Марина Анчевска веќе 16 години го води првиот акредитиран и сертифициран Центар за личен развој во Македонија. Таа по 17 години живеење во Холандија се враќа во Македонија со цел да се поттикне личниот развој на раководните структури во компаниите и сега вели дека таа цел е остварена: „Поминаа секакви профили на луѓе кои сакаа да направат лична трансформација на индивидуално и професионално ниво. По поминувањето на овие тренинзи промената кај луѓето е евидентна, се надградуваат себе си. Повратниот фит бек покажува позитивни резултати.
Анчевска за себе вели: Јас сум НЛП мастер тренер, меѓутоа тоа ми е базата, основата со која јас се идентификувам себе си е системски коуч. Водам луѓе и компании низ процес на трансформација. И додава: јас сум прв акредитиран системски коуч сертифициран на Балканот во Англиската асоцијација.
Системски НЛП со холистички пристап
Анчевска објаснува дека програмата на системски НЛП се спроведува со холистички пристап, што претставува повисок степен од класичниот НЛП (Невро-лингвистичко програмирање) е најпознатиот комуникациски модел во светот, односно методологија која ја проучува комуникацијата со самиот себе со цел да се мотивираме и да ја постигнеме целта, но и да оствариме добра комуникација со луѓето околу нас.
- Холистичкиот пристап во основа е менталниот имунитет- како се носиме со предизвици, проблеми, конфликти и воопшто како ние реагираме на околината, на другите луѓе – тоа е тоа менталното поле. Начинот на размислување, како креираме мисли, што размислуваме, колку тие мисли ни се корисни или не. Нашата когнитивна интелигенција. НЛП е фантастично за менталното поле, каде откриваме што има под тие лимитирачки убедувања.
Друго поле на кое се работи во системскиот НЛП, вели Анчевска, - е полето на телото, затоа што физиологијата е поврзана со начинот на размислување. Се што процесираме како информација, истото, и телото го процесира како информација. Меѓутоа, нашето тело памти се. Тоа значи дека некои ситуации од минатото, од детството, кои не погодиле, исплашиле и сме ги доживеале како трауматично искуство, можно е секој нареден пат кога некој ќе реагира на ист начин, лицето да ја добие истата реакција во телото. Сите наши несвесни процеси се рефлектираат во телото.
Затоа се работи на тоа како телото реагира, што ние покажуваме кога разговараме со луѓето. Тоа е несвесно, нема правило, нема генерализација, како на пример, ако некој ги скрсти рацете додека разговара, не значи дека се затвора. Сѐ е индивидуално.
-Системскиот НЛП, продолжува Анчевска, го опфаќа и полето на енергија, која сите ја чувствуваме, без разлика во каков простор се наоѓаме. Секогаш постои некаква сензација во однос на енергијата. Важен сегмент од нашето секојдневие е како ние ги доживуваме луѓето кога сме во интеракција со нив и како да ги натераме да не сослушаат. Енергијата не може никој да ти ја земе ако не му ја дадеш. Во полето на енергијата се и емоциите. Можеби емоцијата што се покажува во даден момент не е соодветна, туку покажува нешто од минатото и затоа на одреден настап реагираме емотивно.Тоа е таа свесност-емоционалната интелигенција.
