
Премиерата на претставата „Диво месо“, според култниот текст на најголемиот македонски драмски писател Горан Стефановски, во режија на Јагош Марковиќ викендов ја воодушеви публиката во Белградскиот драмски театар.
Претставата на Стефановски е петта премиера овој месец на сцената на „Театар на крст“.
Првата изведба на „Диво месо“ беше во 1979 година во Скопје, а оттогаш овој безвременски текст се изведува на просторот на цела поранешна Југославија.
Само три години подоцна, Слободан Унковски сними ТВ-филм во кој играа Љуба Тадиќ, Љиљана Крстиќ, Светозар Цветковиќ...
Уште во најавата беше јасно дека се подготвува сценско чудо во БДП, кога актерите беа видно возбудени да кажат дека никогаш порано не учествувале во сличен театарски чин, а режисерот Марковиќ истакна дека претставата е полна со душа.

Критиките по актуелнава белградска премиера во БДП, се одлични, а најважно од се е што публиката уживаше во бескомпромисен театарски чин.
Претставата зборува на директен, но сепак душевен, словенски и балкански начин за историските циклуси на самоуништување и падот на локалното население под налетот на фашизмот, колонијализмот, бруталните капиталистички норми на глобализацијата, погрешно избрани идеологии и богови.
Првично поставено во пресрет на Втората светска војна, парчето „Диво месо“ е подеднакво актуелно и денес.

Главните улоги ги толкуваат Лане Гутовиќ и Бранка Катиќ, а во ансамблот, кој заради аплаузите не можеше да се симне од сцената, се и: Јово Максиќ, Сандра Бугарски, Лука Грбиќ, Марко Тодоровиќ, Александар Вушковиќ...