„Или ум, или Свети Наум“- „Последниве години ни донесоа многу неволји. Главно не навјаса природната сила, стихијата. Но, во овие услови дојде до израз нашата некадарност поуспешно да им се спротивставиме и да не изгубиме толку многу капитал. Да не го доведеме во прашање статусот на веќе етаблирани природни вредности и реткости, како што е статусот на Охридското Езеро.“ Вели Ангел Иванов, хотелиер, основач на првата приватна туристичка агенција во Македонија (Адријатик-Маврово) и иницијатор на многу идеи за развој на македонскиот туризам и за негова промоција во светот.

„Или ум, или Свети Наум“


  • Дали нашата „некадарност“, како што велите, има наши специфични обележја?


-Да имам чувство дека Господ на погрешни луѓе им го има дадено сето тоа природно и културно богатство, езерото и дека еден ден ќе ни го земе и ќе им го даде на некои што можат и умеат подобро да го чуваат.

Во сообраќајот сме дифтари, во урбанизмот хаотични, во институциите ....во се. Претпоследна брука, пред да бидеме зафатени од пожарите, односно бруката со нашиот противпожарен возен парк, е одлагањето за две години на ставањето на Охрид на листата на подрачја во опаснот. Сега, главно, други ни ги гаснат пожарите. Се стекнува впечаток дека други се попаметни и повредни од нас.

„Ерусалим на Балканот“ има 365 цркви?!



  • Грижата за културно наследство?


-Манастирот во Курбиново пропаѓа. Примерот со потопената црква во Маврово е видлив пример за нашата неинвентивност: таа можеше да се „демонтира“ камен по камен, на нејзината основа да се набие тампон, островче, потоа пак да се „состави“. Така, таа црква ќе добиеше атрактивен и романтичен изглед, сличен на амбиентот на Бледското Езеро. Тоа беше мој предлог до владиката Кирил 1989 година... Се собраа пари, се направи нова црква, старата се остави да гние!

  • Охрид и УНЕСКО?


-Не сме дораснати за ниеден дел од тој „пакет“ што ни го оставила природата и културата. Господ ни дал три природни езера и уште 20-тина вештачки. Само на Охридското Езеро имаме ривиера од 80 км, од „Св. Наум“ до Радожда. Црна Гора има 47км, БиХ има два километри ривиера (Неум), единствено Хрватска има илјада километри.

Можевме да направиме Акапулко, ама плански. Трпејца, ни по „100 години“ не стана Ханиоти! Се прави „Охидско лето“, на кое доаѓаат големи уметници, никој од нив не рече „овде ќе дојдам приватно да летувам“. Само куртоазни пофалби и ништо понатаму. Тие одат на други места на кои е поубаво органзииран туристичкиот живот.

„Или ум, или Свети Наум“

Водичите лажат дека во нашиот „Ерусалим на Балканот“ има 365 цркви. Тоа е лага. Никогаш во последниве две илјади години во Охрид немало 365 цркви. Немало повеќе од 30-40 цркви. Секое маало си имало свое црквиче, главната секогаш била „Св. Софија“. Таа црква денеска не е ниту црква, ниту музеј. На вратата има напишано цена ралична - за странци и за домашни! Тоа е своевидна дискриминација, што ги нервира странците, каков е тој резон на различни цени? Луѓето што доаѓаат од органзирани држави се шокирани од таа наша глупост. Не можат да ја сфатат нашата неорганизираност.

Луѓе кога ќе дојдат кај нас се дезориентирани во хаосот


Во црквата „Св. Спас“, во Скопје, носам туристи, Јапонци, влезниците се всушност разгленици од 1968 година... На секој човек што има малку вкус и резон му се крева косата на главата, а не на некој што доаѓа од организирана држава во која сите нешта се подредени и стојат на своето место. Тие луѓе кога ќе дојдат кај нас се дезориентирани во хаосот.

Друг пример: во една пригода водев Јапонци од Скопје до Охрид. Од Скопје до Гостивар има четири патарини. Тоа е пат во должина од 70 километри. Во Светот на една патарина влегуваш, на една излегуваш и плаќаш, не четири на 70 км. За Јапонците тоа е несфатливо, а ние сме навикнати на тоа и не го забележуваме.


  • Колку имаме изгубено со заканата дека Охрид ќе биде ставен на листатата на природни и културни богатства во опасност?


-Најмногу има изгубено јагулата. Езерото е старо четири милиони години. Значи природата ни го чува четири милиони години, за да дојдеме ние и за 50 години да го сотреме. Јагулата по природно-феноменален пат се размножуваа во Саргасовото Море.

Малкумина знаат дека тоа море е кај Карипските Острови (Куба, Јамајка, Хаити..., тоа е Средна Америка) 7,5 илјади километри далеку. Одат одовде и машките и женките. Женкте ги пуштаат икрите, машките ги оплодуваат и умираат. Младите, што се раѓаат во близината на Куба, се враќаат по некој свој инстинкт во Охридското Езеро. Ние тој инстинкт, без око да ни трепне, со завирувањето на Дебарското Езеро, го уништивме.

Значи, нешто што е старо четири милиони години за нас не значи ништо. За споредба ќе ви кажам дека една икона стара 40 години има непроценлива вредност, а не нешто што е старо  милиони години. Во езерото уште има животни и растенија од тој период. Охридското Езеро е единственото во светот низ кое тече река.

