-Во основа Pitch е продажна презентација на стартап, продукт, идеја, иновација, истражување, проект...Презентација која поради нејзината конкретна намена би требало да трае од 10 секунди до 15 минути. Односно да биде концизно дизајнирана за да создаде интерес, емоции и на крајот акција кај потенцијалниот вложувач. Всушност и идејата за нејзината подготовка е со цел да иницира кај слушателот заинтересираност да преземе РИЗИК!- објаснува Зоран Стојковски од консултантската организација Proefekt.

Преку Pitch презентацијата имате можност да ја објасните својата мака за она што го работите да кажете со каков проблем се соочувате и да предочите решение со кое би го надминале, притоа не заборавајќи да се претставите - кои сте вие.

„Или, како што вели Стојковски, - тоа е можност да ја покажете тактиката како за неколку секунди да фрлите јадица за да го инспирирате потенцијалниот инвеститор да донесе одлука да инвестира во вашиот проект, односно да го намамите, не со финти туку со предизвик. Бидејќи секоја иновација е ризик- не е сигурно дали ќе се исплати. “

Зошто pitch презентација?

Значи најбитно е како со тоа што вие сте го анализирале, ќе ја презентирате проблематиката, последицата, решението за реализација на својата идеја и кои сте вие – значи кратка, јасна презентација која апсолутно ве носи во конструктивна зона, каде со малку зборови многу ќе каже.“

Тука се наметнува и прашањето: Зошто pitch презентација?- Одговорот, навидум е едноставен, меѓутоа самата презентација има свои специфики, вели нашиот соговорник.

-Задачата е да ги убедите потенцијалните интересенти во успехот на вашиот проект, ефективноста на вашата идеја, релевантноста на вашата технологија. Исто така, јасно е дека за време на pitch сесијата, публиката, односно комисијата (жирито), која ќе се запознае со неколку понудени проекти, треба да одлучи дали вреди да се инвестира во вашиот проект, така што мора да бидете компетитивни!“

Секако pitch презентација, како што објаснува консултантот Стојковски, има можност да се понуди преку различни формати:  учество на конкурс/предизвик; видеоклип; настап во живо на средба; направен профил на стартап платформа...

При тоа pitch презентацијата може да се понуди во неколку видови:

• Elevator pitch – т.н. презентација во лифт ( со траење до една минута), за која советодавците велат дека вашата презентација треба да содржи меѓу седум и 20 зборови. Вака подготвената презентација за вашиот проект најдобро одговара да ја претставите на настани;

 • Pitch презентација за три минути – ја изложувате својата идеја, вклопена во кратка, концизна приказна, вклучувајќи информации за вас, името на проектот, листа на проблеми што треба да се решат, модели на решенија и резултати од имплементацијата на проектот (не се задржувајте на детали и не кажувајте го она што сите веќе го знаат). Не заборавајте дека треба да го изложите во три минути.

• Pitch за финансирање - пожелно е да трае до 10 минути, вели Стојковски. Овој вид на презентацијата вклучува стратегија, анализа на реална ситуација, распоред. Поради тоа потребни се и што е можно повеќе детали, но сепак треба да се задржите само на главните. Секако треба да се подготвите и за одговори на прашањата по презентацијата, што најверојатно слушателите, заинтересираните вложувачи ќе ги постават.

Важни точки во презентацијата

Нашиот соговорник дообјаснува дека Pitch презентацијата треба да исполнува неколку основни чекори.  Пред сѐ треба да е именувана, па потоа редоследно да бидат подредени проблематиката, решението (продуктот или услугата), метрики за растот на бизнис идејата и анализа на пазарот.

Во Pitch презентацијата треба да бидат акцентирани: конкуренцијата, маркетинг стратегијата, финансиите, тимот кој ќе го реализира проектот и секако да има краток заклучок, резиме.

