
...I svaki kockar dobro zna jednom kad sjedne za stol, tu nema povratka. I svaki junkie dobro zna da postoji šut nakon kojeg nema povratka. Svaki političar zna kakva je to igra i da iz nje nema povratka. Svaki klinac kad stavi gitaru oko vrata dobro zna tu nema više povratka…
Ова е дел од нова, необјавена песна на „Прљаво казалиште“, која ја напиша нивниот број 1 – Јасенко Хоура. Освен новите песни, кои се подготвени, само уште да се снимат, на нивниот нов, се уште неофицијално насловен албум „Prvi bijeg od kuće“, Хоура во последно време е ангажиран и со пишување на биографска книга, во која ќе бидат опишани сите важни мигови кои тој ги поминува со неговиот бенд „Прљаво казалиште“.
„Прљаво казалиште“ се создадени во далечната 1977-ма, па претстојната 2022-ра година би претставувал значаен јубилеј – 45 години активност на сцената, јубилеј со каков ретко кој состав од овие простори би можел да се пофали. Посебно ако се знае дека во кариерата на Јасенко и компанија се се случувало во континуитет, без паузи, распади, и сл...
Зад нив се 14 снимени студиски албуми, еден во подготовка, осум албуми снимени во живо, многу компилативни изданија, синглови, концерти, успеси... Подеми и... Зборот „падови“ во речникот на „Прљаво казалиште“, како да не постои...
Во која е креативната фаза се наоѓа „Прљаво казалиште“ сега? Дали нешто во последните неколку години ве инспирирало или ве испровоцира да го повлечете бендот во студио и да снимате нови песни?
- Секако! За мене е едноставно - кога ќе се вратам дома секогаш нешто пишувам и запишувам. Од моја страна, се е готово. Песните се практично подготвени за снимање...
Точна ли е веста дека пишувате биографија на „Прљаво казалиште“? И, доколку е точно, до каде стасавте?
- Досега завршив со пишување за нашите главни членови.. Пишувам за се што нè поврзува или нè поврзувало, вклучувајќи ја и смешната страна на секој од нас. Како го запознав секој член на групата и што навистина се случуваше зад сцената, за време на нашата работа, снимање албуми, патувања и концерти. Сакам да ја покажам онаа друга, вистинската страна на „Казалиште“, за да ги поништам сите оние приказни во кои луѓето не потценуваа, а понекогаш и не преценуваа. Сакам преку книгата да донесам автентични приказни за нас и нашата работа. Уште на почетокот на пишувањето сфатив дека тоа нема да биде мал залак, бидејќи многу луѓе беа важни за „Казалиште“. Во меѓувреме се се случувало внатре во „бандата“. Во само една година имаше убави, но и тажни ситуации, па имам многу причини се уште еднаш да сумирам и да го ставам на хартија.
Добро е познато дека често преку песни ги искажувавте своите ставови и несогласувања за општествените настани. На пример, тоа се слуша во песните: „Moj dom je Hrvatska“, „Sretan Božić gladna djeco“, „Lupi petama“, Dobro jutro šezdesetosmaši“, „Laku noć tebi Zagrebe“ …
Многу ja сакам песната „Laku noć tebi Zagrebe“. Сакале или не, настаните, работите и времето едноставно ве одредуваат. Затоа во некои моменти функционирате подобро, додека во други не сте најпаметни и мерите дали е добро или не. Кога сме во студио и работиме прилично сме сомнителни и несигурни како луѓе. Колку и да изгледа едноставно, кога ќе излезе песна и секој ќе ja коментира на свој начин, секогаш му претходела фаза на нашата несигурност во која го доведуваме во прашање секој дел од песната. Таа тежина постојано се зголемува.
Впрочем, тој сомнеж и го одржа „Казалиште“ сиве овие години. Без разлика на сите критичари со кои сум добар и немам ништо против критиките, како што минуваат годините мислам дека во нашиот случај нема поголем критичар од самиот бенд. Ние сме многу непријатни критичари во себе, бидејќи сите го знаеме секој тон во песните. Сите членови на бендот размислуваат за песните и навечер, и не се склони да свират нешто што не е добро што не им се допаѓа. Затоа, како што растеше „Казалиште“, јас бев под се поголем притисок, бидејќи секогаш се бараше чекор повеќе...
Иван Беќковиќ