Разликите во цените на храната во Европа се големи, а најновите податоци на Евростат покажуваат каде купувањето е најповолно, а каде најмногу ќе го оптоварите куќниот буџет. Иако цените на храната се пониски во некои земји отколку во ЕУ воопшто, домаќинствата во тие земји често трошат поголем дел од својот буџет за храна.

Храната претставува еден од најголемите трошоци за европските домаќинства, со просек од 11,9 отсто од вкупната потрошувачка во Европската Унија, додека во земји како Романија овој удел се зголемува на 20 проценти. Споредбата на цените се базира на индексот на Евростат, каде што просечната цена на кошничката за храна во ЕУ е поставена на 100 евра, за да се покаже колку би чинела истата кошничка во секоја земја. Вредност над 100 означува повисоки цени од просекот, додека вредност под 100 означува поповолни цени.
Според податоците од Евростат, Швајцарија е убедливо најскапа земја со индекс од 161,1, што значи дека цените на храната се повисоки за 61,1 отсто од просекот на ЕУ. По неа следат Исланд (146,3 евра) и Норвешка (130,6 евра).
Во рамките на земјите членки на ЕУ, жителите на Луксембург има највиско ниво на цени на храната (125,7 евра) па граѓаните одвојуваат најмногу за храна, бидејќи цените се за 25,7 отсто повисоки од просекот, додека во Романија е најевтина, 74,5 евра.
Меѓу најголемите економии на ЕУ, цените во Германија и Италија се малку над просекот, додека Франција е значително поскапа. Шпанија, од друга страна, е за 5,4 отсто поевтина од просекот на ЕУ.
Повеќето земји од Централна и неколку источноевропски земји остануваат под или блиску до просекот на ЕУ, вклучувајќи ги Словачка, Полска, Чешка и Унгарија.
Македонија е најевтината земја по цената на храната од сите 36 земји во Европа. Стандардната потрошувачка кошничка изнесува 73 евра, што е 27 отсто поевтино од просекот во ЕУ.
Југоисточна Европа и Западен Балкан покажуваат најниски цени на храната во целина. Покрај Македонија и Романија, Турција (75,7 евра), Босна и Херцеговина (82,5 евра), Црна Гора (82,6 евра) и Бугарија (87,1 евра) се далеку под просекот на ЕУ. Србија (95,7 евра) и Албанија (98,7 евра) се исто така поевтини од ЕУ.
Извор: Euronews