резерви ќе бидат исцрпени. Побарувачката се зголемува, особено поради високиот економски раст на Кина и Индија. Како резултат на тоа, голема криза во светската економија може да се случи многу брзо, предвидуваат експертите.
Вашингтон неодамна ја повика Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, да го зголемат производството за да не дојде во прашање закрепнувањето на светската економија од кризата со короната.
Поддршката за цените беше обезбедена и минатата недела со падот на вредноста на доларот во однос на кошницата валути, бидејќи меѓународно средство со кое се купува нафтата е американскиот долар.
Една недела претходно, цените нагло опаднаа, бидејќи сe повеќе земји низ светот се соочуваа со пораст на бројот на новозаразени со Ковид-19.
Инфлацијата во еврозоната
Од оваа неверојатна супстанца зависи животот на целиот свет и стандардот на населението. Растот на цеаната ја забрза стапката на инфлација во еврозоната до три проценти на годишно ниво во август 2021 година, од 2,2 проценти во јули, покажува неодамнешната прва проценка на статистичката служба на Европската унија, Евростат.
Според соопштението објавено на веб -страницата на Евростат, најголемо влијание врз растот на инфлацијата во еврозоната има зголемувањето на цените на енергенсите во август од 15,4 проценти на годишно ниво.
Како последица на ова, се проценува дека неенергетските индустриски стоки во монетарниот блок во август поскапеа за 2,7 проценти во споредба со истиот месец минатата година, храната, алкохолните пијалоци и тутунот за 2,0 проценти и услугите за 1,1 отсто.
Нафтата пак се заканува
Влијание врз Македонија
Притисокот врз вредноста на денарот не зависат само од цената на нафтата, туку, како што видовме летово, и од цените на прехранбените производи, градежните материјали, железото и други материјали со чии цифри се соочивме ова лето. Сепак, очекувањата за инфлацијата во Македонија на „Стандард и Пурс“ за годинава се поклопуваат со проекцијата на Народната банка (НБРМ) од 2,2 проценти.
Според статистичките податоци и проекциите, Македонија годинава треба да излезе од кризата и да влезе во процес на заздравување.
Министерството за финансии оценува дека се стабилни очекувањата за раст од 4,1 проценти и инфлација од 2,1 процент годинава.
Министерството за финансии, информира дека има конзистентен пристап за остварување на поставените цели за зголемување на растот од 2,5 на пет проценти, како и за фискалната консолидрација до 2026 година, односно јавниот долг да не ја надмине границата од 60 проценти од БДП и три проценти буџетски дефицит.
Јавниот долг, заклучно со 30.06.2021 година, изнесува 64,4 проценти, додека состојбата на државниот долг, заклучно со 31.07.2021, изнесува 52 проценти од БДП.
Ова убаво звучи и дава надеж за подобра иднина, но сепак таа нема да дојде брзо. Ако ги погледнеме процентот на реализација на капиталните расходи, 39,85 проценти, заклучно со 1.09.2021 година, ќе видиме дека тоа е многу мал процент за да повлече, за да ја забревта „машината“, па да имаме право да се надеваме дека во скорешна иднина нашите грижи за врзување крај со крај ќе попуштат, особено што годинава во „менито“ имаме избори, кои секогаш ја забавуваат економската активност.
ММФ и додели на Македонија 134,47 милиони специјални права на влечење или околу 162 милиони евра за буџетска поддршка. Средствата се веќе планирани во Буџетот за 2021 година за спроведување на мерките за справување со пандемијата и за поддршка на стопанството преку Развојната банка со цел ублажување на ефектите на пандемијата и поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување.
Сепак, цената на нафтените деривати е чеканот што виси над секоја економија и стандард на населението, особено на нискоразвиените земји кои се уште се потпираат на потрошувачката на црното злато, а малку инвестираат и ги користат обнобливите извори на енергија.
Бране Стефановски