Опцијата за четиридневна работна недела, ја прифаќаат се повеќе земји во светот. Но,  Македонија, засега нема капацитет за вакво радикално работно решение. Сѐ уште тешко и паѓа и спроведувањето на неделата како неработен ден, а не пак и натамошни бенефиции за работниците, дотолку што стопанствениците дополнително се оптоварени со енергетската криза. Но, за разлика од нас, четиридневната работна недела е на тест во многу држави, и тоа од една страна како услов за заштеда на енергија, а од друга и задоволство и поголема продуктивност кај вработените.   

Лидер во креирањето на овој нов работен систем во Европа е Исланд. Оваа држава го започна најголемиот пилот тест уште во 2015 година. Студијата за 35-часовна работна недела била успешна, така што денес речиси 90 отсто од работоспособното население работи со скратено работно време.

Експериментот за  четиридневната работна недела бил опишан како „исклучително успешен“ и од компании во Обединетото Кралство кои спровеле шестмесечна проба. Тие сега планираат оваа практиката да ја направат редовна. Граѓаните на Шкотска пак, очекуваат владата да препорача намалување на работното време за 20 проценти, без губење на платите, на почетокот на Новата 2023 година.

Во моментов пилот студии за скратена работна недела се спроведуваат и во Белгија,  Шпанија, Велс, Германија, Нов Зеланд...

Според анализите за спроведените студии, скратената работна недела носи помалку стрес за вработените, а синдромот на исцрпеност бил се поретка појава. Додека, позитивни резултати се забележани во ефективноста, ефикасноста и зголемување на продуктивноста.

 Прво стандард, па потоа четиридневна работна недела

За разлика од западните земји, во Македонија сѐ уште нема вакво размислување. Како сега стојат работите скратената работна недела не само што не е атрактивна за домашните стопанственици, туку воопшто не се споменува ниту како идеја, како експеримент во одредени сектори.

Како на ова гледаат македонските бизнисмени и како ние да се преструктурираме во овој поглед, се обиде да објасни Глигор Бишев, актуелен претседател на Советот за унапредување на образованието и стратешки истражувања при Стопанската комора. Според него, принципиелно, на долг рок, воведувањето на автоматизацијата, вештачка интелигенција, дигитализација, ќе биде основа за зголемување на продуктивноста. И сите немануелни активности што се извршуваат, ќе бидат преземени од роботи. Тој процес засега затајува, поради што нема подлога за спроведување на скратена работна недела. Конкретно, Бишев тоа го објаснува преку еден пример:

„Ако денес ја споредиме Македонија со Германија, разликата е во тоа што Германија може да ја поминеме без да застанеме на ниту една наплатна станица. На целата нејзина територија нема кој да ти точи бензин, во маркети сами ги куцате производите. Од тој аспект, Германија направила инфраструктура и технологија која и овозможува да воведе четиридневна работна недела, без да го намали домашниот БДП.

Не е прашање колкава е работната недела, клучното прашање е како вие да обезбедите БДП и стандардот да расте. Ако тоа може да го обезбедите со три работни дена, вие тоа го правите бидејќи немате намалување на животниот стандард. Ако со намалување на работната недела имате пад на производство, пад на БДП, на животниот стандард, значи националната економија нема инфраструктура да го одржи тоа производство и тој раст со други методи и други начини на работа. И најверојатно, овие три дена ќе дојдат и во Македонија, но ние мора да сме организирани и да имаме подобра инфраструктура, подобар пристап до услугите. Значи, 35 проценти од продажбата во САД е преку дигиталните канали. Овој процент во Македонија е само шест проценти. Кај нас населението уште сака непосредно да пазари. Имајќи го предвид таквиот начин, мислам дека клучното прашање за Македонија е како прво да успееме да стигнеме до континуирана примена на дигиталните канали на продажба, да достигнеме стандард што е во високоразвиените земји. Кога ќе ги земеме банкарските услуги, 50 до 60 проценти во високоразвиените земји одат преку дигиталните канали. Во Германија, САД, Швајцарија, тешко да најдете толку филијали како што имаме во Македонија. Тоа најверојатно е еден процес којшто не се случува преку ноќ, туку за тоа е потребна едукација на населението, склоностите, навиките. И ден денес во Македонија зборуваме колку пари чува населението во готовина, дома, и ако тоа го споредиме со земјите од ЕУ, ќе видиме дека имаме голема дискрапанца. А тоа не е само заради технологиите, туку и културолошките навики на живеење, однесувањето и слично,“ образложува  Бишев.

 Од друга страна според некои анализи четиридневната работна недела повеќе соодветствува за големите индустрии. Така што од тој аспект ова не може да се имплементира во малите и микрокомпании –кои доминираат во нашиот бизнис сектор. За стопанство од типот и големина на македонското, како што повеќето е застапено и во регионов, значи компании со 10 до 15 луѓе, скратената работна недела ќе ја наруши  нивната специфична работа.

 Во услови на глобална економска криза без направени анализи и истражувања, спроведување на ваков концепт не е можен, категорични се претставници од повеќе здруженија на мали и средни претпријатија. Тие сметаат дека евентуално во земјава може да се направи пилот проект со скратена работна недела од четири работни дена во одредени дејности за да се види како тоа ќе се одрази во одреден период врз економско финансиските параметри. Како сега стојат работите стопанските и другите правни субјекти засега не се спремни четиридневната работна недела да профункционира во пракса, затоа што земјава е со низок стандард за разлика од европските држави.