Што се однесува до Преспанското, нема ниеден добар хотел на брегот на ова езеро! Дојранското одвај се спаси! 70 насто од територијата на нашата земја е под планини.  Ние имаме „Банско“ и „Боровец“ во дворот, тоа е Пелистер, а одиме во Банско и во Боровец.

Немаме ни природен ни деловен менталитет


На Пелистер има само еден хотел и тоа синдикален, од времето на синдикалните одмаралишта... Значи,  немаме ни природен ни деловен менталитет. Најтрагичното за мене е, тоа што сме опкружени со туристички гиганти, како што се Грција, Бугарија, Хрватска...Ако не ни текнува како треба – препиши! Албанија, земја на милион бункери, стана земја на милион хотели!

Светот не може да го сфати нашето расипништво, па многу пати ни е криво кога за нашето однесување го употебуваат синонимот – дивјаштво! Со голо око се гледа дека не не бива.

Знете ли дека Скопје нема колектор, „водата“ оди дирекно во Солун. Попат нашите земјоделци кај Демир Капија и кај Росоман си наводнуваат.


  • Кога УНЕСКО би го суспендирал статусот на Охрид на заштитено подрачје, каква штета би претрпела репутацијата на Охрид и какви финансики последици би предизвикало тоа?


-Ќе си ја добиеме вистинската етикета. Огромен дел од потенцијалните финансиски приливи ќе секнат, токму поради тоа. Никој не сака да оди во место што и официјално го бие лош глас.

  • Дали странските туристи ќе можат така лесно да го заобиколуваат Свети Наум?


-Името на Црквата во комплексот Свети Наум е „Св. Архангел Михаил“. Манастирскиот комплекс го доби името Свети Наум, по името на просветителот. Порано тој комплекс бил лечилиште за луѓе со ментален хендикеп. Ги носеле Свети Наум, ги лечеле со лековити тревки, со третман за мир и спокој, со совети и со благи зборови, ги превоспитувале.

„Или ум, или Свети Наум“ е измислена поговорка од тоа време. Се разбира дека и овој локалитет ќе изгуби од својата привлечност.


  • Кого треба сега да пратиме во„Св. Наум“?


-Па сите ние, кога не знаеме да се органзираме и од сето тоа богатство што го имаме во рацете, да создадеме ново.

Високоразвиените туристички змеји се слуги на гостинот



  • Дивоградбите?


-Нормално е во дива држава да има дивоградби. Сега веќе не може да се врати состојбата од пред две-три децении. Освен да се појави некој „маж“, домаќин, со бистар ум кој од казните за дивоградбите што ќе ги собере ќе ја среди урбанистичката и еколошката состојба. Но, сега веќе нема можност.

„Или ум, или Свети Наум“, кога не знаеме да се органзираме и од сето тоа богатство што го имаме во рацете, да создадеме ново. А, во бивша Југославија, Охрид беше само „една глава“ подолу од Дубровник,


  • Колку би се зголемил девизниот прилив од туризмот, ако ситуацијата е малку подобра?


-Се разбира дека девизниот прилив би бил многу поголем, ако лошите вести за нашата неорганизираност не се шират со толкава брзина. Ние мислиме дека и покрај сите тие недостатоци, странските туристи ни гледаат низ прсти. Не! Зошто да ни гледаат низ прсти? За своите пари тие во соседството, или на некоја друга светска дестинација, добиваат многу повеќе задоволства, услуги и убавини.

Високоразвиените туристички змеји се слуги на гостинот, тие работат за неговото задоволство и на тој начин собираат голем девизен приход и тоа не со огромни маржи како нашите угостители во главниот туристички регион.

Земјите со развиен туризам имаат филозофија на масовност, со мали маржи, тоа значи многу гости- мала маржа, ама голема заработка. Па Грција од една сезона инкасира повеќе од 50 милијарди долари. Хрватска е нешто под оваа бројка итн. Златибор прави два милиони ноќевања годишно. Три милиони ноќевања годишно прави Дубровник.

Во бивша Југославија, Охрид беше само „една глава“ подолу од Дубровник, зашто секој странски пакет предвидуваше посета и на Дубровник и на Охрид. Сега ја искористивме „слободата“ и направивме хаос. Преспанското езеро може да прави промет барем половина од охридскиот туризам. Ако го помножиш тоа со 50 години ќе видиш колку имаме изгубено.


„Адријатик – Маврово“, првата приватна туристичка агенција во Македонија



  • Имато на вашиот хотел е „Адријатик-Маврово“, вашата туристичка агенција го носеше истото име. Идејата беше создавање туристичка врска Јадран – Маврово. Дали постои уште таа врска?


-2013 година од министерството за економија добив награда за најголем „ин-каминг“ оператор таа година. Тогаш донесов, Јапонци, Тајванци и туристи од други земји од Азија.

Врската, односно размената на туристи со Хрватска функционирше само во рамките на Југославија. Откако се распадна Југославија, интересот опадна.

Бев шеф на „Далмацијатурист“ шест години. Го отворив претставништвото во октомври 1983, го напуштив мај 1989, за да ја отворам првата приватна туристичка агенција во Македонија „Адријатик – Маврово“, што беше поздравено со телеграма од тогашниот премиер на Југославија, Анте Марковиќ.

Бране Стефановски