Голем процент од граѓаните, што се „стручни“ за се’, па и за прашањето на глобализацијата, ја оценуваат како штетна и како причина за сите неволји што му е случуваат на човештвото - во меѓународната политика, во економијата, во одбраната, во културата и на секој друг план. Секој се обидува да ја дефинира и секој зборува по своја теорија, настојувајќи од тоа да направи дефиниција. Но таа дефиниција обично се сведува на: „ Гледајте што ни прават Американците!“ Во различноста за давање дефиницја за глобализацијата не се ништо поарни ни експертите; има толку дефиниции колку што има автори, но сите се согласни дека глобализацијата е спонтан историски процес и дека враќањето на економиите во своите „граници“ е невозможно и штетно.

Ако зборуваме за економската глобализација, а не и за глобализмот (тоа се различни поими, глобализмот повеќе  има политичка конотација), теоретичарите, како добитникот на Нобеловата награда за економија од 2011 година, Џозеф Стиглиц (Josep Stiglitz) велат дека „глобализацијата е „поцврста интеграција на земјите и народите до која доаѓа  со уривање на вештачките бариери за протек на стоки, услуги, капитал, знаења и луѓе преку границите“.

Глобализацијата се одвива многу од порано отколку што мислиме. Луѓето, од небрежност или од незнаење, често ги пренебрегнуваат првичните појави, односно почетокот на глобализацијата.  

Глобализацијата, слободно може да се рече дека почнува со ширењето на различните идеи, верувања, вредности, религии во држави кои меѓусебно не се граничат. Како и да е, не може да се пренебрегне фактот дека првите димензии на глобализацијата, пред сè, еколошката и воената, настанале со првите загадувања на животната средина и со ширењето на вооружените судири на одделни континенти меѓу тогашните држави.

Д-р Влатко Пачешкоски, авторот на студијата „Глобална економија“ (2021), првата голема ера на глобализација ја  поврзува со поставувањето на познатиот транс-атлански кабел во далечните 1860ти години и пронаоѓањето на парната машина.

Втората голема ера на глобализацијата почнува од средината на осумдесеттите години на минатиот век, благодарение на технолошката револуција, развојот на меѓународната трговија, интеграцијата на Кина во светското стопанство, но секако и на падот на комунизмот и уривањето на Берлинскиот ѕид, што го означи крајот на блоковската поделба и почетокот на интеграцијата на поранешните комунистички држави во рамките на светската економија.

И во денешно време во кое, иако неофицијално се води војна меѓу обединетиот запад и земја која само воено може да се пофали со својата сила, а не и со силата на економијата, на територијата на трета земја, може да се каже дека глобализацијата не е запрена и никогаш нема да запре, но може да се прегупира во однос на економските релации - дали е тоа во раземната на енергенси или на информатичка технологија. Едноставно тој процес е незапирлив и не може да се врати на своите почетоци.

Живееме во третата голема ера на глобализацијата со ширење на информациони и комуникациони технологии, значителен пад на цените на телекомуникацијата (пред сè, на мобилната телефонија) и компјутерската опрема, ширење на мултинационалните компании и нивна доминација во глобалната економија, но и се поочигледно губење на политичкиот и економскиот суверенитет на државите со доминација на глобалните политички и економски институции.

Во најширока смисла, што се однесува до економското толкување на глобализацијата, може да се забележи дека одделни автори и приоѓаат како на процес на интеграција универзализација на националните стопанства во единствено заедничко светско стопанство чија разлика е новата форма на организација, новиот тип на функционирање и новиот стил на управување со економските текови.

Други автори ја сфаќаат глобализацијата како процес на трансформација на националните стопанства во глобален систем на производство, потрошувачка и размена а распределбата останува дезинтегрирана.

