Еден многу стар виц од крајот на Народноослободителната војна против фашизмот вели: кога претставниците на новата македонска народна власт тргнале по селата да агитираат за да ја придобијат симпатијата на населението, почнале да ветуваат дека ќе изградат се’ и сешто – патишта, вода, струја, домови на културата, школи..., на забелешката дека во селото нема толку деца за да ги наполнат училниците, говорниците им одговориле – „Па и деца ќе ви направиме“!

Овој виц се однесува на времето од пред точно 80 (осумдест) години, па луѓето од страв од новите власти, од нивниот непознат карактер и намери, како нови управители, молчеле и ниту имало приговор ниту хумор, едноставно чекале работите да течат како што ќе рече судбината, бидејќи македончето за своето преживување, од тогаш до ден денешен, само на таа интуиција се потпира и живее.

Но, чудно е што истата шема, начин и пристап го практикуваат и денешните претенденти за освојување на локалната власт во својата предизборна кампања која на сите им доједе преку глава и во која никој не верува. Ветуваат и тие што ги знаеме и тие што не ги знаеме, кажуваат гачки и фантазии, сурфајќи на претпоставената малоумност на граѓанското избирачко тело. Па така, денес, пред многу поразвиени медиуми од пред 80 години, плус социјалните мрежи, преку кои можеме да го изразиме своето убедување, забелешки, критики и потсмев од крајно нереалните ветувања и глупости на кандидатите за градоначалници, сите тресат од ракав се’ што ќе им падне на памет. Ветуваат градинки, школи, превоз, нови превозни средства, олимписки базени, летечки чинии, подвозници, надвозници, метроа, аеродроми, космодроми, ракети, нуклеарни централи, машни за враќање во иднината, уништување на комарците, 100 милиони ваму, 100 милиони таму, веќе никој не зобурва за ситнеж, се’ се оди на големи цифри, како да секој од тие кандидати ќе има на располагање општински буџет со неограничени средства, со неограничен стручен кадар за да го изведе сето тоа и ќе уживат во комоција на сите четири страни на светот. Никој не кажува од каде пари за сите тие големи и неверојатни таканаречени „проекти“ кога општините тонат во долгови. Еве ви податоци:   

На почетокот на 2025 година, општините имаат доспеан, неплатен долг од речиси 65 милиони евра. Кога ќе се вклучат и јавните претпријатија кои се под општините, нивните сумата значително се зголемува.

Општини со најголема задолженост (доспеани, неплатени обврски)

Тетово~ 8,3 милиони евра, една од најзадолжените општини.

Гостивар ~ 8,3 милиони евра, исто колку и Тетово.

Град Скопје ~ 7,3 милиони евра  

Охрид~ 5,2 милиони евра    

Делчево~ 3,1 милиони евра 

Желино~ 2,3 милиони евра  

Кисела Вода~ 1,7 милиони евра  

Струга околу 1,7 милиони евра   

Василево ~ 1,5 милиони евра      

Аеродром ~ 1,1 милиони евра      

итн.

Сите тие кандидати ветуваат работи што наводно ЌЕ, односно никогаш нема да се реализираат, а не ја кажуваат сегашната состојба на теренот на односната општина и не ги спомнуваат реалните потреби на граѓаните во тие општини. Никој не кажува колкава е потребата на граѓаните од канализација во земјата, што со незапирлива брзина ита кон Европската унија. Податоците велат дека руралните средини се покриени со канализација, заедно со водоводи, само 18 %. Во 2023-та се пласира информација дека околу 34 % од територијата на државата е покриена со канализациона мрежа. Постојат и други проценки кои велат дека „помалку од 30 %“ од територијата има канализациона мрежа.

Според „Development of National Water Study“ (2016):

само околу 77,2 % од урбаното население е поврзано на канализација.

Во однос на целокупната популација на земјата, таа бројка измесува ~ 64 %.

Никој не ја ни спомна гасификацијата и не кажува дека таа, и покрај изграденоста на основната преносна мрежа, никогаш нема да дојде до граѓаните, што е цел и смисла на изградбата на таа мрежа, затоа што тие не се доволно информирани, ниту финансиски моќни, огромен дел од домовите се оставени со затворени капии со тешки катанци.   

Никој не се откажува од службените возила, осносно од луксузот што не е соодветен на успесите и на финасиската моќ на општините.

Според најновите податоци, бројот на службени возила што се пријавени до Регистарот е 6.637. Но, тоа не е целосен број на службени возила за целата држава, бидејќи само околу 42% од институциите (635 од 1.514) ги доставиле податоците. Другите институции сè уште не ги пријавиле своите возила, така што вистинскиот број на службени автомобили е поголем.

Се гледа дека занесот на граѓантие што успеале да се најдат на избирачките листи, во отсуство на други креативни можности, е во правец на основјвање на барем советнико место.

Се обложувам дека на следните локални избори ќе се кандидираат сите што не знаат што да прават со себе, со своето образованите, што немаат начин како да избегаат во странство, што не ги бива да фатат некаква работа, лембети, мрзливци, за да земаат некаков си надомест како членови на советите, партиски лигуши кои знаат и можат да функционираат само во група кои немаат свои идеи и достоинство, па чекаакт да бидат ставени на листа од некоја партија, а често играат и многувалентно со неколку партии, ама тајно, и кодошат во неколку повратни правци.

Овие локални зибори ги сметавме за многу важни, надевајќи се дека ќе го покажат моменталната селика на политикото разполежение на масата, од што ќе зависи одлуката за евентуали предвремени парламентарни избори. Се обложувам дека на следните локални избори ќе ни снема хратија во државните резерви за да се отпечатат сите  имињата на канидатите, а за ветувањата што ќе ги слушаме ми е страв да помислам, но има една утеха: додека не почнат да ветуваат дека ќе ни направат и деца, немаме гајле, ќе издржиме, ние сме издржал многу пострашни работи, па ќе го издржиме и тоа, по цена да јадеме корења.