
Уште еден доказ дека, по објавувањето на реизданијата кои се дел од богатата ризница на „Новиот бран“, што го чува „Кроација рекордс“, интересот за овој феномен не спласнува. Имено, и фотографиите од тоа време се сосема легитимен артефакт кој едноставно возбудува.
Изложбата на фотографии „Нов бран во Белград: Пакет аранжман (1981-2021)“ од Зорица Којиќ и Драган Амброзиќ ќе биде отворена на 22 април на платото пред Уметничкиот павилјон „Цвијета Зузориќ“, со посебни концертну гости, бендот „Шејзербитерлемон“.
Оваа изложба, дизајнирана од Добрила Стеваниќ, го претставува досега најкомплетниот поглед на почетокот на „новиот бран“ во Белград.

На албумот „Пакет аранжман“ во февруари 1981 година, најталентираните нови белградски групи за прв пат настапија заедно: „Шарлот Акробата“, „Идоли“ и „Електричен оргазам“, секоја со неколку песни. И, речиси сите веднаш станаа класици.
Денес знаеме – „Пакет аранжман“ е „најрадикалниот манифест на новата естетика во рамките на југословенскиот рокенрол.
- Песните „Шарло“, „Идоли“ и „Оргазам“, нивниот перформанс и став, беа толку оригинални што ова издание сè уште се смета за пресвртница во југословенската популарна музика, и е една од највлијателните плочи во нашата рок историја. „Пакет аранжман“ беше, всушност, првиот пример за тоа како може да се биде автентичен во рокенролот во нашата земја, без да се копира некој од светот и да се изведуваат песни на наш јазик.Овој албум беше предводник на најпознатата генерација на белградски бендови od „новиот бран“, но и цела културна револуција која во раните 80-ти засекогаш ги смени социјалните сфаќања во поранешна СФРЈ, бидејќи благодарение на ова движење конечно го фативме светот, барем кога е прашањето за поп-културата - посочуваат Којиќ и Амброзиќ.

Изложбата „Нов бран во Белград: Пакет аранжман (1981-2021)“ за прв пат на едно место претставува антологиски кадри на четворица наши еминентни фотографи, кои во текот на 1980 и 1981 година го следеа развојот на оваа сцена: Горанка Матиќ, Горан Вејвода , Бранислав Брајан Рашиќ и Бранко Гавриќ, авторот на корицата за компилацијата „Пакет аранжман“. - Нивните фотографии нè запознаваат со атмосферата пред и по снимањето на овој албум без прекумерна носталгија, враќајќи нè преку сцени од улиците и концертните сали, до слободарскиот белградски дух од тоа време и неговите главни музички херои, тогаш храбри млади луѓе од по 20-ина години, полни со планови - објаснуваат авторите на изложбата.
Изложбата ќе може да се погледне во текот на април и мај на Калемегдан, на платото пред Уметничкиот павилјон „Цвијета Зузориќ“.
Па, кој патува за Белград, на вакцина-ревакцина. Или, едноставно, уплатил пакет-аранжман за до го види чудото наречено „Нов бран“..., тој ве чека на Калемегдан.