Македонскиот проект, паметен медицински кревет, ја има мисијата да им помогне на лицата со инвалидитет и невролошки заболувања кои не се подвижни. По неколку месеци интензивна работа, „Елисиум центар“ успеа да го развие прототипот. Првиот човек на компанијата, Димитар Шошев, вели дека во моментов работат на усовршување на софтверското решение.

Димитар Шошев CEO во „Елисиум центар“

Кон крајот на минатата година потпишавте договор со ФИТР за развивање на паметен медицински кревет. По неколку месеци работа, до која фаза сте стигнати? Успеавте ли да развиете прототип?

Ние кон крајот на минатата година го потпишавме договорот со ФИТР за развивање на нашиот паметен медицински кревет "ИЛИН". Тоа е иновација не само на нашиот пазар, туку и на светскиот пазар. Ние како компанија работиме посветено на развивање на нашиот проект и сме во завршна фаза на развивање на истиот. Односно, имаме прототип и сега работиме на усовршување на софтверот преку кој ќе се контролира креветот со помош на eye-tracking control.

Прототип на првиот паметен медицински кревет

Нашиот софтвер го надградуваме со уште неколку функции. Покрај командите кои се за самиот кревет, корисникот преку софтверот ќе може да го контролира клима уредот, телевизорот и преку самиот таблет во склоп на креветот да користи интернет услуги.

За која целна група е наменет паметниот кревет и можете ли да ни го објасните начинот на кој е замислен да функционира?

Нашиот паметен кревет е наменет пред се за пациенти од невролошките заболувања како што се: MND, ALS, MS, изливи. Но, и за комплетно инвадилизираните лица. Нашиот паметен медицински кревет комплетно ќе го олеснува животот на корисникот. Но, и на луѓето кои се грижат за истиот односно и за медицинскиот персонал кога ќе биде користен во медицинските установи.

Покрај прототипот, работиме на усовршување на софтверот преку кој ќе се контролира креветот со помош на eye-tracking control, вели Шошев.

Кога се очекувањата да се добие првиот паметен медицински кревет?

Како што ви кажав претходно, ние имаме изработено прототип кој во моментов е на користење односно тестирање кај лице кое има има потреба од истиот и засега добиваме позитивен feedback. Што се однесува за производството, очекуваме да го започнеме кон крајот на оваа година.

Какви се проекциите во однос на производството? Дали главниот фокус и приоритет сепак ќе се даде на македонскиот пазар? 

Сериското производство очекуваме да го започнеме кон крајот на оваа година. Што се однесува на приоритетот на пазарот, ние ќе почнеме со домашниот и регионалниот пазар на почетокот на наредната година.

Производството се очекува да започне кон крајот на 2021 година, вели Шошев

Со проекции дека кон средина на истата ке почнеме да го освојуваме и европскиот пазар со сигурност кон крајот на 2023 нашиот производ односно паметниот медицински кревет "ИЛИН" ќе биде присутен на неколку континенти и ќе биде амбасадор на нашата земја што се однесува за производство на медицинските помагала.