Стандардот не се штити со ветувања, туку со отворање работни места, инфлација нема да има со покачувањето на цените, сиромаштијата е толку голема што има празен простор за многу поголема количини пари, бидејќи инфлацијата не ја креваше побарувачката туку понудата на продуктите што не ги произведуваме, туку ги увезуваме сo надмено убедување дека, иако ништо не произведуваме ќе живееме добро според нашиот познат однос кон стварноста кој гласи: "што му е.ем мааатер"!

Гласот на сиромаштијата почна да ја пее својата песна со наслов „Дајте пари, гладни сме“. Ако некој мисли дека овие што бараат повисоки плати или минималец, се партиски војници прв нека фрли камен на нив.

Додуша, медиумите ги пренесуваат настаните протестите и прес конференциите на синдикалните активисти, но на сцената доминираат и претставите и фалбите дека успешно сме се задолжиле со ниска камата, што е спротивно на гордоста на секој добар доаќин. Ништо не е потешко од долгот, па колкава и да е каматата. Поговорката вели „сеќен е тој што не е должен и ако ти е здрава фамилијата“. Ние се годееме со долговите како да се задолжуваме во нашата сопствена валута, па, ако ни затреба да го вратиме долгот, едноставно ќе отпечатиме денари и ќе ги вратиме, не помислуваме дека тој долг се зема во странска валута при што за 1 евро треба да платиме 61,5 денари, односно треба да ги купиме тие пари за да ги вратиме, плус таа камата со која се фалиме.

Тоа значи дека нашата валута е 65 пати послаба од европската и тоа одржувана со инекции од страна на НБРМ.

Во Македонија зборот „буџетски суфицит“ не е спомант ниеднаш од осаостојувањето, тоа за нас е непознато, постојано сме во дефицит, значи ни фалат пари. Кога државниот буџет ќе прекипе, а никогаш нема да претекуваат пари, тогаш ќе можеме да речеме и да се фалиме дека сме економија за почуит. Некој ќе рече дека паметниот бизнисмен не работи со готовина туку со кредити, тоа е точно, но тој бизнисмен сигурно има настрана готови пари или друг капитал, кои му служат са сигурност при стресовите при отплатата на кредитите.  

Гладот не е само за леб туку и за правда што се раздава правилно, независно, за образование и за знаење, за безбедност на улиците, за прецизни детални урбанистички планови, за напредување во кариерата преку фар натпревар, не преку партија или по партиски или етнички клуч, глад за култура и меѓусебна почит и однесување, за длабоки дебати на ТВ, за јазикот наш литературен, за модата, модерното и модернизмот, за културата за убав и течен збор, не за навреди со ниски и празни удари, за образовани новинари, за квалитетни медиуми, за брзи лекарски прегледи и лечење, за добар спорт и резултати, за добри песни, музика и уметност што ќе не направат вистински горди.

Гладот е страшна работа, таа не само што го гризе стомакот и омалаксува, таа го урива достоинството, понижува, го меле и го изобличува мозокот, човека го претвора во неговата спротивност, го тера на лудачки однесување, на виткање на р’бетот. Ако земеме предвид дека 400 илјади македонски граѓани (22%) се борат да преживеат, односно се соочуваат со глад, за каква здрава нација имаме право да зборуваме. Фала му на Бога што и овој памет што ни остана не држи вака. Народот, што и да направи, има алиби за тоа, во ставката „глад“. Ако не му верувате на текстов, консултирајте стручни лица, или прочитајте ја книгата „Глад“ од норвешкиот писател, нобеловец, Кнут Хамсун, за еден новинар/писател, кому гладот му ги парализира неговите креативни можности и дарби и цел живот не успева да се одлепи од таа пијавица што му ја цица крвта. Тој не успева да го оствари својот животен сон, да ја доврши со пишување драмата што ја почнал, да го уновчи својот труд и конечно да фати чекор и ритам со животот кој никого не чека.

Сепак, имаме право да се надеваме дека од гладот ќе се спасиме во некој неочекуван момент со едноставно качување на некој брод што ќе не однесе далеку од татковината. Засега никаде едра на видикот .