Култниот српски класик „Кој тоа таму пее“ („Ко то тамо пева“, 1980) на режисерот Слободан Шијан и сценаристот Душан Ковачевиќ, а во продукција на Центар филм, по изборот во официјалната програма „Кан класик“ на Канскиот филмски фестивал од минатата година, ги освои киносалите ширум Франција во тековната 2021-ва.

Дигитално реставрираната верзија на ремек-делото, прогласено за најдобар српски и најдобар југословенски филм, беше прикажана во 12 кина низ целата земја на денот на отворањето на француските кина, веднаш по lockdown-от.


Култното остварување ги урива рекордите како класик надвор од англиското говорно подрачје, со над 3.000 гледачи за само 3 недели прикажувања, и го продолжува патот на освојување на европската публика во над 50 кина резервирани за следниот период во Франција.

„Кој тоа таму пее“, 40 години по премиерата на најпрестижниот филмски фестивал во светот, каде ја освои наградата на публика, во 2020 година беше избран во програмата „Кан класик“, која претставува ретроспектива на најзначајните достигнувања во историјата на Канскиот филмски фестивал.


Комичната, живописна сага „Кој тоа таму пее“, започнува во една селска „недојдија“, од каде, во 1941 година, ден пред германскиот напад врз Југославија, група луѓе тргнаа кон Белград со трошен автобус на компанијата „Крстиќ и Син“. Стариот, „распаднат“ автобус со неговите необични и чудни патници е комична слика на епохата во распаѓање, крај на светот кој ќе исчезне во експлозија и пламен.

Во повеќекратно наградуваната сатирична комедија во режија на Слободан Шијан, улогите им беа доверени на доајените на југословенската глума, Павле Вујисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Миќа Томиќ, Драган Николиќ, Неда Арнериќ, Славко Штимац, Ташко Начиќ и Борислав Стјепановиќ.


- Повторното препознавањето на култниот класик пред филмското платно на една европска земја е победа за делото на Шијан и српската кинематографија, која и понатаму знае како да освои различна публика. Филмската уметност е моќно оружје што го олеснува запознавањето и нуди заеднички јазик за новите генерации – вели Јадранка Блануша, продуцент и директор на Центар филм.


Филмот „Кој тоа таму пее “ беше дигитално реставриран во одделот за дигитализација и дигитална реставрација на Кинотеката на Југославија.