Полето на енергија ги опфаќа и времето и парите. Секојдневно слушаме како луѓето велат: немам време, немам енергија, немам пари. Ние, овие делови ги водиме на некој начин како сме ментално програмирани и како нашето тело реагира на тоа. Тие не може да се одделат едно од друго. Се зависи од тоа како ние ги вреднуваме работите што сакаме да ги правиме. Ако нешто ми е важно, веднаш ќе најдам време- приоритет. Но тој приоритет на несвесно ниво некогаш не е приоритет, иако ние го ставаме на прво место. Времето како поим, како енергија не се троши. Ние го вложуваме ама несвесно. Ако се размисли во што го вложуваш, тоа може следниот пат да вроди свесност за трошење на времето во позитивни или негативни работи. Зборуваме за освестување, што е тоа што јас го правам, а не ми ги носи посакуваните резултати. Тука ги ставаме и парите. Дали парите ги инвестираш или ги трошиш? Која ти е целта? Најбитниот сегмент на пр. ако кажеме немам пари, зависи за што (не зборуваме за основните потреби). Ако пушиш, возиш кола – значи имаш и пари. Тоа е приоритет. Ако немаш пари можеш да одиш со велосипед, пешки, со градски. Дали ќе купиш пет парчиња облека што еднаш ќе ги облечеш или ќе ги инвестираш во личен развој или нешто што ти причинува долгорочно задоволство – тоа е исто, детално образложува оваа успешна соговорничка како системски коуч.
Значи како се носиме, како реагираме, како се однесуваме, во што инвестираме време, пари и енергија, како комуницираме – се е личен избор, заклучува Анчевска.
Емоциите или ги јадеш или те јадат
Според програмата на системскиот НЛП има уште еден важен сегмент во полето на енергијата, храната. Нашата соговорничка вели: што ставаме во уста, телото ќе го изеде-какви мисли да ставаме во нашиот ум, исто ќе ги изеде. Свесноста за тоа со што го храниме телото, умот и емоциите е тоа или ги јадеш емоциите или тие те јадат тебе. Нема друга филозофија околу тоа.
Најважното поле од сите овие, вели Анчевска е полето на душата. -Тоа е она што јас го работам- системски, а не класичен НЛП. Полето на душата се нашите семејни системи –начинот на кој размислувам, односот спрема парите, храната, енергијата. Односот со моето тело, се е поврзано со програмите и обрасците на системот од каде што доаѓаме: мајка ми, татко ми, дедовци, баби во позадина. Сите семејства поминале низ одредени тешкотии, а начинот како се справуваме со нив го креираат тој некаков ментален образец или програма, која ја претставува моморијата на системот на којшто припаѓам. Често пати луѓето велат дека не можат да се сменат: ‘такви сме ние во семејството’. Но, треба да знаат дека таа личност не е тоа, иако е дел од тоа, затоа што нивните предци живееле во друго време имале друг вид образование, друг начин на живеење.
Овој системски пристап дава една многу поголема слика за тоа зошто мене ми се случува – погледни назад, што си направил за да го одржиш балансот во семејството. Ние сме лојални деца... Сите реагираме според односот на родителите еден спрема друг, односот на семејството, како нашите родители биле емотивно достапни. Замисли да не се. Детето сѐ ќе направи само за да добие внимание, да биде видено, слушнато. И насилството кај децата е рефлексија од невнимание на нивните родители. Но што и да е, и тие родители не го прават тоа намерно и тие доаѓаат од семејство, каде за да се справат со тоа креирале некаква стратегија за преживување.
Детето е само резултат на тоа што се случува во семејството. Не постојат лоши, невоспитани, глупави деца. Децата се само одлика на тоа што се случува во семејството. И тоа е најважниот сегмент од системскиот НЛП“, нагласува Анчевска.
И продолжува со својата анализа: „Кога ние ќе ги видиме динамиките, заплетите во семејството од каде доаѓаме и ќе најдеме разбирање за нивните трауми, загуби начинот на нивното однесување, поради справување со тие трауми и загуби, се е полесно. Бидејќи секој од нас има некаква несвесна улога во системот во којшто припаѓа.
