Мој куќен совет -комплетна услуга за квалитетно заедничко живеење. Проверен и доверлив партнер во домувањето со целосен увид во финансиите. Брза и ефикасна услуга за чиста зграда и квалитетен заеднички живот. Ова се начелно услугите кои „Тау Цети Групација“ од Скопје им ги нуди на своите клиенти.

Грижата, организацијата и одржувањето на заедничките простории во станбените единици се голем предизвик за сите станари. Во принцип хигиената и поправките во станбените единици беше препуштени на волјата на самите корисници, кои преку собир на станари се трудеа да воспостават некој ред, којшто најчесто подлегнуваше на други работи. Од пред 10—ина години состојбите се сменија...

Во 2011 година се донесе Законот за домување. „Со ова се направи една рамка, односно се донесе регулатива која ја „уредува“ одговорноста за одржување на заедничките делови во објектите. На овој начин се регулираа работите кои всушност претставуваат начин како се партиципира во фондовите, како се користат заедничките работи, како се регулира донесувањето  на одлуките за одредени, дефекти, поправки, вложувања за тековно одржување во станбените објекти. Вака накратко го формулира значењето на овој закон Томи Маџар, сопственик на Тау Цети Групација. Компанија која преку својот бренд „Мој куќен совет“ нуди брза, ефикасна услуга за чиста зграда и квалитетен заеднички живот.

Вистина е дека во Македонија немавме некоја голема свест за одржувањето, што особено беше изразено во објектите  со повеќе индивидуални имоти. Меѓутоа со воведувањето на Законот за домување се придонесе барем да се зголеми свесноста околу потребата за одржување и посебно во делот за безбедноста во објектите. Како и регулативите околу енергетската ефикасност, пристапот за инвалидизирани лица и ред други работи кои се во функција на одржувањето и корисноста од заедничкиот објект.


Секое вложување во она што е заедница е придобивка за сите



  •  Како дојдовте на идеја да влезете во оваа специфична дејност ?


-Идејата да започнам бизнис со  управување со станбени и деловни објекти се јави со самото воведување на Законот. Тогаш како млад економист, тоа го видов  како прилика, како нова можност на пазарот. Заедно со мојот партнер, Тоше Тодоровски навлеговме во една проблематика која не ни беше позната, млада дејност, но со голема конкуренција. Значи можноста за бизнис не ја видовме само ние, ама сепак беше предизвик, ново поле за работа.

Потребата од живеењето во заеднички станбени единици јавува потреба да се регулираат некои правила околу користењето и околу самото одржување. Со  несоодветно одржување на објектите, самите објекти ја губат предноста, а така губат сите. Секое вложување во она што е заедница е придобивка за сите. И обратно, кога не се почитуваат правилата на заедницата, цената ја плаќаат сите.


  • Кој е концептот на заедничкото домување?


Концептот на домувањето е да успееме да ги поврземе сите страни. Добавувачите на објектите од една страна, клиентите од друга страна и ние како управители кои ги поврзуваат овие две точки за да создадат на некој начин синергија за користењето на објектите. Да овозможиме да се функционира најдобро, најсоодветно и најеколошки во средина која ќе биде здрава и во корист за сите.

На почетокот работата изгледаше доста едноставна. Имате куќен совет, имате луѓе кои треба да платат, имаме одржување хигена, струја, меѓутоа кога ќе навлезете подлабоко во проблемите се отвораат вистинските предизвици. Навлегуваме во еден објект, кој е сериозна градба и се состои од многу фази не само за да се изведе, туку исто толку и да се одржи.

Секој проблем отвора поголем предизвик, нова перцепција и со тек на време се осознава сликата,  преку која може да спроведеме една услуга која ќе може да одговори на сите потреби кои произлегуваат од секојдневието во објектите.

Секако дека тие никој не ги сака. Но мора брзо да се реагира за да се решат. Во прашање се итните интервенции на кои ако навремено не се одговори можат да бидат и загрозувачки по живот, или пак да направат поголема штета од актуелниот проблем на имотот. Притисокот доаѓа од сите засегнати страни и треба да се делува брзо. На пример, кога има оштетена цевка и протекување на вода, брзата интервенција е можност да се спречи поголема штета не само во заедничките простории, туку и приватните делови, инсталациите. Тоа се сериозни работи на кои мора да дејствуваме веднаш.  А за да можеме да одговориме на тоа мора да имаме тим.

Мој куќен совет -комплетна услуга за квалитетно заедничко живеење

Ги спроведуваме одлуките на сопствениците 



  • Што всушност опфаќа вашата компанија –кои  се процедурите за да се создаде една комплетна слика на понудата?


