На денешен ден, 1-ви јуни, пред 85 години во Сараево беше роден еден од најголемите актери во поранешна Југославија – Беким Фехмиу. Југословенскиот актер, подеднакво важен и за Албанците, и за Србите.

Првите, со гордост го истакнуваат неговото име, бидејќи и тој самиот, каде и да се наоѓаше во светот, гордо ја истакнуваше својата национална припадност.

Вторите, бидејќи најголемиот дел од својот живот и својата кариера го мина во Белград, каде на 15-ти јуни 2010-та година, во својот стан изврши самоубиство.

Некое време пред трагичниот чин, Фехмиу заради здравствените проблеми беше оневозможен сам да се грижи за себе, па посегнување по животот што го направи се смета за чин со кој сакаше да престане измачувањето, оти не сакаше понатаму никому да му пречи во животот.

Според негова желба, посмртните останки на Беким Фехмиу беа кремирани, а пепелта расфрлена по реката Бистрица во Призрен, каде ги мина безгрижните детски години, иако е роден во Сараево.

Своето детство, најблиските, животот со многу љубов и почитување во патријахално албанско семејство, го опиша во првиот дел од автобиографската книга „Блиставо и страшно“.

Веројатно една од најубавите автобиографии објавени на овие простори.

Првиот дел завршува со годината на неговото запишување на Драмската академија во Белград.

Во вториот дел, објавен постхумно, по неговата смрт, Фехмиу пишува за средина на 50-те години на XX век, за првите успеси во театарот и на филмот, блескавата интернационална кариера, со каква ретко кој од поширокиот регион би можел да се пофали.

Сепак, на крајот на книгата, а крајот делото го краси, Фехмиу пишува и за политичките случувања пред распадот на Југославија, искажувајќи го својот гнев и субјективен став и видување за случувањата, што е сосема во ред, иако го нарушува севкупниот филинг кој го остави автобиографијата, особено првиот дел.

И, ако тој би можел да се дефинира како „Блескаво“, вториот комотно би можел да биде заведен под поимот „Страшно“.

Нејсе...

Фехмиу беше првиот источноевропски актер кој играше во Холивуд за време на Студената војна. Тој важеше за еден од најдобрите актери во југословенската кинематографија.

Беше голема ѕвезда во поранешна Југославија во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Се прослави во култниот „Скупљачи перја“, и во низа други. Играше и во други делови на Европа, особено во Италија.

Беким Фехмиу имаше долгогодишен договор со италијанскиот режисер Дин Де Лаурентис, а соработуваше со и со Џон Хјустон, Оливија де Хавиланд, Ава Гарднер, Дирк Богард, Шарл Азнавур и други.

Се обиде и во американската кинематографија, но не беше добро прифатен од американската публика. Според некои критичари, тој не ја одигра добро својата улога во американскиот филм „Авантуристи“ (1971), што наводно му ги уништило шансите да се пробие во Холивуд.


Некои американски критичари ги опишуваат „Авантуристи“ како филм што „не успеа да го направи Фехмиу меѓународна ѕвезда.

Од јавниот живот се повлече на сопствена иницијатива во 1987 година, „во знак на протест против анти-албанската пропаганда“.

Беше оженет со колешката, актерката Бранка Петриќ, со која имаше два сина - Хедон и Улис. Улис (1968) исто така се занимава со глума.

Фехмиу зборуваше неколку јазици, кои вклучуваат: српски, албански, македонски, турски, ромски, шпански, англиски, француски и италијански...

***


(Илустрацијата која го разубавува овој текст е дело на Зоран Кардула, кој со своите илустрации, полека станува ликовен хроничар на нашето време.)