И зошто го зборувам ова? Затоа што сите ние улогите што ги носиме од семејството ги носиме и на работа. И во компаниите луѓето треба да се освестат да видат што е тоа што го живеат сѐ уште од своето семејство а веќе не им користи.“
Во процесот на работа, опишува Анчевска, системски го кастрам лидерот. Сѐ додека не се видат улогите од семејниот систем, не може да се направи долгорочна промена, се би било краткорочно. Бидејќи личноста може ќе научи како да комуницира со другите, но ако не го смени пристапот и програмата што ја носи во себе од семејството, и пред најмал проблем ќе се врати на старото. Кога има некоја ситуација за решавање, тогаш несвесно излегува таа улога. Има луѓе кои се повлекуваат, некои веднаш бараат решение, други велат не е до мене (преземаат улога на жртва), а некои одма прават баланс. Секој различно, и сето тоа зависи од тоа што ние сме правеле во нашиот семеен систем за да го одржиме во баланс.
Баланс во тимскиот систем
Кога се работи со луѓе од компаниите, не е важно кој си, која ти е хиерархиската позиција, туку кој си ти за тимскиот систем да го одржиш во баланс. Меѓутоа баланс за некои луѓе значи да се борат, за други кажување на своето мислење, а трети сакаат да ве разберат. Баланс не значи само хармонија, на пр. за оној што се чувствува како жртва, значи да им ја даде одговорноста на другите.
Тоа се измешани работи, затоа велам дека во Македонија не можеш луѓето да ги развиваш само когнитивно, да учат нови техники, туку искуствено треба да поминат низ процес, наречен личен развој. И тоа не е некоја психодрама. Кога работам со луѓе од компании, користам интересни практични вежби преку кои тие искуствено создаваат работи за себе, а не мора да ги споделуваат, затоа што содржината не е важна туку структурата. Кога ќе застанеш на местото на својата улога во компанијата во којашто си, и ако го ставиш твојот менаџер пред тебе е едно доживување, ако го ставиш зад себе е друго. Ако го ставиш лево или десно од себе е пак сосема поинакво доживување. Се зависи од тоа колку блиску личноста го доживува претпоставениот. Во која големина е во однос на менаџерот. Тоа е најважното.
На прашањето, какво е искуството со вработени од институциите, каков е нивниот интерес за личен развој (бидејќи постојано се изложени на јавна критика), Анчевска е јасна: „За жал нема интерес. Иако, мене всушност тоа ми беше првичната идеја. Кога се вратив од Холандија, преку Министерството за образование предложив да се направат програми за образовниот процес, со цел да се обучи целиот образовен кадар. Сметам дека токму наставниот кадар треба да биде освестен, да знаат како да им го пренесат знаењето на децата, да имаат различен пристап, на кое дете што му треба. Во Холандија, Министерството за образование има фондови преку кои сите вработени во образовниот сектор можат бесплатно да го посетат НЛП тренингот. Во тој период додека работев во Холандиија 90 отсто од посетителите беа пратени од институциите, само 10 отсто лично инвестираа. Кај нас е обратно, 10 отсто доаѓаат преку компаниите, а 90 отсто се лични инвестиции.
НЛП не нуди равенка. Пристапот е субјективен, и преку изучување на соодветни програми и вештини сами ќе си ја најдете својата равенка за личен развој и за начинот како ќе се поставите и во компанијата и во личниот живот. Се е избор – се е субјективно доживување на реалноста. Емоцијата е избор. Од нас зависи колку долго ќе останеме во таа емоција.
-Јас за главна професија го одбрав системскиот коуч, бидејќи сметам дека луѓето имаат потреба да се информираат, да знаат од каде потекнуваат, што се случувало во семејството, да имаат почит кон предците, поради кои постоиме. Но, не мора да ги носиме нивните трауми, програми и убедувања, треба да се ослободиме од нив заради следните поколенија. Тоа што сме го зеле и го живееме, го даваме на нашите деца, и тие пак се оптоварени и си го носат тој товар.
Исто е и во компанијата, ако во неа се случуваат грешни потези, загуби, се помнат. Тоа е меморија која останува на временската линија на компанијата и влијае на луѓето. Ако некој од компанијата е избркан на лош начин, тоа место станува проблем. Секој нареден што ќе дојде на тоа место несвесно ја чувствува динамиката.