„Завар дизајн“ е компанија од металната индустрија, која произведува радијатори и работи на глобални пазари, а од пред извесно време го презентира и новиот производ – паметен радијатор, иновација развиена во време на корона кризата. Сопственичката и менаџерка на најпознатата компанија за заварување во Македонија, Марта Наумовска Грнарова, вели дека кризата ја искористиле во услови кога одредени процеси за време на ковид-19 биле забавени.

„Развој на производ се планира подолго време. Во нашиот случај беше коинциденција, од сегашна перспектива среќна, за понатаму ќе видиме. Во нашата компанија неколку месеци после ковид, сите извозни проекти беа на пауза. Тоа време го искористивме за обуки и учење. Кондицијата на компанијата мораше да се одржува. Трендовите покажуваат дека денеска се се’ одвива побрзо и комплицирано ако се земат во предвид сите случувања. Но, сигурно дека ниедна компанија нема капацитет на сето ова да одговори инстант. Важно е да се има размислување, капацитет и план за брзо и долгорочно планирање. Иновациите се битен сегмент од една компанија бидејќи ги дефинираат вашата одржливост и иднина. Иновацијата сама по себе значи култура на учење, пристап на производот до нов пазар. Сепак, вашата позиција е многу подобра со нов производ“, вели Наумовска Грнарова.

Како функционира паметниот радијатор?

Паметниот радијатор не е поврзан со централниот систем за греење. Тој може да се додаде кога и да одлучи сопственикот на објектот, бидејќи е пренослив. Паметниот радијатор е штедлив и може да се управува со смарт апликација. Тоа значи дека не мора да работи целодневно, туку исклучиво по потреба.  

Добиените награди на компанијата ја кренала и нејзината вредност. „Завар дизајн“ инвестира и во други проекти, а имаат и патент на годината.

Недостиг на кадар веќе 20 години

Наумовска Грнарова потенцира дека работната сила во металната индустрија е проблем кој трае веќе две декади. И тогаш и сега, на пазарот имало и има побарувачка за заварувачи. Сепак, како што напоменува, во последните години овој тренд е поизразен, не само поради либерализацијата на домашните пазари, туку и поради глобалниот тренд дека ваквата работна сила едноставно ја нема.

„Ние сме обучувале свој кадар сосема неформално, но, во последните пет години не постои некој кој сака да биде обучуван. Таа промена се чувствува драматично“, алармира Наумовска Грнарова.

Таа смета во секоја кризна ситуација треба да се следат трендовите, но, дека компаниите имаат и ограничени ресурси за одговор. Затоа, секогаш мора да се бараат алтернативни решенија. Како што вели Наумовска Грнарова, за секоја компанија е важно да се инвестира во нови производи, нови пазари и во луѓе. Без тие три работи, нејзиниот став е дека е невозможно да се опстои на долг рок.

Иновациите – процес кој мора да се случи

Големите компании станаа свесни дека едноставно, неизоставен процес од работата се иновациите. Според првиот човек на „Завар дизајн“, Фондот за иновации и технолошки развој е само подготовка на компаниите кои сакаат да аплицираат за европските фондови, кои за разлика од домашниот, се повеќе бирократизирани и покомплекски за реализација.

„Пред 10 години, не постоеја консултанти со искуство на реализирани проекти. Беше невозможно да се најдат. Сега, имам впечаток дека критична маса е веќе создадена“, вели таа.  

Здружено претставување на регионално ниво

Во однос на претставувањето на компаниите, смета дека секоја компанија најмногу зависи од продажбата и профитот за позиционирање на компаниите на регионалните пазари.

„Сепак, ние сме мала земја и скапо е да се претставуваме сами. Здружено настапување на саеми и како држава и регионално е од битно значење, бидејќи и самата иновација треба да има инвестиција и да има живот. Компаниите треба да бидат поотворени во комуникација едни со други“, вели Наумовска Грнарова.