Македонија останува сериозна дестинација за германските инвеститори, е порака од вториот бизнис настан Suppliers Balkan Expo- SUBEX, што се одржа денес во Скопје во организација на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија (АХК).
„Најновите случувања во Европа и светот доведоа до сериозни нарушувања во стопанството, кое секојдневно се соочува со предизвици како последица на војната во Украина која сериозно го наруши европскиот синџир на снабдување, но и екстремно ги зголеми цените на енергија и енергенси“, истакна Директорката на АХК, Антје Ванделт.
Во потрагата по стабилни компании добавувачи, но и пазари за инвестирање каде европските компании може да ги префрлат своите производствени капацитети во фокус е Балканот. Во таа насока постои голем интерес за нашата држава. Тоа го потврдуваат и бројките од меѓусебната соработка. Така извозот од Македонија во Германија е зголемен за повеќе од трипати во последните 10 години и денес достигнува 4,8 милијарди евра. Во последните две години, повеќето германски инвеститори кои веќе работат во земјата енормно ги проширија своите производствени капацитети.
SUBEX - можност за поддршка на домашните стопанственици
Додека претходно германските инвеститори претежно беа од автомобилската индустрија сега има се поголема диверзификација. Новите германски инвеститори се од други сектори, како што е најсовремено производство на батерии, текстил, кабли и медицинска опрема.
„Сметаме дека настан како SUBEX е одлична можност да се даде поддршка на домашните стопанственици од преработувачка и ИТК индустрија, овие два дена ќе се одржат седум панели, повеќе од 250 Б2Бсредби, саем за компании изложувачи и саем за кариерен развој и вработување“, изјави Ванделт.
Таа додаде дека земјава нуди мошне интересни услови за инвеститорите и додаде дека тоа е една од причините заради кои германските инвеститори носат одлуки токму тука да ги префрлат своите фабрики и да реинвестираат, наместо во својата татковина.
„ Последниве две години, речиси сите германски инвеститори во Македонија реинвестираа во своите капацитети тука. Тие работат на проекти кои се долгорочни што значи дека сега сработуваат проекти кои ќе траат пет или четири години. Заради тоа Северна Македонија е мошне интересна како пазар за инвестирање и реинвестирање“, рече Ванделт.
Цел на овој бизнис настан е поврзување на домашните компании добавувачи од металната, електро, ИТ, текстилна, дрвна и прехранбена индустрија од Северна Македонија со компании купувачи од Германија, Романија, Албанија, Косово, Србија, Белгија и Австрија.
Германија - наш најголем трговски партнер
Во изминатите години македонските компании се соочуваа со предизвици при изнаоѓање на нови партнери за извоз, како и за проширување на своите бизнис активности надвор од границите на својата земја и регионот.
„Северна Македонија прави големи напори со институциите да овозможи најдобри услови за работа на македонскиот пазар. Најважно од се е компаниите кои ќе решат да иневстираат во Северна Македонија да имаат предвидлива бизнис клима. Во насока на понатамошна поддршка на развојот на индустријата, диверзификација на производството и зголемување на извозот Владата нуди поголем сет на мерки, како мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, мерки преку програмите на министерство за економија за поддршка на преработувачка индустрија и МСП, мерки од фонд за иновации и сл. Следни активности во кои е вклучено министерството, а треба да имаат позитивно влијание врз понатамошна поддршка и поттик на фирмите во нивниот раст и развој се паметната специјализација, со фокус на соработка во наука и бизнис во поддршка на истражување, развој и иновации согласно потребите на бизнисот и извозна стртаегија како стратешка рамка за поддршка на фирмите во извозна споремност и извозна промоција“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој посочи дека рецесијата во Германија секако ќе се одрази на нашата економија бидејќи токму Германија е наш најголем трговски партнер. Затоа рече дека „паралелно работиме во делот на диверзификација на секторите и веќе немаме германски инвеститори само во делот на автомобилската индустрија, туку и од други сектори каде има развој како што се производството на батерии кое има нагорен раст и побарувачка на глобално ниво.“ И додаде:
„Прогнозите за развој на нашата економија се позитивни. Убеден сум дека со мерките кои ги носи Владата до крајот на годинава бројките и податоците ќе бидат уште повисоки, изјави Бектеши.
Германскиот заменик-амбасадор Ото Граф истакна дека Германија и Северна Македонија се силни бизнис партнери.
„Германските инвестиции на почетокот на годинава најчесто беа во делот на автомобилскиот сектор. Сега е тешко да се најде соодветна работна сила и затоа големите инвеститори веќе не инвестираат. На нивно место доаѓаат помалите инвеститори кои можат да најдат работна сила со соодветни вештини. Мислам дека тоа е добра можност за инвестирање бидејќи овозможува диверзификација на индустријата, рече Граф.
Посочи дека сега во земјава има и германски компании во делот на технологијата за производство на батерии кои дури вршат истражувања и развој, има компании кои инвестираат во медицинскиот сектор, во микс од медицинскиот и текстилниот сектор,…
„Сега имаме многу можности и е време за напредок, а токму SUBEX е многу добра платформа за да се најдат локални добавувачи, бидејќи инвестициите најмногу се поврзуваат со локалната економија, порача Граф.