Исто така се среќаваат и мислења дека глобализацијата е процес на формирање интегрален, заеднички пазар, и тоа преку либерализацијата на пазарите на производи/услуги, технологија, труд, капитал и информации. Всушност, глобализацијата претставува постојано растечки процес на интеграција на националните економии што работат во институционален амбиент во кој клучна улога имаат меѓународните трговски и финансиски институции (СТО, ММФ, Светската банка).

Во таа смисла, се истакнуваат сите предности на процесот на глобализацијата:

подобрата алокација и експлоатација на ресурсите со што расте производството, а со тоа и животниот стандард; подобриот пристап до технолошките достигнувања (know how) и нивна дисперзија; подобриот асортиман и квалитет на потрошувачката; подобри и поевтини информации итн.

Во практиката главни носители на процесот на глобализација се развиените земји (особено САД) или, поточно, нивните транснационални компании, односно нивните транснационални банки. Високоразвиените индустриски земји, со својата економска супериорност, успеваат да им го наметнат на останатите земји своето општествено уредување, како и својот модел на раст и развој. Притоа, преку големите компании доаѓа до интеграција на пазарите на производи/услуги и технологија, а банките се користат како поттикнувачка сила на процесот на интеграција на пазарите на капитал. Всушност, најголемиот дел од производството на тие компании се должи на нивните филијали, дисперзирани ширум светот, а на банките им припаѓа доминантниот дел од кредитите на светскиот пазар на капитал.

За глобализацијата и за придобивките од неа, неодамна се изјасни и Народната банка на Македонија. Имено, оценката на нашата централна банка е дека таа појава на светот му има донесено многу придобивки. Преку растечката трговска, финансиска и технолошка интеграција, во последните четири децении зголемен e глобалниот доход, според некои проценки дури за дополнителни 10% од БДП во период од една деценија.

„Тоа особено се забележува кај помалку развиените економии, во кои глобализацијата е движечка сила за доходовната конвергенција и извлекување од сиромаштијa на повеќе од милијарда луѓе, што се согледува од податокот за намалените нивоа на сиромаштија од 43,6% во 1981 година на помалку од 10% во 2019 година. Исто така, глобализацијата е еден од значајните фактори за постигнување забележителен пад на глобалната инфлација во периодот пред пандемијата. Пандемијата и војната во Украина претставуваат значаен тест на глобализацијата. Трошоците од трговската фрагментација, спротивниот процес од глобализацијата, се проценуваат на 0,2% до 7% од глобалниот БДП, а ако трговската фрагментација е проследена и со фрагментација на технологиите  дури и до 12% од БДП. Ефектите од ова се поизразени кај економиите во развој, особено малите економии, кои се зависни од поголемите во поглед на трговија и технологија. Овие движења на глобално ниво се релевантни за економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа во кои  слободното движење на стоки, финансии, технологии и знаење се движечката сила на економскиот раст и на конвергенцијата. Трговската интеграција на оваа група земји во последните две декади влијаела на раст на БДП за дополнителни 40 процентни поени, додека финансиската интеграција придонесла за дополнителни 30 процентни поени во последната деценија“ се вели во оценката на НБРМ

Тие што во економската глобализација гледат опасност, всушност, гледат враќање назад кон почетоците на мануфактрното производство, кон простата стокова размена, кон затворање на економиите во границите на својата територија. Настаните и тековите нив ги оставаат на мрагините, како застапници на деплсирани теории. Бегањето или воздржувањето од голобализацијата може да биде прифатливо само од приврзениците на императивот да се инвестира во сопствената наука, во која Македонија речиси и да не инвестира и затоа е узозно зависна, па потоа преку научните дострели да влезе во глобалните текови со лидерите во светската економија. Тоа е патот што го врви Кина, која се  „заканва“ до 2050 година да има 50 илјади милијарди БДП, оствајќи ја Америка со 38 илјади милијарди долари БДП годишно!

Но, и покрај немилосрдната трка на економско поле, и двата најголеми ривала во денешницава имаат огромни заеднички инвестиции во двата правца. Тоа е трка на два светски економски џина, лути економски ривали, предводнции на актуелата глобализација.