Германската компанија CMBLu започнува со пилот производство на иновативна батерија која е неопходна за складирање на огромни количини зелена енергија. Функционира според примерот на жив организам кој создава енергија од гликоза. 

Во енергетската транзиција, преминот од фосилни во зелени извори на енергија - енергијата на ветерот и сонцето прво ќе ги заменат електраните на јаглен, а потоа и гасните централи. За тоа се неопходни иновативни складишта на енергија кои најчесто се нарекуваат - батерии или акумулатори.

CMBL со седиште во градот Алценау во Баварија

„Природата имаше избор - таа можеше да користи метали или органски молекули за складирање на енергија: таа избра органски соединенија“. Така направивме и ние!“, наведува на својата веб-страница компанијата CMBLu со седиште во градот Алценау во Баварија.

Резултатот е револуционерен: органска батерија со цврст проток (Organic Solid-Flow). Тоа е економски профитабилна, еколошка, ефикасна, безбедна и приспособлива за капацитет и перформанси за акумулатор за складирање на електрична енергија во гигавати.

Светиот грал на енергетската транзиција

„Проблемот со складирањето енергија е светиот грал на енергетската транзиција“, вели Арне Хаунер, директор за иновации во енергетскиот гигант Uniper, кој е еден од партнерите на CMBlu, кој започнува пилотско производство на својата иновативна батерија и се смета за светски лидер во развојот на големото електрохемиско складирање на енергија. 

Уште во 2011 година, тоа беше само истражувачки проект - мал тим околу основачот Петер Гајгле, доктор по медицина. Во 2015 година беше претставен прототип на батерија базирана на лигнин - биополимер, макромолекула што се синтетизира во клетките на повеќегодишните растенија - односно дрвјата.

„Ние правиме јаглеродни соединенија по примерот на циклусот на Кребс- нашиот и секој жив организам,кој од гликоза создава енергија “, наведуваат од CMBlu.

Какви батерии се користат?

Во моментов, во светот најмногу се користат литиум-јонски батерии како оние во електричните автомобили или мобилните телефони, само многу поголеми.

„Само во електричната мрежа во Лос Анџелес има повеќе батериски капацитети отколку во цела Европа“, вели Петер Гејгле. Цели сали се полни со единици со големина на плакар, со вкупна моќност од неколку мегавати. 

По правило, овие литиумски батерии се економични само за складирање на електрична енергија за неколку часа. Батеријата CMBlu овозможува складирање на огромни количини енергија до околу 24 часа - што е новитет. „Тоа е големо достигнување“, вели Арне Хаунер од Uniper.

Постоечките батерии со најголем капацитет, во теравати, се направени од водород. Делумно се користат и течни батерии, исто така со металот Ванадиум.

Меѓутоа, сите овие батерии имаат различни недостатоци - заедничко за нив е тоа што користат конфликтни и скапи суровини и не се безбедни за ракување. Оние со водород, на пример, се краткотрајни, не се добри за стабилноста на мрежата.

 Како работи новиот акумулатор?

Наместо цврсти електроди, органските батерии со цврст проток (Organic Solid-Flow) складираат електрична енергија во течни електролити направени од јаглеродни соединенија кои се содржани во надворешните резервоари и постојано се пумпаат низ батеријата за време на процесот на полнење и празнење.

„Технологијата Organic Solid-Flow го комбинира најдоброто од двата света - високата енергетска густина на цврстата состојба и флексибилноста на капацитетот и перформансите на течните батерии - без нивни недостатоци. Ова го прави конкурентна и исплатлива алтернатива. Материјалите се достапни ширум светот во практично неограничени количини, нема зависност од оскудни или конфликтни суровини и синџири на снабдување, а сите основни компоненти и речиси сите делови на батериите се рециклираат. Покрај тоа, практично не е запалив, така што е безбеден за ракување и бара минимум одржување“, вели Петер Гајгле, извршен директор на CMBlu.

Системското раздвојување на електролитот и енергетскиот конвертор не само што го избегнува ефектот на само-празнење, туку овозможува и враќање на оригиналните перформанси на батеријата со едноставно замена на поединечни компоненти, наместо целата батерија.

Каде сѐ може да се користи оваа батерија?

Технологијата Organic Solid-Flow нуди минимизирање на трошоците за енергија, обезбедување на непречено напојување со електрична енергија на мрежата и одржливо и климатско неутрално снабдување со енергија, земајќи ги предвид зголемените етички стандарди. Батериите можат прецизно да се прилагодат на соодветната примена.

Еве само неколку примери: Еден од најголемите предизвици во „зелениот“ сообраќај лежи во достапноста на соодветна инфраструктура за брзо полнење на електрични возила низ целата земја. Ова е можно со оваа иновативна батерија.

Потоа, може да го замени дизел генераторот во автономни системи или оддалечени области кои не се поврзани на електричната мрежа.

Покрај тоа, оваа батерија ги исполнува барањата и стандардите за употребаво морепловството, кога се работи со контејнерски бродови кои користат голема количина на енергија, на пример за ладење, како и за огромни патнички бродови за крстарење - што би било попријатно за патниците бидејќи тие би биле помалку бучни, а пред сè – еколошки многу поизбалансиран.

 

Конкурентна и исплатлива алтернатива

 

Фабрика - прво во САД

Основачот на CMBlu, Петер Гајгле (59) има тридецениско искуство како претприемач. Ја основал својата прва компанија како студент по медицина, во биотехнолошката индустрија. На 47 години веќе бил финансиски обезбеден, но, како што вели, не сакал да се пензионира.

Гајгле сака да изгради фабрика десет пати поголема од оваа за пилот производство во САД - Се би требало да биде готово до 2024. А зошто токму во САД?

Целата индустрија за батерии и чипови моментално е како со магнет привлечена во САД. Претседателот Бајден летово го покрена „Законот за намалување на инфлацијата“, односно огромна програма за субвенционирање со која сака да ја промовира изградбата на фабрики за батерии. Бајден сака да ја искористи сета своја моќ за да стави крај на доминацијата на Кина во оваа клучна индустрија.

Се планира и голема фабрика во Германија, но подоцна затоа што овде треба околу една година да се одобрат државните субвенции. Премногу долго за динамичен пазар на батерии, вели Гајгле.

„Заостануваме со литиум-јонските батерии, но со оваа наша технологија сме во првите редови“, изјави тој неодамна за Frankfurter Allgemeine Zeitung. „Нема кобалт од Конго, нема литиум од Кина,нема никел од Русија“.

Кинезите доминираат на пазарот - засега

На пазарот на конвенционални литиум-јонски батерии, односно акумулатори, доминираат кинеските производители како BYD и CATL, а ги произведува и „Tesla“.

Во меѓувреме, вели Гајгле, Кинезите исто така го препознаа потенцијалот на органските батерии и масовно го туркаат своето истражување во оваа област. Тие покажаа голем интерес за технологијата CMBlu. „Драго ни е тоа, но ние во Германија сме лидери во светот денес и сакаме така да остане.

„CMBlu може да стане „Biontech“ на енергетската транзиција“, смета Ахим Бекер (70), претприемач кој има инвестирано милиони во CMBlu и верува дека батериите од Алценау во борбата против климатските промени би можеле да го постигнат она што вакцините од Мајнц го направиле, во борбата против пандемијата Ковид 19.