Има една стара гатанка која вели: „Што значи - еден иде сите нае..ле?“ Одговорот е: „Келнерот“! Кратка ама поучна, секогаш на крајот на ручекот доаѓа келнерот да наплати. Според проценките, државата на околу 1500 компании им должи сума од 250 до 300 милиони евра. Штом стопанственците дигнаа глас и ја повикаа државата да им го врати ДДВ-то, значи дека веќе не можат да ја кријат државата, за која секогаш се фалеа дека им е партенер и при секоја промена на власта, на која до вчера и беа лојални и љубезни, и’ вртеа грб и со свечени костуми ја пречекуваа новата во големата сала на Стопанската комора за да се запознаат со новиот премиер, кокетирајќи со него со надеж дека ќе ги земе предвид при доделувањето на тендерите. Деновие читаме дека само 10 фирми во последните пет години добиле државни тендери во вредност од 1 милијарда и 280 милиони евра. Сигурно се тие што секогаш седат во првиот ред во салата на Комората.

Тоа што претседателот на Комората му дава дозвола на премерот да седне или да стане, тоа е само глума пред новинарите, инаку секогаш е главен премиерот, нема тука...

Но, компаниите алармираат дека веќе им е нарушена  ликвидноста. Странските партенри за кои работи текситлната индустрија, и тоа исклучиво „лон“, не чекаат, веданш ќе си најдат нови партнери, а нашите работници ќе го фатат возот за Германија. Пак ли ќе се бара некоја субвнеција од државниот буџет, во кој парите се собираат со стапка на ДДВ од 18% и повластена од 5%, а сите други даноци со стапка од 10%, со проектиран буџетски дефицит за идната година од 4% од БДП и самоволно трошење во интерес на опстанокот на коалициите?

Ова даночна шема ја инсатлира власта која се расфлаше со парите за изградба на камени чудовишта и стиропор во „СК 2014“, која на странските инвеститори им дозволи да остваруваат екстра профит на сметка на нашата евтина работна сила.  Концесиите за рудниците исто така не мораат да се плаќаат, кој знае кај плаќаат, а и важно ни е да кажаме кој фирми работат на наш терен. Е, сега, дојде време келнерот да тргне да го наплати цехот за тој рамен данок, кој создава постојано зголемување на буџетскиот дефицит, а не обратно. Кога економистите предупредува дека данокот не може да биде ист за сите, туку треба да има оданочување на богатството за да се намалува разликата меѓу богатите и сиромашните, која кај нас е слична на разликата во јужноамериканските системи, сите мочеа!? Затоа што тоа се однесуваше токму на таа елита и затоа тој предлог не дојде на дневен ред. Во тој момент се заборавија европските приципи на рамноправност на почитување на човековите права - да имаат сите за леб. Да, и ние имаме ресорно министерство и социјални фондови, но тоа е далеку од можноста за задоволување на барем поглемиот дел од потребите на сиромаштијата.

Во Европа, во која божем сакаме да влеземе, а изгледа не сакаме, има многу квлитетни примери на даночни системи кои наместо дефицит, во буџетот „калапат“ суфицит.

Според студијата на „Tax Foundation“, даноците од 20 отсто на Естонија на корпоративниот профит и личниот доход и данокот на имот, што е поврзан со вредноста на земјиштето, а не со инвестициите, и доделува водечка позиција за ефективноста на даночните системи во Европа.

„Капиталот е многу подвижен. Бизнисите можат да изберат да инвестираат во кој било број земји ширум светот за да најдат највисока стапка на поврат“, се вели во извештајот.

Францускиот премиер Мишел Барние неодамна објави дека владата ќе собере милијарди евра со зголемување на даноците на големите бизниси и на богатите, бидејќи се обидува да го намали дефицитот на земјата – меѓу највисоките во блокот – во согласност со правилата на ЕУ. Во Шведска граѓаните плаќаат данок на доход по стапки 30% до 55%.

Чешка ја подигна својата корпоративна даночна стапка од 19% на 21%.

Развиените земји во рамките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) веќе се согласија дека добивката на големите корпорации треба да се оданочува со минимален данок од 15%. Има уште многу за набројување…

Македонија собира околу 17 насто од бруто домашниот производ во даночни приходи, што е многу помалку во однос на земјите од ЕУ во кои процентот изнсува 25-50.

Се разбира дека кај нас не можат да се замислат толкави даночни стапки, затоа што секое нарушување на сегашниот систем ќе предизвика турбуленции. Но, како инаку да се  намали раликата меѓу екстрмно богатитие и сиромашните.

По толку долг период на даночка комоција, речиси е невозможно и многу ризично би било зголемување на даноците. Сиромашните ќе излезе на протести, а богатите ќе ја урант власта со тоа што веќе нема да ја финасираат со парите од тендерите.

Иселувањето е огромно, нема веќе од каде да се зафаќа, бројот на фирмите исто така се намалува, тие мака мачат да ја исплатат минималната плата административно пропишана, или ако ја исполнат законската одредба, ќе бидат принудени да отпуштат половина од вработените.

Тоа што популистички не се земаше од богатите сега мора да се плати.

Кога ќе дојде келнерот, се знае кој ќе плати, тој што секогаш и за се’ плаќа, ама не е свесен за тоа, туку се чувствува гордо, иако камчето во новиот чевел веќе му направило рана. Се разбира дека ќе молчи, зашто од многу викање и гордост, засипна.

Келнерот е тргнат и по другите маси на кои глумиме дипломатија, а заостанавме зад Албанија, глумиме одбрана, која, да не беше под контрола на НАТО досега МК ќе беше распукана како Шар Планина, на улица можете да бидете претапани и вие да испаднете „криви“, знамиња на друга држава – најголамата немоќ, глумиме економија – кажуваме дека имаме поголем раст од Словенија, а не кажуваме дека просечната нето плата во август оваа година таму изнесувала 1500 евра, глумиме земјоделство, а немаме храна, енергетика - а имаме субвенционирана цена на струјата која деновиве поскапува, наука за која одовјуваме само 0,3% од БДП во годината, уметност и култура, а речиси и да не произведуваме нова...

Но, не возбудувајте се, додека има луѓе ќе има и пари, келнерот ќе ја заврши смената, следната - ќе дојде друг со чиста кошула и со свежа насмевка на лицето.