Менџментот на „Еуромакс –рисорсис“, по долгото чекање на позитивна одлука за спроведување на добиената концесија, и’ прати писмо на државата (Министерството за животна средина) во кое бара од надлежните органи уште еднаш да го разгледаат и да одговорат на барањето за спојување на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“ за што немало никакви законски пречки да биде позитивно. Во спротивно ќе активира тужба до меѓународните арбитаражни судови, што ќе ја чини Македонија можеби и милијарда и пол евра за оштета.

Во писмото од највисоките членови на раководниот тим на „Еуромакс Рисорсис“, Тимоти Морган Вин, претседател на Одборот на директори и главен извршен директор и Николас Треанд, извршен директор, компанијата нагласува дека при експлоатацијата на минералните суровини во рудникот нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанца, за што беше клеветена оваа компанија, составена од познати и признати меѓународни инвеститори: Во писмото се вели:

„…Ја нагласуваме нашата заложба дека во процесот на експлоатација нема да има употреба на цијанид. Повторувам, нема да има употреба на цијанидна супстанца во која било форма. Што се однесува до загриженоста за управувањето со јаловината, веќе имаме исклучително безбеден дизајн за управување со неа… За да обезбедиме безбедно и стабилно водоснабдување за домаќинствата, се обврзуваме да инвестираме во нов водоводен систем, за локалните жители да имаат чиста вода; и се обврзуваме да изградиме цевковод од акумулацијата Турија до Иловица, обезбедувајќи сигурно снабдување со вода за жителите да не останат без вода во текот на топлите лета“, истакна Тимоти Морган – Вин, претседател на Одборот на директори и главен извршен директор на „Еуромакс Рисорсис“ Лтд. Нашата примарна цел е да ги ублажиме стравувањата околу спроведувањето на нашиот проект. Според Светската банка, зголемената побарувачка за „зелена“ технологија и производство на обновлива енергија, заедно со софистицираните решенија за складирање енергија, се предвидува да доведе до пораст од 500% на производството на критични минерали и метали потребни до 2050 година, вкупно околу 3 милијарди тони. Според сегашниот проект, рудникот Иловица - Штука ќе произведува 24.000 тони бакар годишно.

Рударската индустрија значително еволуира во последниве години, водена од принципите на одговорно рударство. Ние се придржуваме до современите технологии кои даваат приоритет на заштитата на животната средина, ги подобруваат работните услови и поддржуваат значителна општествена одговорност.

Меѓу највисоките приоритети на компанијата останува и одржувањето на соработката и комуникацијата со локалното население. Реализацијата на овој проект не значи сценарио или-или. Сосема спротивно, напредокот во современите технологии го отвора патот за соживот и истовремен развој и на рударската индустрија и на земјоделството под поволни услови, нагласи Дамиан Петровски, извршен директор на „Еуромакс Рисорсис“  - ДОО Скопје.

Од овие причини ја повикуваме власта да го разгледа нашето писмо и очекуваме во најскоро време соодветна одлука за нашето барање за спојување на концесиите.

Реализацијата на планот за изградба на рударскиот комплекс „Иловица – Штука“ означува значителна инвестиција во износ од 340 милиони евра. Оваа иницијатива ветува дека ќе генерира приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места за време на работата на рудникот. Покрај неговото непосредно влијание врз вработувањето, проектот ќе даде значителен придонес во бруто домашниот производ на земјата, вбризгувајќи средства и во државниот и во општинскиот буџет. Позитивен ефект ќе има врз локалните бизниси, кои ќе имаат значителни придобивки. Проекциите сугерираат годишен прилив од околу 74 милиони евра во овие локални претпријатија“, се вели во образложението на „Еуромакс – рисорсис“ кој неколку години стрпливо чека да добие дозбовола за почеток на експлоатацијата на рудникот Иловица – Штука, Општина Босилово. 

Општината Босилово брои 15.000 жители, од кои најголемиот број се занимаваат со одгледување раноградинарски култури и со сточарство.

Селаните од Иловица и од Штука одгледуваат компири, тутун и пченка, но ниту нивниот крај не е имун на иселувањето, бидејќи Италија и Словенија се најчестите дестинации на младите, кои обично ја избегнуваат работата во полето.

Искусто на Македонија со рударството

Македонија има позитивно искуство со рударството и затоа е чудно што доделувањето на концесијата на концесионерите се влече толку долго време, односно одговорот лежи во исполнувањата на барањата на локалното население кое оправдано се плаши за родноста на својата земја од која живее и се храни.

Рударството во Македонија има многувековна традиција, почнувајќи од римскиот период, па сè до денес.

На пример рудникот Злетово – Пробиштип е првиот современ рудник. Севкупниот развој на Пробиштип е поврзан со рудникот Злетово - голема вработеност, висок стандард на вработените, интензивна станбена изградба на градот, изградба на објекти за спорт и рекреација, образование, здравство и др. Истото се случува околу рудниците - за никел Ржаново, рудникот за бакар Бучим, рудникот за јаглен Суводол и рудникот за олово и цинк Тораница.

За жал, проблемите на рударството почнаа веднаш по осамостојувањето на Р. Македонија. Во такви услови на пазарна економија, целото стопанство, вклучувајќи го и рударството, се најде во тешка состојба.

По 30 години, дел од тогашните рудници денеска не се во употреба, но има и успешни приказни како што се рудникот Бучим, рудникот Саса, рудниците Злетово и Тораница, во кои странскиот капитал и нивните управи успеаја да ги одржат и да инвестираат во континуитет во овие рудници. Сепак, евидентно е дека во последните години отсуствува сериозна институционална посветеност.

Рударството во БДП учествува само со 1,3 %.

Од ова произлегува главното прашање – дали треба да се води дебата за „забрана“ на развојот на овој сектор, или  како да се развијат подобри механизми за заштита на животната средина и како да се принудат новите рудници да ја применуваат сета прифатена меѓународна практика и стандарди што гарантираат заштита на животната средина.

Побарувачката за рудни богатства во наредниот период ќе продолжи да расте, затоа што „зелената транзиција“, односно преминот на одржливи извори на енергија не е можен  без користење разновидни метали и на сите  природни материјали на кои се базира чистата технологија. Тоа денеска е едно од најзначајните прашања за Европската унија и за нејзиниот однос со другите  земји, вклучувајќи ја и Македонија. Имено, ЕУ во 2020. година го усвои Европскиот зелен договор, амбициозен план и рамка на политиката, чија главна цел е Европа до 2050. година да биде сосем климатски неутрална. Договорот предвидува  намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, зелена транзиција кон обновливи извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, воспоставување циркуларна економија.