Најголемиот светски државен фонд за богатство бара итна реформа на европските пазари на капитал, вклучително и хармонизација на даночните, стечајните и надзорните правила, за да се осигури дека континентот повеќе нема да заостанува зад САД и Азија во однос на конкурентноста.

 

Норвешкиот нафтен фонд, вреден 1,9 трилиони долари, е најголемиот поединечен сопственик на европските средства. Во просек поседубва 2,5 проценти од секоја котирана компанија на континентот.

Меѓутоа, уделот на европските акции во вкупните средства на фондот се намали од 26 на 15 проценти во последните десет години, главно поради, како што велат, намалената конкурентност во споредба со американските и некои азиски берзи, пишува Seebiz.

„Добро функционирачкиот пазар во Европа е многу важен за нас. Се чини дека во моментов постои чувство на итност кај креаторите на политиките. Го чувствуваме тоа и сме задоволни поради тоа“, изјави за Financial Times Малин Норберг, раководител на пазарните стратегии во фондот.

Фондот неделава ќе испрати одговор на консултациите на Европската комисија за интеграција на пазарот на капитал, наведувајќи дека иницијативата треба да биде поамбициозна и да се справи со подлабоките структурни проблеми што му штетат на континентот и неговите фрагментирани национални пазари.

 Раководителот на пазарни стратегии во Норвешкиот нафтен фонд, Малин Норберг вели: „Добро функционирачкиот пазар во Европа е многу важен за нас.“ © Norges Bank.

„Ја споделуваме загриженоста дека европските пазари со текот на времето заостануваат во однос на деловната динамика и обезбедувањето нови инвестициски можности за институционалните инвеститори“, се наведува во писмото.

„Клучните пречки вклучуваат национални закони за хартии од вредност, корпоративни закони и режими за банкрот што значително се разликуваат меѓу земјите-членки.“

 

Фондот, чии најголеми удели во Европа вклучуваат SAP, ASML, Novo Nordisk, Nestlé и UBS, ги истакна областите каде што сака да види напредок.

Тие вклучуваат намалување на националните разлики во законодавството за хартии од вредност и корпоративното право, како и хармонизирање на режимите за банкрот низ цела Европа; хармонизација на даночните режими, особено во однос на данокот на задршка; и поедноставување на процедурите за издавање долгови.

Се наведува дека ликвидноста на европските акции треба да се подобри преку конкуренција и иновации, а не преку дополнителна регулација, и дека надзорот треба да се унифицира на европско ниво.

Норвешките политичари ја намалија релативната изложеност на фондот кон Европа и ја зголемија неговата алокација кон САД уште во 2012 година, но тој сè уште останува „преекспониран“ на европскиот пазар.