Еден од најголемите еколошки проблеми е хемиското загадување. Колку хемикалии, особено штетните, можат да претставуваат ризик за јавната безбедност и потенцијално да предизвикаат незаразни епидемии, открива прим. д-р Елизабета Пауновиќ, поранешна директорка на Европскиот центар за животна средина и здравје на СЗО, пишува српски Дневник.

 

Група синтетички хемикалии кои се произведуваат и се користат во различни индустрии го контаминираат целиот свет, толку многу што дури и дождовницата повеќе не е безбедна. Научните истражувања покажуваат дека во човечкото тело може да се најдат околу 3.600 синтетички хемикалии од материјали што доаѓаат во контакт со храна. Ова го покажаа неодамна објавените резултати од истражувањето за хемикалии што го спровела компанијата „Deep Science Ventures“.

Денес се соочуваме со нов безбедносен проблем, а тоа е хемиската безбедност. Има сè повеќе хемикалии околу нас во храната, облеката, козметиката и на крајот во човечкото тело.

– Овој голем број хемикалии што се наоѓаат денес во нашата животна и работна средина, не смееме да го заборавиме. Изложени сме на нив од моментот на зачнувањето, во текот на целиот наш живот, што претставува голем предизвик за јавното здравје за здравјето на луѓето, но и за биодиверзитетот и за целиот жив свет, бидејќи така циркулираат хемикалиите, објаснува прим. д-р Елизабета Пауновиќ.

Азбест- еден од најмоќните канцерогени материи

Таа образложува дека од огромниот број хемикалии, многу често се случува, (особено во минатото многу повеќе отколку денес, бидејќи се променети и хемиските прописи), кога ќе се синтетизираат и ќе почнат да се користат, да се земат предвид нивните многу позитивни и корисни карактеристики за производство на одредени предмети.

Ваквата примена ја поткрепува и со конкретен пример, хемикалија која дури и не е вештачки синтетизирана, природен минерал – азбест, се користеше како магична супстанца која не е запалива. Меѓутоа, подоцна се откри дека азбестот е еден од најмоќните канцерогени материи.

Истото важи и за синтетизираните хемикалии, со исклучок на тоа што, имајќи го ова предвид, во последните децении, преку хемиска регулатива, меѓународни договори и регулативи, се внимава и се вршат тестови пред хемикалиите да се испуштат во животната средина.

Меѓутоа, вистинските размери, карактеристики и сите негативни ефекти не можат секогаш да се предвидат и антиципираат, нагласува Пауновиќ, затоа ова претставува огромен предизвик за јавното здравје.

Според неа денес, многу внимание се посветува на супстанциите што долго живеат и долго време остануваат во животната средина. Тоа се таканаречените долговечни, биооргански супстанции или таканаречените вечни (полутанти) загадувачи на животната средина. Бидејќи тие остануваат во околината и во нашите тела многу долго време, а потоа нивните ефекти се акумулираат и собираат, и стануваат многу посериозни.

И тефлонот загадувач

Има уште еден интересен пример на кој упатува оваа хемичарка. Таа објаснува дека пред неколку децении многу се користеше вештачки синтетизираната супстанција - тефлон. „Сите имавме тави за пржење кои се сметаа дека имаат одлични квалитети, дека не мора да се користи масло или маст, оти тоа не е здраво. Но, потоа беше откриено дека овие супстанции што ги сочинуваат тефлонските премази и кои имаат огромна примена во индустријата, секако не само во домаќинството, туку и во многу други производи се супстанции таканаречени долготрајни загадувачи – PFAS и тие навистина предизвикуваат низа негативни ефекти, како што се ендокрини нарушувања, што значи влијание врз нашите ендокрини функции, што потоа влијае на сите органи. Од предизвикување, на пример, намалена плодност, до метаболички нарушувања на разни материи, па дури и до ефекти што предизвикуваат малигни заболувања.

Како да се заштитиме?

Пауновиќ вели дека кога се донесуваат регулативи што ги регулираат максимално дозволените концентрации на хемикалии во предмети, на пример, за општа употреба или во храната, или во водата и воздухот што ги дишеме, мора да се земат предвид најчувствителни групи, децата.

Според студија на Светската здравствена организација од 2015 година, а претпоставката е дека ситуацијата не се променила значително до денес, само 30 проценти од земјите во европскиот регион на Светската здравствена организација ги земаат предвид оние вредности што би биле безбедни за децата. Други земји, при донесување регулативи, не обрнуваат внимание на ова.

Постојат голем број меѓународни хемиски договори коишто во последните децении ги применуваат голем број земји. Голем број регулативи има и во ЕУ, како таканаречениот пристап на RIC што претставува контрола на хемикалиите во текот на целиот циклус, од производство, употреба, до отстранување и безбедно уништување како отпад. На овој начин, низ целиот тој циклус здравјето е заштитено на побезбеден начин, особено за почувствителните групи.