Македонски Телеком ja затвори 2024 година со успешни резултати, испорачувајќи конзистентен раст во текот на целата година. Ова е резултат на успешното работење, фокусот на модернизација и ширење на мрежната инфраструктура и пионерство во имплементација на новите технологии со цел најдобро корисничко искуство - стои во Образложението за минатогодишната работа на Македонски телеком АД Скопје. 

 

Приходите од продажбата се поголеми за два проценти, а оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBIDTA) бележи зголемување од 0,3 проценти споредено со истиот период во претходната година. Нето добивката е зголемена за дури 7,6 проценти, а вкупните капитални инвестиции (CAPEX) на крајот од 2024 година изнесуваат 2,286 милиони денари.

Најголемата гигабитна мрежа

-Постојаните вложувања во мрежната инфраструктура и најновите технологии, како што информираат од Телеком, го зајакнуваат статусот на најдобра мрежа. „Остануваме лидери во покриеност со оптика и денес имаме 344 илјади пристапи до оптика, што е за 9,6 проценти повеќе споредено со истиот период од претходната година. Нашата 5G мрежа е достапна за 93 проценти од населението во Македонија со гигабитни брзини во речиси сите градови. Повторно ја освоивме престижната Ookla® награда за најдобра мрежа. Резултатите покажаа најголема брзина на мобилната и на фиксната мрежа, како и најдобар квалитет на мобилната мрежа.“ 

Број 1 за корисниците 

Од Телеком посочуваат и дека трендот на зголемување на бројот на корисници во сите сегменти се должи на фокусот на супериорно корисничко искуство. Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,5 проценти и изнесува 218 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,7 проценти.

Во фиксната телефонија, и понатаму имаат водечка позиција со удел на пазарот од 62,2 проценти и 233 илјади корисници. Во мобилниот сегмент, уделот на пазарот е 48,1 процент со стабилна база од 1,28 милиони корисници.  

Првата дигитална програма за наградување и поволности за корисниците, Magenta Moments, како што е забележано во образложението, достигна 280 илјади корисници. 

„Остануваме број 1 во Македонија според TRI*M индексот за мерење на задоволството на корисниците, како и според Love Brand индексот, што е резултат на нашата посветеност да обезбедиме многу повеќе од комуникациски услуги за приватните и за деловните корисници.“

Одговорност кон општеството и животната средина 

И во 2024 година од Телеком велат дека активно работеле на еднакво дигитално општество и намалување на штетните влијанија врз животната средина. -Преку проекти за намалување на дигиталниот јаз и еднакво дигитално општество, допревме до речиси 33 500 илјади корисници. И годинава ја продолживме еко-акцијата за собирање и рециклирање стари уреди и собравме над 6.2 тони отпад од елекрична и електронска опрема, како и 9 600 стари уреди. Придонесуваме за намалување на штетните емисии на CO2, со тоа што сме како компанија CO2 неутрални. Нашиот тим го движи прогресот и оваа година сме прогласени за најпосакуван работодавач меѓу телекомуникациските компании на национално ниво и го имаме престижниот сертификат Employer Partner “, стои во објавата од компанијата.

За постигнатиот успех во 2024 година, телекомци велат: „Ова е наша долгорочна стратегија и дел од нашата ESG агенда којашто ќе продолжиме да ја следиме и во наредните години“.