Изминатава недела во најмрсното село на  планетата Качарево, во близина на Панчево се одржа 37. издание на „Сланинијада“,  на која околу 300 изложувачи понудија месни производи, а беше избрана најдобрата домашна, занаетчиска и индустриска сланина. Посетителите  имаа можност да се забавуваат и на натпреварите за изборот за најјак и најжежок производител на сланина. За четири дена колку што траеше манифестацијата поминаа над 150.000  посетители.

Првата „Сланинијада“  е одржана во 1988 година на предлог на  Милован Ќировски  и со поддрѓка на поштарот Влада Пешикан, банкарот Милојче Јаќимовски и музичарот Миле Илијевски во една „земјоделска“ кафеана, сѐ друго е историја.

„Сланинијада“ денес е стопанско-туристичка манифестација, а годинава по 37-ми пат ги отвора портите од 15-ти до 18-ти февруари. И годинава како и секогаш, производителите се натпреваруваа за најдобра домашна и индустриска сланина, најгуста и најфина сланина од мангулици и низа придружни настани.

Долга традиција, позитивни впечатоци од претходните години, уживање за сите сетила, но и убаво време и неработни денови привлекоа голем број посетители.

На натпреварот за најдобра сланина се најдоа околу 200 примероци од Србија и од соседните земји. Се внимаваше се да биде квалитетно, правилно, здраво, особено што изминатава година ја одбележа и африканската свинска чума.

„Имаме свои прасиња, мангулица и моравски свињи, а што се однесува до другите, ги купувам од сигурни, проверени куќи, така што не сум имал никакви проблеми“, вели Милан Златковиќ, производител од Качарево.

Бранислава Богдановиќ, организатор на манифестацијата, нагласува дека ветеринарната инспекција е присутна на секоја „Сланинијада“, како и дека сите производители мора да поседуваат сертификати за исправноста на месото. „Вака работиме 37 години и никогаш не сме имале проблем“, вели Богдановиќ.

„Ова главно се однесува на малите производители кои живеат во малите градови, кои не беа зафатени од свинска чума, токму тие и се појавија оваа година“, објаснува Милан Балтиќ, професор по ветеринарна медицина.

Во многуте категории на 37-ма по ред „Сланинијада“ во Качарево: најдобра, најдебела, најдолга, сланина од мангулица…, првата награда за „најдобра сланина од странство“ ја доби нашиот Дамјан Гаврилоски, чии сувомеснати производи, сведочиме со години, се најдобри во регионот

-На Сланинијадата во Качарево традиционално сме присутни со години: станува збор за огромен настан поддржан од огромен број на посетители, домашни и странски гости- раскажува Дамјан, инаку член на Слоу фуд Македонија. „Во силната конкуренцијата во Качарево, каде и самото учество е своевиден престиж си дојдовме со полни срца: првата награда за странска сланина за нас е големо задоволството, бидејќи нашата сланина е препознаена како екстра квалитетна. Производството ни е поразлично од месните индустрии- не користиме никакви адитиви и додатоци за вкус, се работи рачно, долготрајно, внимателно, па и мераклиски и затоа производот е поинаков и поквалитетен од индустрискиот… “

Да потсетиме: „Сланинијада“ во Качарево, Србија, најголема манифестација во регионот беше посетена од 150 000 гурмани, кои дојдоа да купат вистинска домашна сланина.

Организаторите на настанот осмислија богата програма која беше интересна за посетителите. Се вареше и свинска чорба, се топеа и крцкави чварки, а се одржаа и неколку забавни натпревари како што е изборот за најјак и најлуд сланинар.

Манифестацијата „Сланинијада“, царството на сланините е попопуларна на сите делови од планетата а годинава беше посетена од екипите на Франција, Белгија, Германија, Унгарија, Мексико, Аргентина, Шпанија, Босна, Црна Гора, Хрватска и секако нашата земја, која благодарение на Гаврилоски, стана нивниот голем адут.