Средствата ќе овозможат изградба на 24 километри железничка пруга меѓу Крива Паланка и границата со Бугарија, како и за електрификација на 88 километри од Куманово до границата.

Новата железничка линија треба да го олесни транспортот на околу 500.000 тони товар и 500.000 патници годишно, придонесувајќи за подобра поврзаност, климатска отпорност и социоекономски развој на Македонија и регионот.

За овој клучен железнички дел, финансискиот пакет на Тимот Европа се состои од заем од 175 милиони евра од ЕИБ Глобално (огранок на ЕИБ за активности надвор од ЕУ), заем од 175 милиони евра од ЕБОР, кои се надополнети со 150 евра милиони грант од ЕУ спроведен преку Инвестиционата рамка за Западниот Балкан (WBIF) и до 60 милиони евра грант од ИПА (Инструментот за претпристапна помош).

ЕИБ соопштува дека се работи за досега најголемиот грант од ЕУ доделен за Македонија во рамките на WBIF и е добар пример за разновидна финансиска и техничка поддршка што ја дава банката. Овој значаен финансиски пакет подготвен за овој проект покажува дека со цврста посветеност и партнерства преку пристапот на Тимот Европа можат да се унапредат виталните инфраструктурни проекти кои носат опипливи придобивки за регионалните економии и луѓето.

Новата железничка линија ќе ги забрза реформите на земјата во железничкиот сектор, ќе ја олесни пошироката регионална интеграција и ќе и овозможи на Македонија да има дополнителна корист од претстојните иницијативи на Европската комисија, како што е новиот План за раст. Конечно, тоа ќе придонесе и за еколошки поодржлив транспортен систем во Македонија, кој треба да овозможи постепено префрлање од патиштата кон железницата, во согласност со климатските аспирации на ЕУ и земјата“.

Ова ја означува последната фаза од источниот сегмент на железничкиот коридор VIII, клучен дел од Основната мрежа на ЕУ TEN-T. Овој дел ќе поврзе два постоечки делови финансирани од ЕБОР кои моментално се во изградба. По завршувањето, ефикасно ќе го олесни меѓународниот проток на стоки и луѓе, намалувајќи го железничкото растојание до Црното Море и Турција за приближно 200 километри. Проектот има за цел да го рационализира сообраќајот, да ја подобри безбедноста и да обезбеди сигурност како за патниците така и за товарот, поттикнувајќи ги деловниот раст и можностите за развој долж железничката линија и во близина на станиците. Исто така, тоа ќе придонесе и за подобрување на еколошките услови во околните заедници, населби и региони.“

Како дел од стратешката Трансевропска транспортна мрежа, изградбата на новата железничка делница на железничкиот Коридор VIII ќе овозможи директен проток на сообраќај меѓу Софија и Скопје. Како резултат на тоа, овие подобрувања ќе ги намалат трошоците за работа на возилата, сообраќајниот метеж и загадувањето, а истовремено ќе ја подобрат и безбедноста. Ова ќе доведе до зголемена атрактивност на регионалниот железнички систем и неговата конкурентност за товарен и патнички транспорт на подолги растојанија.

ЕУ упатува порака дека ја поддржува Македонија во процесот на развивање на функционален и модерен железнички систем, кој ќе обезбеди подобра поврзаност, квалитет на живеење и ќе ги зголеми можностите за економски развој за граѓаните. Интегрирањето на железницата во транспортната мрежа на земјата е еден од приоритетите на ЕУ за да обезбеди успешни, енергетско ефикасни и еколошки начини за движење на луѓето и товарот низ европскиот континент.

Во последниве 10 години, ЕИБ го поддржа железничкиот сектор на глобално ниво со инвестиции од повеќе од 39 милијарди евра, помагајќи да се изградат или надградат речиси 2000 километри пруги и стотици станици. Во Западниот Балкан, ЕИБ Глобално е водечки финансиер на стратешките железнички линии и давател на техничка и советодавна помош. До денес, банката има инвестирано над 1,6 милијарди евра во железничкиот сектор, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност.

ЕБОР е клучниот стратешки партнер на земјите од Западниот Балкан кој ги поддржува нивните напори за обнова на железницата и промовирање на преминот од патишта кон железница, како позелен начин на транспорт. Банката обезбедува финансии и сеопфатна поддршка за политиката насочена кон подобрување на владеењето и управувањето со националните железнички компании. До денес, банката има доделено над 1,6 милијарди евра на земјите од Западниот Балкан за финансирање инвестиции во железничкиот сектор.