Додека жителите се жалат на ретки, старии нефункционални автобуси, новиот сервис на споделување автомобили ветува поекономично, поеколошко и поудобно движење низ метрополата.
Проблемите со јавниот превоз во Скопје се наталожени со години: недостиг од
возила, нередовни линии, дотраени автобуси кои често се расипуваат и доцнат, а
неодамна и целосен колапс поради недостиг на гориво – само 25 автобуси дневно
го опслужуваа градот, додека илјадници граѓани чекаа на постојките без гаранција
дека ќе стигнат до работа или дома. Политичките препукувања и блокирани сметки
на ЈСП го одложуваат обновувањето на возниот парк, а проектите за брз автобуски
превоз и нови еко-автобуси тапкаат во место. За многумина, јавниот превоз стана
последна опција, а градот се гуши во сообраќаен метеж и загадување.
Во ваква атмосфера, „Avant2Go Car Sharing“ се појавува како свеж здив и пример
за европски урбан тренд. Скопјани можат да изнајмат електричен автомобил преку
мобилна апликација, за само 22 денари по километар додека возат и 5 денари по
минута додека стојат во место. За почеток, достапни се 100 електрични возила, со
специјално обележани паркинг-станици на 20 локации низ градот.
Возилата се стартуваат и се враќаат на посебно обележани паркинг-станици, со
цел да се олесни пристапот и да се намали хаосот во градскиот сообраќај.
Паркинг-местата се на приватни локации и се обележани со посебна боја, а во
иднина се планираат уште повеќе станици, вклучително и на универзитетите и во
други општини.
Системот е едноставен: симнување на апликацијата, резервација, потврда на
возачка дозвола, избор на најблиска станица и старт на вашето еко-патување.
Сите настанати штети или прекршоци се евидентираат, а корисниците имаат 24/7
поддршка преку контакт центарот на „Avant2Go“.

Поевтино, поеколошки, поедноставно
Моделот на споделување автомобили е дизајниран за луѓе кои имаат потреба од
автомобил само повремено, овозможувајќи им да плаќаат само за времето и
километражата што ја користат. Оваа услуга е поевтина од такси, 20%
поекономична од сопствено возило, и значително ја намалува потребата за
купување втор или трет автомобил во домаќинството. Електричните автомобили
не испуштаат штетни гасови, се потивки од класичните возила и придонесуваат за
почист воздух и помалку бучава во градот.
Планот е за две до три години бројката да порасне и до 1.000 електрични возила,
а услугата да се прошири и во други градови. Засега споделувањето на
автомобили е најконкретниот чекор кон одржлива урбана мобилност.
Додека скопјани сè уште чекаат на функционален и модерен јавен превоз,
електричните автомобили за изнајмување се првиот вистински сигнал дека градот
може да чекори кон европските стандарди – со повеќе избор, помалку загадување
и поголема слобода на движење