-Тау Цети групација растеше заедно со актуелните проблеми и потреби на клиентите.  Со напорна работа,  преку воведување на нови стандарди, надградување и проучување на сите дејности кои се поврзани околу објектите сега работиме во четири различни сектори коишто се комплементарни и сите се грижат за имотот на корисниците.

Секако  основна дејност е управувањето со станбени и деловни објектите преку брендот, Мој куќен совет. Односно сектор за водење на  книговодствено-административниот дел на зградата во соработка со сопствениците.

За  да ја доловиме суштината на оваа обврска ќе направам една паралела. Една зграда  всушност функционира како едно акционерско друштво, каде  акционери се самите сопственици. Нашата работа како управител е да ги спроведуваме одлуките на сопствениците. Значи тие ги донесуваат одлуките, а нас не овластуваат со склучување на Договорот да ги спроведуваме на начинот на кој се дефинирани.

Нашата работа е да го составиме предлогот на одлуката. Врз основа на тој предлог станарите се изјаснуваат писмено или во согласност со претходно прифатени договори и планови за да може да се реализира потребната работа.

Она што сакам да го потенцирам е дека нашата компанија како управител ги спроведува одлуките на сопствениците, а тие ги донесуваат. Врз основа на тоа добиваме овластување да носиме одлуки за користење на средства или пак за спроведување на некакви инвестиции. Сите тие работи се подложни на еден демократски модел во кој сопствениците се должни да партиципираат  согласно со Законот за домување.

Она што сакам да кажам е дека одлуките се носат со мнозинство, односно повеќе од 51 гласови од сопствениците. По нивното изјаснување одлуката е донесена, предлогот се брише и ние сме должни да ја спроведеме.

Нашата работа е да ги застапуваме пред институциите, пред други друштва, или да склучиме договори со трети лица  (добавувачи во зградата од типот на сервисери за лифт, гаражни врати, пумпи, домофонски уреди) . Сето тоа е една голема рамка на дејности која бара да имате познавања или во најмала рака  да имате контакти, луѓе коишто треба да интервенираат.

Значи  во нашето девет-годишно постоење, таа мрежа  етапно е изградена. Изградивме свој стил и начин на управување, што ни дава можност да реагираме брзо и да им овозможиме на станарите навремена заштита.



  • Покрај со „мој куќен совет“ , како групација нудите и други услуги. За што конкретно станува збор?


-Втората точка за која дискутиравме е хигиената, тековното одржување, како и сите други интервенции во оваа област. И нив паралелно со управувањето ги работиме од самиот почеток со индивидуалните корисници.  Преку „Еко клин сервис “ ја нудиме најдобрата нега за станбените простори со обучен кадар и употреба на еколошки препарати и најсовремена техничка опрема.

Надградувајќи се во овој сектор навлегуваме и во областа на деловни корисници. Вложувајќи се повеќе во современа технологија си овозможуваме и поголем обем на работа. А практично со тоа обезбедивме и поквалитетни услуги и за самите домаќинства и за деловните корисници.

Третата област  што ја покриваме е техничко одржување, односно технички сервис преку брендот „Мој мајстор –мултисервис“. Тоа  е идеја и потреба која произлезе од самите згради. Корисниците на самите објекти побараа да им пружиме интервенции во многу сегменти, така што самата мрежа ја развивме како наш сектор што се нуди и на домаќинствата и на деловните субјекти.

Четвртиот сектор се недвижностите . И тоа го работиме паралелно со управувањето на деловните заедници од самиот почеток . Тоа е агенцијата Урбан ливинг проперти менаџмент која посредува во изнајмување и продажба на недвижен имот.

Управуваме со околу 250 објекти или повеќе од 5000 станбени единици


*На почетокот луѓето даваа голем отпор околу предавањето на процесот на одржување на заедничките простории на куќните совети. Како ве прифатија. Колкава е бројката на куќни совети или заедници што треба да ги застапувате за да има и економска исплатливост?

-Во моментот управуваме со околу 250 објекти или повеќе од 5000 станбени единици. Ова во суштина е сериозна бројка со која треба да се менаџира на дневно и месечно ниво.

Значи активностите се различни и со тек на време како се зголемуваше обемот на работа така се зголемуваа и потребите за повеќе функции. На стартот бевме фокусирани пред се на управувањето, но во моментот сме убаво структурирани. Направивме еден нов модел кој со нашето искуство успевавме да го адаптиравме на потребите на сопствениците, на станарите, кои се наши клиенти.

