Според податоците од  платежната статистика на Народната банка,  и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.

 

Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7 проценти, а вредноста за дури 17,7 отсто. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13 отсто по број и за над 30 проценти по вредност.

Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70 проценти) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.

И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1 отсто, а вредноста за 8,6 проценти. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1 отсто), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6 проценти).

Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.

До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: ? Платежна статистика на Народната банка.