
Иако постои можност жителите од регионов да одат на работа во соседните земји, тоа не се случува или е многу слабо. Луѓето од овие простори доминантно ги избираат земјите на Европската унија, најмногу Германија и Австрија. За тоа време, земјите од регионов увозуваат работна сила од Југоистична Азија. На неодамнешната конференција во организација на српскиот „Институт за развој и иновации“, што се оддржа во Белград, беше објавена информација во која се вели дека од распаѓањето на Југославија до денес регионов го имаат напуштено 10- милиони работоспособни граѓани. Се претпоставува дека во догледно време на регионот ќе му фалат нови 80 – 100 илјади работници. За овој проблем побаравме мислење од потпретседателот на Сојузот на приватните агенции за вработување на Македонија, Саша Ристиќ.
- Колкав е недостигот на работан сила во моментов во нашава земја?
- Недостатокот е огромен. Тоа е многу видливо со голо око. Кога ќе поминете низ градот, ќе забележите дека локали или продавници на излозите имаат истакнато натпис на кој пишува дека бараат работници, или се затворени. Дури ни е чудно кога ќе видиме таков натпис на некој локал со традиција, со име, за кој знеме дека работел со години и бил познати во градот. Истото се случува и во индустријата, има огромен недостиг на работа сила. На неодамнешната конференција, во организација на „Институтот за развој и иновации“ од Белград, слушнавме дека Србите правеле сопствена анализа која покажала дека од времето на Југославија во регионов недостигаат 10 милиони работници, што е огромен недостиг за целиот регион особено за Македонија. Дека нема работници, може да се види и со една прошетка низ Македонија, паѓа в очи необработената земја. Иако територијата на Македонија 70 проценти е планинска, и тие 30% обработлива површина во низините не се обработува. Се базираме на увоз, наместо на сопствено производство, но за тоа пак немаме работна сила, а и тие што останаа гледаат да заминат од земјава со оглед на тешкотиите со кои се соочуваат. Во провинцијата е уште потешко отклку во главниот град. Проблемот е во тоа што ние изминативе 20-30 години, си спиевме, проблемот го игнориравме, правевме стратегии за кои не мислевме дали ќе успеат. Едноставно велевме дека тоа е така во ЕУ, без подлабока анализа – дали тоа нам ни одговара или не. Ако се споредиме со високоразвиените европски змеји, ќе видиме дека тие се далу пред нас, со финансиски стимулации, со механизација, со откупни цени и тн. Затоа нам ни требат домашни анализи и прилагодување на нашите услови и контролни механизми за да не биде тоа злоупотребувано. Најчувствително е земјоделството. Сточарството ни е сведено на минимум, сведени сме на увоз на месо, а претходно имамвме сопствено производство, извоз на месо, на сирење, на кашкавал, на кожи итн.
- Како се одразува големото иселување на популацијата?
- Една работа што ја занемаруваме е политиката за вработување. Самите закони и стратегии, многу влијаат на бројот на популацијата. Треба добро да се размисли каква политка водиме во тој дел за да ги задржиме семејствата и да го зголемуваме наталитетот. Сегашните податоци за бројот на населението и за работноспособното население се крајно алармантни. Притоа гледаме дека доаѓаат работници од странство, но нивините работни вештини не се до крај проверени.
- Како кореспондира сегашното ниво на образование со потребите на новото време?
- На споменатата конференцијата во Белград е истакнат заклучокот дека најбитната работа за трајно решавање на проблемот со невработеноста е квалитетно образование. Ние укажуваме на тоа дека кај нас најголем проблем ни е основното и средното образование и политиката на факултет во секое село. Со основното образование не смее никој да си игра и тоа треба да биде долготрајна стратегија на секоја власт во државава. Властите не се ангажираат многу да се занимаваат со таа проблематика, затоа што таа не носи инстант политички поени. Второ, најбитно е да се работи со средните школи, односно да се врати училишната практика во индустирските гранки, како пред 30тина години кога се запознаваме неосредно во погоните и со производството. Сега е изгубен интересот за стручните школи, па така не ни имаме строго насочен кадар што ни треба за индустријата и за занаетчиството.
- Како се рефлектира тоа на приватните агенции за вработување?
- Ова многу се одразува на работата на агенциите, поради недостигиот на кадар што ние не можеме да им го обезбедиме на приватните компании. Значи се соочуваме со истите проблеми со кои се соочуваат и самите сопственици. И тој кадар што ќе го обезбедиме, имаме впечаток дека има погрешен однос кон работата, без оглед на тоа дали е добро платен или не. Имаме многу случаи - денеска се пријавува, утредента веќе не доаѓа на работа – се предомислил, без образложение. Така се однесуваат веројатно затоа што знаат дека има недостиг на работна сила. Пред 20-30 години, кога невработеноста беше голема, работаодавачите можеа да избираат и да речеа – „ако ти не сакаш да работиш, има кој сака!“ Сега тоа не можат да го речат. Овој проблем особено ги засега малите и средните претпријатија во Македонија. Всушност, тоа се огромни проблеми што се однесува на економскиот раст. Многу е тешко да се дискутира - дали постои раст кај малите и средните фирми. Како што реков, и ние агенциите се соочуваме со проблем да им обезбедиме на нашите клиенти кадар. На нашите огласи одзивот е слаб.
- Како може да помогне државата?
- Државата може да го искористи нашето искуство и нашата директна комуникација со стопанството и да не вклучи во подготовката на законите што се однесуваат на оваа сфера. Во моментов се наоѓаме пред промена на неколку битни закони: Законот за работни односи, Законот за вработување во јавната администрација и други, а ние приватните агенции за вработување, не сме ни повикани, а камо ли да се побара нашето мислење.
- Како гледате на информацијата која укажува на тоа дека во следните 10 години без рабоа ќе останат 300 милиони луѓе поради роботизацијата, или, како во последно време се вика – „вештачката интелигенција“?
- Да, но ние забораваме еден многу битен факт, а тоа е дека ние го немаме тој степен на образование. Тоа е клучната работа за да ја совладаме новата технологија. Такви предмети треба да се воведат во основното образование, потоа во средното во кое се совладуваат одредени техники, во спротивно можеме слободно да го поставиме прашањето – кој ќе управува со тие машини, кој ќе ги внесе тие коодинати во таа машина? Денеска има модерни трактори кои без возач ја вршат работата, но треба да се програмираат. Првин, ретко кој ќе може да ја купи таа современа технологија и техника. Второ, што ако се случи на таа и таа парцела да има некоја подземна инсталација или остатоци од некој историски период, тоа го може образован и специјализиран човек, за чија наобразба кај нас не се гледаат некои видливи напори. Одредени држави тоа го имаат сфатено и тие одат напред, тоа се вика прилагодување. Ние и вечерните и занаетчиските школи ги затворивме и сега сите се мачат да најдат мајстор- занаетчија, а не да се најде некој специјализран програмер за таа нова роботика, што се повеќе навлегува и ги заменува работниците во развиениот свет. Нас не уништува незнаењето, а тие што располагаат со знаење го освојуваат светот и пазарот. (продолжува)