Во време на задолжувањето со унгарскиот кредит, (големо прашање е - дали требаше да се задолжиме со тој кредит, зошто се задолживме и дали каматната стапа е најповолна во споредба со другите можности за задолжување), Македонија ја доби првата транша до 52,4 милиони евра од Инструментот за реформи и раст на Европската унија.

Ова е потврда дека ЕУ се’ уште смета на нас, дека е решена да не’ убеди да го задржиме европскиот курс и дека некој конечно ќе попушти и ќе ja прифати европската преговарачка рамка, што е услов за вистинскиот почеток на преговорите со оваа заедница на напредни држави. 

Македонија е првата земја што ги доби овие средства, тоа е факт, а можеби е и некаков знак, а власта информира дека претходно биле преземени сите неопходни чекори, со што Договорт за заем и Договорот за гранд стапиле во сила.  

24,4 милиони евра од оваа транша се наменети за директна буџетска поддршка, 15 милиони евра се грант, како и 13 милиони евра во форма на заем се префлрени на Фондот за Западниот Балкан. Исто така, земјава ќе бара од Европската комисија 17,1 милион евра за веќе реализираните реформи, а дополнително државата има рок до јуни оваа година, даден од ЕУ, да реализира реформи за кои веќе се предвидени 70,6 милиони евра.

Во текот на четвртиот квартал од 2024 година, надворешниот долг на Македонија изнесуваше 8 милијарди и 767 милиони евра, што претставува 56,8% од БДП за 2024 година.

Бројките се изнеусваат ладнокрвно, без и малку изразена грижа за висината на долгот, кој е многу блиску до ризичната граница на задолжување и до  финансиската (не)стабилност на една земја, а тоа е 60 проценти од БДП. Всушност, македонскиот долг осцилира околу оваа граница, поставена со Договорот од Мастрихт, (потпишан на 7 февруари 1992 година) кој исто така го ограничува нивото на годишниот буџетски дефицит на 3% од бруто домашниот производ (БДП).

Осцилацијата на државниот долг се должи на редовното враќање на кредитните обврски на државата што ги има кон доверителите, надворешни и домашни, но никако не успева да го симне буџетскиот дефицит под границата од 3%, па следуваат нови задолжувања и така во бескрајна неизвесност. За 2025 година нашиот буџетски дефицит е проектиран на 4% од БДП.

Всушност, ако бидеме принципиелни, мораме да признаеме дека на тој план, со ваква фисклана политика, Македонија не може да ги исполни условите да стане членка на Унијата. Но, науката и политиката не одат секогаш во координација, па ние би биле среќни ако и овој критериум не биде ставен како услов пред нас за вистинскиот почеток на преговорите за членство.      

Познато е дека задолжувањето и не е така опасно ако позајмените пари се вложат во профитабилни проекти, кои, на долг, па и на среден, ќе донесат нови финансиски  приноси од кои ќе можат да се враќаат и ратите и каматите и да се инвестира во нови проекти што постепено би го зголемувале економскиот раст, па домашната акономија би се одлепила од незначителните 1,5% - 2% -3% и би влегала во еден постојан развоен колосек.

Но, тоа не се случува со децении, односно, од самото осамостојување како независна држава, до денес. Корутивниот квазиекономски систем не само што не продуцира развој, туку доведува до големи трагедии какви што ни се случија последниве некоку години во кои животот го загубија десетици наши сограѓани.

Најголем дел од парите одат за плати во стерилната државна бирократија.

Во моментов државната каса е полна, имајќи го предвид и унгарскиот кредит од 500 милиони евра во првата транша, а со Унгарија е договорена уште една во исто толкав износ.

Се подготвува ново задолжување. Се преговара за нов заем од половина милијарда евра. Од каде ќе се земат овие пари, дали повторно од Унгарија или од некоја друга држава, васта не дава прецизен одговор.

Фирмите на почетокот на февруари почнаа да конкурираат за парите од унгарскиот кредит, откако Развојната банка ги потпиша договорите со комерцијалните банки за користење на 250те милиони евра за компаниите, а исто толку се наменети за општините како поддршка за општинските проекти.

Реализацијата на кредитите се уште нема прецизни бројки, веројатно поради тоа што банките се’ уште го чешлаат бонитетот на фирмите што аплицирале, затоа што ризикот што им го наметна државата може скапо да ги чини. Имено, пласманот на унгарскиот кредит не беше во договор со комерцјалните банки, а преку кого ако не преку нив, им беше наметнат, можеме слободно да речеме и со политичка репресија, па преговорите за висината на банкарската услуга, што ја покачи цената на каматата, се одвиваше долго и тешко. 

Со доделувањето на гореспоменатата сума пари од  Инструментот за реформи и раст на Европската унија, се гледа уште една политичка димензија на нашта земја и на ставот на нејзините финасиски власти. Секоја финасиска “зависност“ има и своја политичка зависност.

Европските пари се со многу поповолни услови отколку унгарскиот кредит. Освен тоа унгарскиот кредит има мирис на една, можеме слободно да речеме, сецесинонистичка полтиката на нејзиниот лидер, кој само пред некоку дена се закани со напуштање на Европската унија, со намера да го смени политичкиот правец кон исток.

Ако унијата ја гледа Македонија  низ призмата на  унгарксиот кредит, тогаш е навистина чудно као нашава земја прва ја доби траншата од проектот  „Инструментот за реформи и раст на Европската унија“ или тое е уште една понуда за Македонија да го фати европскиот правец и да се ослободи од намерите да тргне во правецот на Орбан.

Единствено толкување е дека Унијата нема да се откаже од намерата балканските земји да ги пикне во своите граници, само што некои, што ја препознаваат вредноста на тоа членство и што знаат да преговарат, одат побргу по тој пат, а тие што се топорат дека се некоја регионална и светска сила, се наоѓаат на опашката, на што укажуваат податоците од сите анализи за тоа кој колку напредува во зададените реформи.