
Како што сега стојат работиве, концертите и нормален живот полека се враќаат во Македонија.
- Од крај на јули Авалон ги враќа концертите во Македонија. А, 2022-ра ќе биде историски најјака со големи светски концерти – објави првиот човек на „Авалон“ – Бобан Милошески на фејсбук-страната на неговата промотерска компанија.
Секако, и други продукции со иста намера не седат со скрстени раце. Прашање на денот е кога ќе бидат објавени првите ивенти.
Веќе пишувавме дека фестивалот „Здраво Млади“ полека го промовира актуелново издание, додека мало поместување на одржувањето го има OFFest...
- Имено, годинешното јубилејно 20. издание на OFFest нема да се одржи во планираните термини во јуни (2-6).
Единствена причина за одложувањето на веќе подготвената фестивалска програма е доцнењето на договорот и придружната документација (а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс) од Министерството за култура.
Ова е прв ваков случај во историјата на OFFest, како и на постариот Скопски џез фестивал, на кој искрено се надеваме дека нема да му се случи нешто слично.
Новите термини на OFFest се 9-13 ноември 2021. Фестивалот, годинава со значително скратен буџет, во најголем дел, ќе ја зачува веќе подготвената програма, првично предвидена за реализација во јуни, со истото планирано фестивалско отворање - концертот на модерниот фадо дует Lina_ Raül Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов.
Овој проект, кој лани кулминираше со албумот „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat), своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо легенда Amália Rodrigues, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година.
Во рамките на првата фестивалска вечер на OFFest 2021, ќе биде прикажан и документарниот филм "The Art of Amália" посветен на кралицата на португалското фадо Amália Rodrigues – објави дирекцијата на Скопје џез фестивал, под чии закрила постои OFFest.
Во неодамнешното интервју за „Анторис“ – Зоран Вуловиќ од белградската продукција „Long Play“ зборуваше за враќање на концертите, со посебен акцент на „Арсенал фест“, кој се одржува во Крагуевац, и важи за мини „Егзит“.
„Егзит“, пак, брои ситно до актуелново издание „Егзит 2.0“ (8-11 јули), кое, кога влезниците се во прашање, ќе можат да се купат и со крипто-валута. Па, кој има биткоини, еве каде може да ги потроши.
Во Хрватска, пак, на големо се подготвува уште едно издание на „CMC фестивал“, кој традиционално се одржува во Водице. Оваа година на 11 и 12 јуни.

Песните, 50 потенцијални хита, редовно се во програмата на гордиот медиумски спонзор на фестивалот – „Анторис радио“.
Што се однесува, пак, до нашите актуелни ѕвезди, и нивните настапи, со своите концерти почнува Влатко Стефановски, кој конечно, со своето ново Трио ќе го промовира музичкиот бестселер „Тафталиџе Shuffle“.
По долга пауза поради пандемијата, концерти на регионални музичари повторно ќе се одржат во Белград. Влатко Стефановски ќе настапи на сцената на паркот Ташмајдан на 30 јули.
Почитувајќи ги епидемиолошките мерки, Дирекцијата на Ташмајдан ќе започне да ги отвора портите за посетителите кои сакаат добар звук во јули.
Гитаристот, пејач и композитор Влатко Стефановски и V3 Trio ќе одржат концерт на 30 јули за ограничен број луѓе, почитувајќи ги сите мерки против пандемијата и препораките дадени од Владата на Србија.

Основачот на познатата рок група „Леб и сол“, има многу успешна соло кариера.
Стефановски претходно ќе настапи на 4 јули во Палиќ, а во Белград најпрво ќе свири на 3 јуни во Комбанк дворана, на Гитар Арт Фестивал.
Поп-пејачот Масимо Савиќ, кој исто така се подготвува за Белград, вели дека со нетрпение ќека конечно да може да се дружи со публиката, на 31 јули на Ташмајдан, под отворено небо.

- Јас и мојот бенд сме веќе подготвени и со нетрпение очекуваме да размениме енергија и емоции. Си недостасувавме едни на други?! - запраша популарниот пејач.
По големиот хит „Мали круг великих људи“, Масимо неодамна објави нова песна „Путујемо и кад стојимо“, која беше инспирирана од неодамнешните земјотреси во Хрватска.
После Ташмајдан, Масимо ќе има концерт во Палиќ на 2 август...

