„Форум за културните рути на Советот на Европа во функција на развојот на културниот туризам“, е настан којшто се одржа денес во Скопје. Во рамките на овој форум беа презентирани културните рути во кои е вклучена и Македонија: „Рута на Св. Кирил и Методиј“, „Винска рута-Итер Витис“ и „Рута на римски иператори и Дунавска винска рута“.

Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој се обрати на отворањето на форумот,- културните рути не се само туристички патеки. Тие се патишта на вредности, дијалог, споделено наследство и европско заедништво. Затоа Форумот е одлична можност за дискусија, размена на идеи, мислења и искуства со експерти и учесници од различни сфери за идниот развој на оваа област.
„Со повеќе од 40 сертифицирани рути, Советот на Европа ни покажува како културата може да биде мост – меѓу историјата и современоста, меѓу локалното и глобалното, меѓу народите и нациите.
– Овие рути не само што ги облагородуваат туристичките понуди, туку го поттикнуваат одржливиот развој, го зајакнуваат локалниот идентитет и го ангажираат секој поединец да биде активен учесник во културниот процес. Република Македонија, како земја што веќе активно учествува во „Рутата на Свети Кирил и Методиј“, „Винската рута Итер Витис“ и „Рутата на римските императори и Дунавската винска рута“, преку своето исклучително богато и разнолико културно наследство, има значаен потенцијал не само да биде дел од оваа мрежа, туку и да придонесе како рамноправен креатор на нови иницијативи, нагласи министерот.
Наша обврска е да ги истакнеме и презентираме вредностите со кои располагаме – од античките траги до современите културни практики, од духовното наследство до живата традиција“, рече Љутков.
Министерот потенцираше дека Културните рути на Советот на Европа се важен инструмент за развој на културниот туризам, кој ќе го зголеми интересот за нашата држава како дестинација и ќе придонесе за зајакнување на економијата преку туризмот.
Токму од тие причини, овој форум како што рече министерот- го гледам како отворена покана – да ги споделиме идеите, да соработуваме, да размислуваме стратешки и креативно. Да создадеме културни рути што нема само да ги водат туристите, туку ќе ги носат вредностите на нашите заедници низ Европа.
Пораката од форумот е нашето културно наследство да не биде само нешто, што го чуваме во витрините и книгите. Напротив, тоа да биде нешто што го живееме, што го споделуваме и преку што ја раскажуваме нашата вистинска приказна пред светот.