Сега извршуваме повеќе специјализирани дејности. На почетокот имавме помалку згради и сите работеа на сите функции. Но сега сме поделени по ресори како што претходно изложив. Патем воведовме и една функција, менаџер на зграда, како одговорно лице за објектот. Ја сменивме структурата. Ги поделивме самите објекти за да бидат канализирани активностите. Куќниот совет се уште функционира, но ние од наша страна бираме едно лице кое е одговорно за целата комуникација со таа зграда. Односно тој ја менаџира, но во нашата фирма му стојат на располагање повеќе асистенти, околу финансиски, правни работи, застапување пред други лица.

На тој начин потребата за повеќе дејности, технички сервис, хигена и целата таа убаво развиена мрежа е редовно добро канализирана, одговорно поставена комуникација чија крајна цел е побарувањата да бидат навреме извршени. Сите тие структурни промени за нас се битни. Обемот на работа не тера да се реформираме. А поентата е токму во постојан раст и развој за да можеме да овозможиме повеќе услуги и да опслужиме повеќе клиенти.

Професионален пристап во работата



  • За толку бројни активности потребен е и добар тим. Како доаѓате до кадар, во овие специфични дејности?


- Групацијата надминува повеќе од 50 луѓе. Кадар е тешко да се најде не само за нашата дејност туку во сите сегменти. Тоа е една од најбитните работи на менаџментот. Јадрото во компанијата е добро организирано и стабилно.  Постојано се надградуваме и со млади и со искусни луѓе.

Во она што се општи работи и одржување, пазарот навистина е стеснет и во моментот е тешко да се најдат потребните вработени. Сметам дека одливот е голем токму во овие дејности. Би ги дефинирал како работни позиции со општи знаења и занаетчиски работи. Кај нас колку што можам да забележам и пазарот не ги цени доволно извршителите на овие струки за одржување. Мислам дека и нереално ги потценуваме. Остана некоја стигма од времето, на тоа што на одредени професии гледаме со потценување. Професии кои не се доволно платени, за разлика од други земји каде се доста вреднувани. Кај нас тоа се третира како работа што некој друг е должен да ја заврши.

Во моментот голем проблем претставува и квалитетен професионален пристап кон работата. Според мене треба да се разгледаат генерално работните навики, затоа што се појавува голем дефицит. А треба да се фокусира и дел од младината на таа дејност. Бидејќи тука може да се изгради и подобра иднина.


Секој објект има различна потреба за одржување



  • Што генерално нудите?


-Генерално имаме убави проекти, но навиката на одржување се уште не е континуирана. Тоа една голема мана која треба да ја отфрлиме. Плановите и динамиката на одржување на одреден објект всушност ја претставуваат и неговата вредност.

Динамиката на одржување зависи од модулот на активноста. Дел од нив  се на дневно ниво, дел на неделно. Ние како компанија нудиме различни пакети на услуги. Наша претпоставка е дека секој објект има различна потреба за одржување. Не може еден објект со 10 единици да има исти потреби како објект со 100 единици. Значи различни се потребите и пакетите. Оние со помалку единици можат да функционираат и со еднонеделна активна услуга за разлика од оние со побројни единици. И самите клиенти поставуваат некој стандард во одржувањето.

Посебно обрнуваме внимание во моментот на договарање да се договори оптимална услуга  за да може објектот да функционира и да ја задржи својата вредност со тенденција и да се зголеми со соодветни вложувања. За тоа ни е потребна соодветна соработка во делот на донесување на одлуки- сопствениците се битни за да донесат одлука за да можеме и ние да ги вршиме работите. А планот за одржување при самото склучување  на договорот ни овозможува да направиме нешто што ќе биде соодветно. И доколку не се дефинира таква услуга секогаш ќе има незадоволни страни. Клиентите треба да добијат најдобар квалитет во најбрзо можно време. Тоа е единствениот начин за задоволни клиенти.


  • Каде ја гледаш иднината на нашите заеднички домови?


-Влезот во заедничките делови на домовите се првата перцепција што ја добивате кога влегувате во некоја зграда. Ако тука не ја средиме работата , значи сами си го уништуваме дворот, фоајето...

Едноставно, сите го реновираат домот, но тешко се одлучуваат да инвестираат во заедничките простории. Сите штедат на овој простор иако придобивката е подеднаква за сите. Според мене некои работи треба детално да се разгледаат. Релативно е тоа колку треба да се издвои за таа работа. Поентата е во тоа просторот пред влезните врати на становите да го гледаме како заедничко добро. А не да го префрламе како одговорност на другите и да бегаме од личната одговорност. Сите треба заеднички да учествуваат и да партиципираат во одржувањето во донесувањето на одлуките во куќниот совет.

М. Балдазарска