„Органска трпеза“, 8. Меѓународен саем на органски и традиционални производи и „АгроМак“, 4.Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработка и годинава се одржуваат последниот викенд во септември во Куманово. Практично и годинава од 26 до 28 септември двете значајни манифестации по осми пат ќе ги обединат вредните луѓе од земјоделството, прехранбената и преработувачката индустрија, органското производство и руралниот развој, не само од Македонија, туку и од целиот регион.
.

-Овие саеми, како што вели Претседател на Организацискиот одбор на двата саеми, Драган Цветковиќ, - се настани со душа – создадени за сите што со љубов ја обработуваат земјата, чуваат рецепти на предците, развиваат иновации или преработуваат храна со личен печат и автентичен вкус. Без разлика дали произведувате чаеви, мелеми, зимници, производи од диворастечки растенија, или пак се дел од сериозната агроиндустрија – ова е место каде вашата приказна добива глас и видливост.“
Според Цветковиќ, саемите се можност за:
- Промоција на локалните производи и активности пред широка домашна и странска публика,
- Остварување на нови партнерства и деловни контакти,
- Поврзување со купувачи, добавувачи и партнери,
- Размена на искуства, знаења и добри практики,
- Активно вклучување во заедничката слика на развојот на земјоделството, руралниот туризам и органското производство.
- Јакнење на регионалната соработка во агро-прехранбениот сектор.
Годинава по прв пат „Готвење на отворен оган “
Тој додава дека и годинава очекуваат силно и обединето домашно присуство кое ќе ја покаже нашата посветеност, квалитет и традиција.
И двете саемски манифестации веќе се препознатливи во регионот па и годинава ќе присуствуваат изложувачи од: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија и Бугарија.
Во рамки на тридневната саемска програма ќе се одржи и гастрономската манифестација со натпреварувачки карактер „ Дојди ми на трпезу 2025“ за која ќе се доделат наградите: Златна сукаљка, Сребрена сукаљка и Бронзена сукаљка.
За приемот, подготовка на кулинарската маса за гостите од соседните држави ќе се погрижат учениците од средното угостителско училиште „Лазар Таневски“.
Годинава за прв пат ќе се одржи натпревар во готвење на отворен оган „Кумановски Мудијада“ во организација со Асоцијацијата на шефови на готвачите на Србија и Кулинарската федерација на Србија, предводена од шеф-витезот на кулинарството Радован Субин, а во подготовката на специјалитетите ќе учествува и Зоран Живковиќ, член на „Витези на кулинарството“.
Одржувањето на овој натпревар уследи по победата на македонскиот тим, Адут ГВН со кулинарска иновација на легендарниот светски бренд „Мудријада“ (што се одржа на крајот на август во село Луњевица, во Горни Милановац) каде добија престижна награда и пехар за најуникатен рецепт во 21- годишната историја на манифестацијата- уникатно јадење – бели бубрези подготвени со шарено гравче. Овој голем успех практично ја донесе дозволата од авторот и стручниот совет на „Мудијада“ да се прошири програмата на саемот на „АгроМак 2025“ со новите содржини, натпревар за „Готвење на отворен оган“ за која се пријавени осум екипи со пет кувари.
Форуми на знаење, иновации и традиција
Овие настани се развиваат во вистински форуми на знаење, иновации и традиција, каде што производителите, компаниите, научните институции, инвеститорите и граѓаните имаат можност да разменат искуства, да презентираат најнови достигнувања и да ја афирмираат вредноста на органското и одржливо земјоделство.
Саемските манифестации од ваков вид се добра можност за зголемување на свеста за важноста на здравите навики, зачувувањето на биодиверзитетот и примената на новите технологии во земјоделството.
И двата саеми се организирани од Здружението за развој на земјоделството и заштита на животната средина „Живот“, Комората на органски производители на Македонија-КОП и компанијата „Адут ГВН“ од Куманово, а под покровителство на Општина Куманово и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.