Инаку основните делови на pitch презентацијата се нагласуваат уште при отворањето. А тоа како што објасни консултантот од Проефект значи да се дефинира компанијата во една декларативна реченица, или како што вели: да користете „моќна изјава“ за да објасните како вашиот производ е соодветен за некоја појава или ситуација. Оваа моќна изјава треба да одговори на прашањето „Зошто и дали треба да те слушам?“- прецизира Стојковски.

Основни делови на pitch презентација при отворањето претставуваат и објаснувањата за тоа - Што да се прави? Ова всушност претставува прв јавен настап, ваша шанса да започнете да ја анимирате публиката со вас, со тоа кои сте, што правите и како го правите тоа. Во овој дел на презентацијата не е потребно многу да ги детализирате работите, само изгребете ја површината, вели консултантот  и продолжува:

„Првиот слајд, страница, треба да биде чист и едноставен и да ги содржи вашите информации за контакт. При отворањето на pitch презентацијата не треба да го продавате вашиот производ туку треба да ја продавате вашата компанија. Инвеститорите не го купуваат вашиот производ, тие купуваат бизнис во вашата компанија.

Исто така не треба да ставите премногу информации. Едноставноста и јасноста се клучни. Но, исто така е важен и изборот на компании пред кои ќе ја презентирате вашата идеја, тие треба да се поблиску до вашиот бизнис модел, пазар и релевантност.

За основниот дел на pitch презентација во делот на проблематиката, вие треба да се обидувате да убедите некого дека има вистински проблем. При тоа вашиот аргумент ќе го изградите така што прво ќе бидете сигурни дека слушателите ја разбираат темата. Односно прашањето за кое зборувате и дека тие можат да се поврзат со тоа.

Во основниот дел на pitch презентација треба да ја опишете точката на болка (PAIN POINT), проблем која вашиот производ или услуга се обидува да го реши. Значи некој мора да го разбере проблемот пред да чуе за неговото решавање.

Основи на Pitch презентација

При објаснување на проблемот како основен дел на pitch презентација:  

Дефинирајте ја потребата (убаво е да се има или треба да се има) – во случајот на Beegit, компаниите треба да работат поефикасно како тим за создавање дигитална содржина (т.е. заштеда на време и заштеди на трошоци).

• Дефинирајте ја болката – во случајот на Beegit, тешко е да се управува со содржина создадена од дигитален тим поради дупките во комуникацијата и продуктивноста.

• Дефинирајте го STATUS QUO - како клиентот моментално се справува со проблемот и степенот до кој сегашните решенија го решаваат проблемот“, прецизира консултантот.

Во образложувањето на делот на решението, продуктот или услугата во pitch презентацијата треба да бидете јасни за тоа како функционира вашиот производ во испораката на вредноста. Ако не можете да објасните како вашето решение влијае на решавањето на дадениот проблем во една реченица, тогаш ризикувате да ја збуните вашата публика.

Затоа треба да имате една реченица за секоја вредност за која верувате дека вашиот производ ja испорачува. Што развивате за да намалите или зголемите одредена работа, да појасните кој конкретно ќе има корист од вашето решение.

Ќе имате можност да нурнете подлабоко во тоа „кој“ и колку е присутен на пазарот. Да објаснете како го правите тоа? Кој е „тајниот сос“ зад вашиот производ или услуга? - со конкретен предлог решение и вредност.

Вредноста на вашето решение

Стојковски објаснува дека  при презентацијата треба да се обидете да имате една реченица за секоја вредност за која верувате дека вашиот производ ja испорачува.

Исто така треба и да го потврдите резултатот. Односно да ги објаснете заштедите во однос на пари, време, итн. Можете да зборувате и за задоволство и ефикасност од вашиот производ, за што смета дека ќе добиете најдобар резултат.

Практиката за оваа презентација покажува дека метриките за раст се клучни за стартување во рана фаза. Тоа, како што додава нашиот соговорник, значи дека треба да ја покажете зголемената побарувачка за вашето решение поради заштеда на време, пари или стекнатото внимание.

Во таа насока е и анализата на пазарот: Идентификувајте го вашиот целен пазар. Тука е  важно да покажете голем и отворен пазар за обработка. Идентификувајте го вашиот целен пазар.

