Многумина се прашуваат како во некои земји секогаш има потреба од работна сила, а во некои огромен број работници не можат на најдат работа. Како тие индустрии успеваат да ги приберат сите што избегаа од Западниот Балкан, од Блискиот Исток, од Сирија, од Либан, од африканските земји и да им обезбедат или вработување или социјална заштита и тоа тројно поголема од нашата минимална плата. Одговорот е: тоа е моќта на развиените економии во кои животниот стандард на граѓаните, бизнисот, развојот и социјалата се на прво место.

Според податоците од самата ЕУ, населението во Европа старее. Тоа значи недостиг на свежа работна сила во неколку важни стопански дејности, особено во услугите,  градењето и на кадар за висококвалификувани позиции.

Затоа членките на ЕУ воведуваат олеснување на некои од најтешките услови за влез на имигранти во нивната земја. Во податоците што ги објавува SchengenVisaInfo.com можат да се најдат интересни податоци за тие олеснувања.

Финска, на пример, почна да применува брза процедура за висококвалификуваните работници и почетни претприемачи заедно со нивните семејства, обработувајќи ги нивните апликации за само 14 дена. На струдентите им овозможува дозвола за престој за целото времетраење на студиите, наместо за секоја година. Финската влада е цврста во својата намера да ја олесни имиграцијата на квалификувани работници во земјата и дополнително ќе воведе други мерки за забрзување имиграцијата врз основа на образованието. Со тоа земјата станува попривлечна за меѓународните експерти.

Италија ги зголемува квотите за работни дозволи за имигранти за 2022 година. Италијанската влада дозволи вкупно 75.000 луѓе да влезат и да работат во земјата во 2022 година. Оваа бројка е за 5.000 повеќе од бројката за минатата година. Пред оваа одлука, беше објавено дека на италијанските фарми во Пуља им требаат уште 100.000 сезонски работници за да работат на полињата за време на жетвата.

Од 27 јули Шпанија им олесни на странските државјани што живеат таму да добијат работна дозвола преку попрецизен процес што ги намалува барањата за апликација за работна дозвола за одредени апликанти. Оваа мерка ќе им овозможи и на околу 500.000 работници без документи што не ги поседуваат да работат легално во Шпанија, како и на студенти од земјите што не се членки на Унијата.

Холандија на висококвалификуваните имигранти од земји на кои не им е потребна долгорочна виза (MVV), за да се преселат во земјата, ќе им дозволи да почнат со работа во земјата дури и ако нивната дозвола за престој сè уште не е подготвена. Ослободени од барањето за добивање долгорочна холандска виза за престој подолг од три месеци во земјата се државјаните на членките на ЕУ/ЕЕА, Австралија, Канада, Јапонија, Монако, Нов Зеланд, Ватикан, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Јужна Кореја и Швајцарија. Според оваа одлука, државјаните на овие земји можат само да се преселат во Холандија и веднаш да почнат со работа додека чекаат да им биде готова дозволата за престој.

Данска објави две листи - за високообразовани и листа за квалификувани работници. Двете листи ќе останат во сила до 31 декември. Листата за квалификувани работници вклучува работни места за лабораториски техничари,  водоводџии, градежни менаџери, проценители, трговци, агенти за испорака, работници во фонд за осигурување на  невработени, агенти за недвижнини, логистички асистенти, продажба и набавка, медицински персонал, готвачи, книговодители, сметководители, машински инженери, градежни инженери, инженери за животна средина, градски планери  итн.

Во Шведска странските работници веќе не можат да бидат избркани поради помали грешки, а работодавачите што нема да ги пријават вработените од земјите што не се членки на ЕУ, можат да бидат казнети. Воедно, апликантите сега се обврзани да го приложат договорот за вработување кон пријавата што се поднесува во Агенцијата.

Во Португалија странските работници сега можат да се преселат со намера да работат шест месеци, бидејќи португалската влада даде зелено светло за издавање ваква виза. Оваа нова виза им овозможува на странските државјани, на кои досега им била издавана виза за работа за само 120 дена, да им биде продолжен работниот престој на 180 дена. Мерката е најавена со цел да се промовира редовна и безбедна имиграција. Во исто време, земјата го укина и режимот на квоти за имиграција.

Ирска, со рекордни 2,5 милиони луѓе на работа, со новиот Закон за дозволи за вработување ќе овозможи земјата подобро да се натпреварува во привлекувањето на глобалните таленти, да ги пополни празнините на пазарот на трудот, да ги поддржи локалните претпријатија и да ги охрабри странските директни инвестиции, а во исто време да ги заштити правата на работници во државата… И така натаму.

Ова значи дека развиените земји опасно му конкурираат на пазарот на работна сила на неразвиените, на земјите од Западниот Балкан и се разбира на Македонија. Нас не боли нашата болка. Македонија одамна се соочува со недостиг на работан сила, особено на занаетчиска рака. Веќе гласно и панично се зборува дека со месеци се чека мајстор за ова или за она, а цените на занаетчиските услуги достигнаа астрономски височини. Цената за услугата на еден занаетчија е одамна многу повисока од цената на висококвалификуваната работна сила, па така дојде време на престиж да имаш добар мајстор водоводџија, електричар или автомеханичар. Биди ти што сакаш, не доктор, не професор, не академик, ако немаш водоводџија ќе бидеш поплавен и ќе се најдеш до гуша во....

Но, кога познавачите и искусните предупредуваа уште пред 20 години дека ова ќе се случи, ниедна политика на трудот и социјалата не преземаше ништо, а тоа е градење систем на вреднување на трудот според тежината, одговорноста и според квалификациите/образованието и напредување во кариерата. Напротив, во нашето образование се воведе можноста сите што му се „закануваат“ на бирото за вработување, по завршување на средното училиште, лесно да се запишат на приватен факултет и по завршувањето да мавтаат со еден тенок лист, демек диплома, а да се срамат од занаетчиската работа. Но, занаетчиите си најдоа многу поплатена работа и подобри работни услови во странство, а институциите се наполнија со дипломци од „универзитетите“ за кои важи вицот дека во нив се „паѓа“ само ако се сопнеш по скалите и кои никогаш и никаде не се видени на некоја ранг листа, а камо ли на Шангајската!

Состојба на (не)вработеноста

На крајот од 2021 година во Македонија имало:

1 681 863 работоспособно население,  

937 482 активно население, од кое  

795 276 вработени,

142 206 невработени,

стапката на вработеност била:

47.3,

а на невработеност

15.2.

Според школската подготовка:

·        57,4 (75235) биле без образование и со основно обвразование

·        9,6 (12626) со непотполно средно образование

·        24,5 (32078) со завршено средно образование

·        0,8 (1099) со вишо образование

·        7,1 (9944) биле со високо образование, вклучително 715 магистри и 18 доктори на науки.

Ако се сетиме на стапката на невработеност од пред само неколку години, која изнесуваше 28-30%, може да се заклучи дека наглото паѓање на невработеноста може да му  се припише само на иселувањето на нашите млади и стручни лица, и со високо образование и со занаетчиски вештини.

Со олеснувањето на влезот на работници во европските земји се појавува еден парадокс! ЕУ ни нуди помош за развој на економијата, што подразбира нови вработувања, а на друг начин, со олеснителни мерки, квалитетната работна сила си ја прибира на своја територија. Се разбира дека секој има право на избор, дали да остане или да имигрира. Останува да се надеваме дека со помош на ЕУ во догледно време економската разлика барем малку ќе се намали, а со тоа и одливот на нашите млади на печалба или на трајно иселување и дека во Македонија ќе има кадар за работа, иако тоа ќе биде долг и мачен процес.