Еден од најзначајните хрватски композитори и текстописци, легендарен водач на ИТД бенд – Мирослав Рус, е повторно, по кој знае кој пат, во фокусот на јавноста. Овој пат поводот е новиот ИТД сингл – „Kao sjena si koja me prati“, кој, после многу години треба да најави нешто ново. Но…

Тоа не беше единствениот повод за разговор со овој голем македонски пријател. Имаше во него и многу носталгија, сеќавање на Јонче Христовски и единствениот Тоше Проески, и поглед кон иднината – што следно можеме да очекуваме…

Сите не изненади новата песна на ИТД бенд – „Kao sjena si koja me prati“. Сега, кога се вративте, можеме ли да очекуваме дека ќе останете подолго? Дека конечно ИТД бенд ќе има нов албум?

– Оваа песна, всушност, и го најавува новиот албум. Јас собрав многу песни, а уште две се работат во студио. Тоа значи дека албумот на ИТД бенд е, безмалку, готов.

Но, она што би сакал да потенцирам, и да се заблагодарам на Анторис радио, е што ја следите нашата работа. Не сме ние толку далечни, како што тоа некогаш изгледа. Многу ја сакам Македонија, и цел живот ме следат Македонци, и тоа сакам да трае засекогаш.

Со каква возбуда му зе враќате на вашиот младешки сон – бенд со кој во 80-те бевте познати во цела Југославија?

– Возбудата е огромна, бидејќи ИТД бенд е мојата прва љубов. Подоцна, кога останав сам, работев за најголемите изведувачи, од Тоше Проески, Здравко Чолиќ, Тони Цетински, „Црвена јабука“… Но, секогаш ми недостасуваше мојот ИТД бенд, таа моја прва љубов, бидејќи јас, сепак сум рокер во душа. Многу му се радувам и не можам да исчекам да излезе албумот.

На што се сеќавате од „она време“ на ИТД бенд? Кои Ви се најубавите спомени?

– Тешко е тоа да се наброи, но, со нас свиреше и Алберт Ли, еден од најпознатите светски гитаристи. Јас секогаш околу себе собирав подобри музичари од мене. Затоа бендот и преживеа толку долго. Многу е важно, покрај тој, мојот талент, да се свири во живо, со најдобрите. Нив секогаш ги канев на помош. Студиската работа со најдобрите, тоа ми се најубавите сеќавања.

Голем хит на ИТД бенд – Војничка ја има музиката на легендарниот македонски музичар Јонче Христовски. Како дојдовте на идеја да напишете текст на музика на овој голем автор?

– Се работи за песната „Ако умрам ил’ загинам“. Кога је слушнав, заедно со „Македонско девојче“, за мене тоа беше крај. Имав среќа, а тоа е едно од моите најголеми достигнувања, Јонче Христовски да ми биде пријател. Тој пишуваше, мислам и за Нана Мoускоури. Јонче беше исклучителна личност, една посебна автентичност. Еден лик кој му недостасува на Балканот. Мене многу ми значи кога ќе кажам дека се познавав со Јонче Христовски. Таа песна тој дозволи да се препее на хрватски, и таа „Војничка“ тука беше голем хит.

Вашата поврзаност со Македонија е нерскинлива. Тука мислам пред се на соработката со Тоше Проески. Поминаа 14 години, а празнината зад Тоше остана…

– Тоше Проески во мојата работа, и во мојот живот, пријателството, е најголема радост и најголемата тага. Да познаваш некој, како што беше Тоше Проески, и тој да ја отпее твојата песна, а тој ги пееше подобро отколку јас ги пишував… Тоа беше небесна личност, ангел… Тоа го мислев и пред да се случи трагедијата. Можете да бидете горди на него. Беше и остана најголемиот македонски амбасадор. Иако физички не е тука, неговото присуство е и понатаму силно.

Тоше е најголемата моја болка. По неговото заминување никому не сакав да напишам песна цели осум години. Потоа, Калиопи ме натера да и напишам песна, и беше многу посветена на тоа, да ја надминам болката и да продолжам, за што сум и многу благодарен. Имате во Македонија неверојатни луѓе – Јонче, Калиопи, и мојот Тоше, и вашиот Тоше.

Неодамна, кога следев еден фудбалски натпревар, и кога спикерот кажа: „На стадионот Тоше Проески“, не можев да се воздржам и заплакав. Имате прекрасен стадион, каков што ние немаме, и прекрасно е наречен тој стадион, како ни еден друг…

Како денес гледате на антологиската „Игри без граници“? Од каде ви дојдоа тие зборови, таа музика, се во тој миг… А, знаеме што се случи подоцна…

– Таа песна јас никому не сакав да ја дадам. Еднаш се возевме во кола, и Тоше менуваше цедеа во плеерот. Налета на цеде, на кое пишуваше – „Мирослав Рус – песните кои не сакам никому да ги дадам“. Ме праша дали може да ги слушне, и јас му дозволив. Прво ја слушна таа – „Игра без граница“. Кажа – „Гаси автомобил, се враќаме назад, одиме да ја снимиме“.

Во таа песна, со мојот талент одлично се вклопи и Никша Братош со аранжманот, и секако, најголемиот од сите – Тоше. Тоа е песна над песните. Јас така ја доживувам. Тоше ја сними од прва, без повторување. Кога излезе од студио, ме праша: „Русе, дал’ сам добро отпевао?“ Му кажав дека ја отпеа подобро од што јас ја напишав. Таков човек каков што беше Тоше се повторува еднаш во илјада години.

Кога зборуваме за Тоше, времето не постои. Тој е вон времето. И после илјада години, кога од нас нема да има ништо, тој ќе биде пример за тоа како треба да се пее. Не знам дал’ подобро пееше на концерти, во бекстејџот, додека се подготвуваше, или во ресторан, на приватна забава. Кога пееше Тоше, помислував дека целата вселена е моја.

За крај – каква нова музика можете да ни ветите? Од ИТД бенд, и она што создавате за други музичари?

– Паралелно со албумот на ИТД бенд го завршувам и својот инструментален албум, но, тоа е специфична музика, многу потисната. Пишувам за Тони Цетински, а слушам дека и Чола нешто подготвува. На неговиот последен албум ја имав „Тебе чувам за крај“, и мислам дека би можеле пак да соработуваме. Тука е и еден млад пејач, Јуре Бркљача. Тој е во еден далматински, медитерански штим, и прв пат тоа го работам. Мошне е талентиран, а таков стил мислам дека полека ќе се прелие и на целата регија. Многу очекувам од Јуре…

Кога ќе го имаме албумот на ИТД бенд?

– Короната се помести, а мојот пејач живее во Стокхолм. Сепак, ако ја забрзаме работава може да биде пред лето, најдоцна на есен, во септември.

За самиот крај – уште еднаш да ви се заблагодарам што ја следите мојата работа. Многу работи ме врзуваат за Македонија. Освен Тоше, јас го запознав и македонскиот патријарх Г.Г. Стефан, потоа митрополитот Пимен, а во Загреб ми е пријател отец Кирко. И секогаш се радувам кога можам да се поврзам со Македонија. Моите врати секогаш се отворени за вас.

***

Интервјуто оригинално е реализирано за потребите на Анторис радио.
Во реализација учествуваа Иван Беќковиќ и Марко Шипка

https://www.mixcloud.com/AntorisRadio2021/интервју-со-мирослав-рус-на-анторис-радио-промоција-на-синглот-kao-sjena-si-koja-me-prati/