Дали во последно време сте се наишле во ситуација кога се обидувате да најдете нешто на Google, но едноставно не можете? Како да треба да си вистински махер за да најдеш некоја информација. И не, не мора да бидете махер и веројатно не правите ништо лошо. Ако ова ви се случило, можеби сте биле сведоци на она што некои го нарекуваат тренд на намалување на корисничкото искуството за големите технолошки компании.

За што се работи? Имено, корисниците на Google се повеќе се жалат дека не можат да го најдат тоа што им треба преку пребарувачот. Едноставното пребарување што го направи Google да биде вистински сезнајко, се чини, веќе не е толку едноставно. Наместо она што би го очекувале, резултатите од пребарувањето се повеќе стануваат спонзорирани врски или содржина со низок квалитет.

И ова не е единствениот случај. Google не е единствениот технолошки гигант чии корисници стануваат се помалку задоволни. Фејсбук, кој првично беше создаден како веб-страница за пронаоѓање и поврзување со пријателите, постојано ги преплавува фејсбуковите корисници со спонзорирана содржина. И корисниците на Амазон се жалат дека стана невозможно да се најде квалитетниот производ што го сакаат, бидејќи страницата наместо тоа ги носи до производи со низок квалитет од продавачи кои очигледно знаат како функционира системот.

Поради сето ова, се отвора прашањето што се случува со оригиналните производи на технолошките гиганти и дали тие заборавиле на важноста на корисничкото искуство?

Занемарување на основниот производ

Google, Amazon, Meta и други технолошки компании се чини дека во последно време ја тестираат толеранцијата на нивните корисници. Па, наместо да се обидуваат значително да иновираат и да ги подобрат корисничките услуги што ги пружаат, тие трчаат по краткорочни модни трендови кои немаат никаква врска со оригиналниот производ. Во 2000-тите и раните 2010-ти, технолошките компании всушност произведуваа нови, интересни производи. Тие ни го олеснија животот со претворање на нашите телефони од едноставни уреди за двонасочна комуникација во паметни помагала кои се секогаш со нас.

Но, во последниве години, бројот на нови онлајн корисници е намален, па технолошките компании се борат да најдат друг магичен мотор за раст кој ќе го повтори експлозивниот раст од претходните години. И во тој процес, многу од тие фирми целосно ја напуштија својата првична мисија.

Во некои случаи, фирмите решија целосно да ги напуштат идеите што ги направија познати во очајнички обид да ја вратат важноста. Најдобар пример за тоа е Мета, која се прослави под името Фејсбук. Мета стана најуспешната компанија за социјални медиуми, бидејќи беше релативно едноставен и атрактивен начин пеку кој луѓето ги следат своите пријатели. Но, со текот на годините, корисничкото искуство се промени поради премногу спонзорирана содржина и збунувачки алатки за поддршка. Како резултат на тоа, бројот на луѓе кои ги користат апликациите на Facebook е намален, што исто така влијае на приходите.

Така, Фејсбук и Инстаграм се заглавени во бесконечен конфликт помеѓу корисниците кои само сакаат да ја видат содржината на луѓето што всушност ги следат и алгоритмите што им наметнуваат спонзорирана содржина. 

Трчање по трендови

Наместо да ги поттикнува луѓето повторно да сакаат да ги користат нивните производи, Мета одлучи да се фокусира на метаверзумот. Намерата на извршниот директор Марк Закерберг е очигледно да поседува некаков виртуелен простор каде што корисниците се дружат. Но, идејата не вроди со плод, а минатата година компанијата успеа да потроши повеќе од 13 милијарди долари на идејата.

И не се единствените! Во 2021 година, на врвот на возбудата околу метаверзумот, Сатиа Надела, извршен директор на Мајкрософт, изјави дека „откривањето на метаверзумот не може да се прецени“, објави Business Insider. Но, помалку од две години подоцна, компанијата го отпушти речиси целиот тим што работеше на метаверзумот, а потоа го насочи своето внимание кон вештачката интелигенција (AI). Потоа Гугл, кој со години го одложуваше лансирањето на сопствениот четбот од етички причини, објави своја верзија како одговор на потезите на Мајкрософт.

Овие две компании не се единствените кои се обидуваат да скокнат на „АИ возот“. Милијарди долари се пренасочени кон една сосема нова категорија на технологија без никакво вистинско размислување за тоа дали од неа ќе произлезат некои добри производи.

Недостаток на иновации

И зошто е тоа така? Критичарите во текот на приказната истакнуваат дека сите овие фирми навистина не се заинтересирани за корисни иновации или за подобрување на своите производи, туку за привлекување на вниманието на инвеститорите. Нивниот фокус, многумина веруваат, дека повеќе не е на иновации или испорака на услуги, туку на пронаоѓање на доволно добра услуга која потоа можат добро да ја рекламираат. Извршните директори прекумерно вработуваа, а потоа отпуштија илјадници луѓе, промовираа нова технологија само за да го сменат курсот неколку месеци подоцна, сето тоа во обид да привлечат инвеститори, наведува Business Insider.

Сето ова поттикнува една гнила економија - онаа што ја фаворизира илузијата за раст на сметка на реалниот развој. Најголемите технолошки фирми не се охрабруваат да растат преку среќни клиенти или да станат одржливи фирми, туку да имаат фенси бројки што ќе ја зголемат цената на нивните акции.

Крајниот резултат од ова, посочуваат експертите, е вистински недостаток на иновации. Кога компаниите се поттикнати да растат по секоја цена, тие никогаш нема да се одбидуваат да го променат или подобрат светот. (Lider)