
Како и обично, после Евровизија сите се прават паметни.
Те имавме лоша песна, те не требавме Васил да го пратиме. Те ова, она...
Башка, ударите кои од дома нашиот евровизиски претставник ги има претрпено, како никој никогаш од овие простори, е посебна тема за дискусија.
Те неговата сексуална ориентација, те неговите бугарски корени, те наводната провокација со знамето на источниот сосед...
Некои јавни личности баш беа жестоки во нападите на Гарванлиев, што, според старата – да го заштитиме послабиот, веднаш го земав под свое. Барем еден камен помалку. Толку можам.

Евровизија е секогаш податлив настан за полемики, дискусии, надежи, промашувања и разочарувања. Затоа најдобро е да не се надеваш на ништо.
Кој ниско лета, не го боли кога ќе падне...
И така, со оглед дека нашите надежи згаснаа по првата полуфинална вечер, а и фактот дека и останатите екс-ЈУ учесници од Словенија и Хрватска не успее да пројдат во финале, сите надежи на Балканот ни беа во Ураганките од Србија, кои го обединија регионот.
Светла точка во мракот. Убава боја во тоа шаренило, кое после безмалку една и пол година, ни ја врати надежта дека постоиме.
Дека надвор е пролет, и живи сме.
Евровизија 2021 е прв, голем планетарен настан кој го промовораше животот – каков-таков, наспроти короната, смртта, карантини, затворени граници... Апокалипса, ужас...

Песната со која Hurricane настапија, на многумина не им се допадна. Сума-сумарум, затоа освоија само 20 поени од три жирија – 12 од македонското, 7 од хрватското и 1 од албанското.
Но, телевоутингот беше нивен. Пет 12-ки, вкупно 82 поени... Од Македонија, Хрватска, Словенија, Австрија и Швајцарија.
Пет 12-ки добија уште само победниците Италија, кои беа поинакви и свои, како и Украинаи Литванија. Никој друг повеќе. Така да...
„Дивно је бити некоме нешто“. Крвта не е вода.
За воља на вистината – честа на регионот го бранија и Бугарија, со одлична песна, Грција, и Албанија. Но, сите „наши“ застанаа под чадорот на Србија.
Можеби затоа што некогаш живеевме во иста држава!?!

Една интересна констатација врзана за Евровизија ја даде големиот хрватски композитор Тончи Хуљиќ. Тој кажа дека едни од најголемите светски музички ѕвезди во моментов – Дуа Липа, Рита Ора и Бебе Реџа имаат албански корени. И...
Нив, со многу пари, под свое ги земаа Англичаниве, и ги лансираа во врвот на топ-листите.
Кога Албанците одат сами, според Тончи, доживуваат дебакл, како сега на Евровизија, каде беа меѓу последните.
За разлика од Енглезиве. Кога прават песни за други – проаѓаат. Кога прават за себе – утка. Нула. Како што помина нивниот актуелен претставник. Башка, брат на големиот Џон Њуман.
Наравоучение – Не се клади на Енглези!
[embed]https://www.youtube.com/watch?v=Q1lkpIqf7a4[/embed]