Петнаесет македонски фирми оваа година ќе ги изложат своите производи на 4-тиот Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, а официјалната делегација ќе биде предводена од заменик министерот за економија Марјан Ристески.

Според најавите, учесници од Северна Македонија ќе има на речиси сите форуми кои се организираат на овој значаен настан.

 

На саемот, според информации од Министерството за економија, ќе учествуваат компаниите Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица, Техногума, а ќе бидат презентирани и вината на Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово. Македонските вина веќе се присутни на кинескиот пазар.

Заменик министерот за економија Ристески, заедно со претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, стопанските комори и компаниите, ќе присуствува на отворањето на саемската манифестација, а во попладневните часови по локално време ќе има средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, Линг Џи (Ling Ji).

Како што јави известувачот на МИА, темата на овогодишната саемска манифестација е „Нова визија за иднината“ и таа претставува важна платформа за зајакнување и проширување на соработката, но и можност за презентација на производи од земјите на Централна и Источна Европа кои би можеле да се извезуваат и да се најдат на кинескиот пазар. “Ова е добра можност и компании и бизнисмени од други земји да ги вкусат и да ги видат нашите производи.”

Кина е четврта земја по ред со која Република Северна Македонија остварува најголем обем на размена со светот. Според податоците од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во 2024 година сме извезле производи со вкупна вредност од само 56,740 американски долари, додека увозот од Кина бил 1,165,780 американски долари. Во 2023 година извозот бил 112,339 американски долари, а кај нас се увезени производи со вкупна вредност од 1,083. 920 американски долари.

Намерата е да се вложат напори за што повеќе македонски производи да се извезуваат на овој милионски пазар со огромен потенцијал, а со тоа и да се намали дефицитот во трговската размена кој е огромен и од година во година се зголемува.

Северна Македонија во Кина извезува вино, мермер, травертин, алабастер, варовнички камен, фероникел, индустриски и лабораториски печки, машини со посебни функции, апарати за заштита на електрични коли. Увезуваме памук, индустриски машини, полиетиленски влакна, тракови на стаклени влакна, валани производи, челик, електроника, стоки за широка потрошувачка (кикирики, конзервирани домати, млечна, винска, лимунска киселина) гуми за автобуси и камиони, шперплочи, камења за споменици и градби, керамички плочки, машини за климатизација, трицикли и тротинети итн.

Хуманоидни роботи и иновациска технологија

Официјалното отворање на 4-тиот Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа е утре (22 мај) во претпладневните часови, по што се планирани форуми за економија и трговија, сесии за инвестициски промоции, како и програма за културна размена. Меѓу нив се Дијалогот за соработката царините, инспекциите и карантините, Заеднички состанок на стопанските комори, Форум на градоначалници, но и Медиумска дебата, на која ќе учествуваат претставници на повеќе медиуми и здруженија од земјите од ЦИЕ, Кина и други земји.

Дополнителни настани вклучуваат „Hi-Go CEEC“ малопродажни промотивни активности, посебно претставување на Словачка и Словенија почесни земји учеснички на саемот, Сесија за меѓусебно поврзување на потенцијални инвеститори од Кина и земјите од ЦИЕ, Форум за поврзува на млади таленти во технологијата, Меѓународна регата и туристичка промоција, кулинарски настан и меѓу другите настани поврзани со трговија, инвестиции и култура.

На саемот во Нингбо, како што најавуваат кинеските медиуми, домаќинот ќе ја презентира својата технолошка сила. За прв пат ќе има саемски дел „Digital&Intelligent CEEC“. Водечките кинески компании како Shanghai Zhiyuan Robotics и Beijing Xingdong Era, заедно со компании од Жеџијанг, како што се Unitree, DeepSeek и Lingban Technology, ќе прикажат хуманоидни роботи, четвороноги роботи и технологии за AR интеракција. Локалните иноватори од Нингбо, вклучувајќи го Иновацискиот центар за хуманоидни роботи на Жеџијанг, Институтот за истражување Junpu и Emergen, исто така ќе се приклучат, прикажувајќи повеќе од 10 хуманоидни роботи и други иновативни проекти.

Од земјите од Централна и Источна Европа, унгарскиот голем мултисензорен VR парк ќе ги однесе посетителите во дигиталниот свет, а се најавува дека словенечкиот Pipistrel, кој се смета за глобален лидер во електричните авиони, дека ќе презентира лесни и високо перформансни модели. Унгарската „Magical Wall“ ќе му овозможи на аудиториумот да ја истражува унгарската историја и култура спојувајќи технологија со културна интеракција.

На саемот кој се простира на 20.000 метри квадратни ќе бидат претставени преку 8.000 производи од повеќе од 400 изложувачи од 14 земји од ЦЕИ и девет други европски држави, а се очекуваат 15,000 професионални учесници. Исто така на изложбен простор од 60,000 метри квадратни ќе бидат претставени преку илјада компании со над 3,000 прекуокеански купувачи од 72 земји и региони.

Соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа датира од 2012 година. Покрај Северна Македонија, во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Грција, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија.

Оттогаш Кина станува клучен трговски партнер на земјите од Централна и Источна Европа. Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦИЕ изнесувала 142,3 милијарди долари. Во овие земји минатата година Кина извезла производи во вкупна вредноста од 111, 1 милијарди долари, додека увозот од овие земји извесува само 31, 2 милијарди долари.

Соработка преку 50 платформи 

Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦИЕ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦИЕ изнесувале 24 милијарди долари.

Во изминатите 13 години во рамки на оваа соработка воспоставени се преку 50 платформи за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во повеќе од 20 области вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите, финансиите, транспортната инфраструктура, скајтеч иновациите, енергетиката, културата, туризмот, образование, медиумите, соработка на локално ниво, надзор и карантин, здравство, и шумарство со повеќе од 500 практични мерки кои веќе се спроведуваат, информираат од кинеското Министерство за надворешни работи.

Преку оваа соработка се реализираат или се завршени повеќе инфраструктурни проекти, како железничката пруга Белград-Будимпешта, Пристаништето во Пиреа (Piraeus), мостот Пељешац во Хрватска, HBIS Железарата во Смедерово- Србија, автопатот Север – Југ во Црна Гора и ветерниот парк Ивовик во БиХ. Кај нас завршен е автопатот Миладиновци – Штип, а на Кичево – Охрид се уште се работи.

Во рамките на оваа соработка преку инвестициски фонд беше овозможена специјална кредитна линија од 10 милијарди долари за земјите од ЦИЕ.

Кина дозволи увоз на преку 200 категории на храна, земјоделски производи и друго од земјите од ЦИЕ. Овозможени се преку 50 карго летови неделно до земјите од ЦИЕ, а исто така се зголемува и бројот на кинески туристи кои ги посетуваат овие европски земји, меѓу кои и нашата. Кина исто така започна и со воведување на визни олеснувања.