Ставете акцент и на конкуренцијата: Наведете ги конкурентите и каде се споредувате во конкурентското опкружување. Без разлика како ќе ја илустрирате оваа точка, секогаш истакнувајте ги уникатните конкурентски предности на вашата компанија за разлика од вашата конкуренција, дециден е консултантот.

Маркетинг стратегија

Маркетингот е од особена важност при pitch презентацијата. Бидејќи ако сте биле успешни во убедувањето на инвеститорите дека постои голема потреба што вашиот производ може да ја реши, овој дел доаѓа како близок втор по важност, вели Стојковски, бидејќи тука почнувате со „возењето по патот“.

-Ова е местото каде што ќе поставите веродостоен план за тоа како ќе го развивате вашиот бизнис и колку долго ќе трае“, уверува нашиот соговорник.

И додава: Вашата pitch презентација ги опфаќа и потребите за финансии. Притоа целта на вашите финансиски прогнози не е да се прават точни проекции, туку точно да бидат насочени и да го артикулираат мисловниот процес зад заклучоците. Затоа треба да ги истакнете ги вашите претпоставки, одредници и метрика што ги генерираат бројките на вашат проекција.

•Препознајте важни одредници /двигатели кои создаваат вредност – клучни вработувања, бета верзија на производи, влез на пазарот, први клиенти, партнери на канали итн. И означете кои одредници треба да се постигнат пред следниот круг на финансирање.

И секако pitch презентацијата ќе биде целосна со претставување на вашиот тим. На крај, важно е да го нагласете прашањето: што да се прави?

•Многу pitch презентации започнуваат и завршуваат со резимирање. Можеби ќе сакате да оставите и простор за одговарање на прашања. Исто така, се предлага да ги дадете вашите информации за контакт на последниот слајд, страница или да ги наведете јавно за публиката да може да ги запише вашите информации за контакт.

Вака Стојковски подробно опиша како и што се треба да содржи Pich презентација за да се дојде до основни или почетни средства за реализација на една бизнис идеја.

Инаку, ПроЕфект е консултантска организација која обезбедува решенија за подобрување на организациска ефективност и унапредување на финансиска одржливост на своите партнери и клиенти, преку поддршка во изнаоѓањето на неповратна финансиска поддршка од донаторските агенции и програми активни во Македоинијa и во регионот на Југоисточна Европа.

Седум совети за подготовка на продажна презентација

1.Одберете ја вистинската публика!

Научете што ги „пали“ Вашите потенцијални инвеститори/ поддржувачи/донатори. Нека во Вашата презентација бидат присутни делови кои се решение на индивидуалните или бизнис целите и потребите на инвеститорите/ целите на донаторите

2. Раскажете ја Вашата приказна !

Покажете како Вашиот бизнис/проект ќе го промени светот. Не се задржувајте многу на детали за сегашноста туку нацртајте како ќе се дуплира сегашната инвестиција/влијанието во постигнувања во иднината

3. Бидете силни !

Пренесете ја Вашата СТРАСТ за бизнис/ работа! Кој проблем решавате во заедницата? Како ќе ги искористите средствата? Кој е Вашиот план и динамика?

4. Бидете едноставни!

Имајте KISS пристап, нека Ве разбере и дете од 10 години во Вашата презентација!

5. Покажете бројки или прототип!

Доколку Вашиот бизнис започнал со продажба (или вашата организација преземала активност) покажете ги бројките за даденото време. Ако не сте во таа фаза покажете симулација, или прототип!

6. Држете го времето на презентација дефинирано и кусо!

Доколку одредите краен рок, можете да им помогнете на инвеститорите / поддржувачите да донесат одлука побрзо

7. Објаснете ја излезната стратегија и наградата!

 Инвеститорите/донаторите сакаат да знаат како ќе изгледа крајот на вашата соработка? (Инвеститорите како ќе ги добијат парите назад и која ќе биде каматата? А донаторите, како ќе се постигне одржливост по завршетокот на финансиите)