Голем процен од македонското населението е убедено дека Македонија не треба да ја зголемува економската соработка со Европската унија, туку треба да се преориентира кон Истокот, а тоа подразбира да ги јакне и економските и политичките односи со Русија. Оваа дилема почна да се наметнува откако се виде дека нашава земја бавно напредува кон европскиот сојуз на држави, па многумина тоа го толкуваат како алиби за нашиот дипломатски неуспех да се држи чекор со земјите- кандиатки од соседството за влез во Унијата.

Во таа пропаганда се занемарува фактот дека наш најголем трговски партнер е Европската унија, а дека размената со Русија не може ни да се спореди. Додуша, економските односи меѓу Македонија и Русија традиционално се присутни, но не можат да се споредат со европските релации, иако за економска размена на стоки и на капитал, за инвестиции има голем простор, под услов тие инвестиции да не се политички обоени, насочени и условени. Нашите економски односи со Русија значително се сменија во последните години, особено по 2022 година, однсоно по руската агресија врз Украина.

Македонскиот извоз во Русија е релативно мал и вклучува земјоделски и прехранбени производи (вино, овошје, зеленчук – особено јаболка), фармацевтски производи, текстил и лесна индустрија. Според официјални податоци, вкупниот извоз на стоки од Македонија во Русија во 2024 година изнесувал околу 47.36 милиони УСД, што претставува многу мал дел од вкупниот извоз на земјава. Увозот е поизразен и се темели главно на енергенси, а не на прозиводи со додадена вредност, или високософистицирана технологија, а тоа се нафта и нафтени деривати – индиректно), природен гас (преку посредници), суровини и хемиски производи. Увозот во 2024 година изнесувал околу 126.63 милиони УСД. Ова значи дека трговскиот дефицит со Русија е значајно изразен, бидејќи увозот е повеќекратно повисок од извозот.

Енергетска соработка

Русија долго време беше важен индиректен снабдувач со природен гас за Македонија. По енергетската криза и санкциите кон Русија, Македонија се ориентира кон диверзификација на снабдувањето, алтернативни извори (интерконектори, течен гас преку Грција), намалување на зависноста од руски енергенси, па така се намали можноста за зголемување на трговскиот дефицит со најголемата земја во светот.

Инвестиции

Што се однесува до инвестициите што и’ се потребни на  Македонија, руските директни инвестиции се мали и незначителни во споредба со инвестициите од ЕУ.

Нема големи руски компании со стратешко присуство во македонската економија. Инвестициите најчесто се во недвижности, мали трговски или услужни дејности. Пред пандемијата и војната во Украина, постоеше умерен прилив на руски туристи. Денес, туризмот од Русија е значително намален поради визите, транспортните ограничувања, санкциите, намалената платежна моќ на руските граѓани пореди исцрпувачката војна и друго.

Влијание на санкциите и геополитиката

Како членка на НАТО и кандидат за ЕУ, Македонија ги усогласи санкциите со ЕУ кон Русија. Тоа доведе до намалување на трговијата, ограничена финансиска соработка, заладување на економските односи.

Историските податоци покажуваат дека обемот на трговија бил повисок во 2022 година, но дека потоа значително опаднал поради геополитичките случувања и санкциите кон Русија. На пример, во 2022 година трговската размена достигнала околу 500 милиони УСД, при што извозот бил околу 60 милиони УСД, а увозот околу 440 милиони УСД. Во 2023 и 2024 година овие бројки паднале, со обем на трговијата околу 310 милиони УСД во 2023 година, од кои само околу 48 милиони УСД бил извоз, а 265.3 милиони УСД бил увоз.

Енергија и зависност

Покрај трговијата со стоки, Русија долго време беше значаен индиректен снабдувач на природен гас за Македонија преку регионални гасоводи. По воведувањето на санкции и промените на енергетските пазари, Македонија постепено ја намали зависноста преку диверзификација на снабдувањето. Овој процес е дел од пошироката стратегија за енергетска сигурност и усогласување со политиката на Европската Унија.

Во целина, трговскиот обем на Македонија со Русија е многу мал во споредба со најголемите трговски партнери како ЕУ земјите. На пример, најзначајни партнери на Македонија во 2025 година – како Германија, Велика Британија и Грција – сочинуваат скоро половина од вкупната трговска размена на земјата и далеку ги надминуваат трговските текови со Русија.

По геополитичките случувања, како и усогласувањето на Македонија со санкциите на Европската Унија, овие економски односи значително се намалија, а фокусот на Македонија е насочен кон развој на соработката со ЕУ и другите регионални пазари.

По сите овие факти можеме да видиме дека економските односи меѓу Македонија и Русија се ограничени и  нестабилни. Во минатото Русија беше поважен партнер во енергетиката, но денес Македонија сè повеќе се ориентира кон Европската Унија и регионалните пазари, следејќи ги своите стратешки и политички приоритети.

Се разбира дека трговската размена со секоја држава е пожелна, ниедна држава ги нема сите потребни ресурси врз кои може да го темели својот економски развој, но мора да се внимава на обемот на размената во интерес на трговскиот баланс и на односите меѓу валутите.  

Во однос на ова прашање генерално можеаме да кажеме дека Македонија нема што многу да понуди на светскиот пазар, особено во ова време на пробив на кинеската економија, па стравот од зголемување на трговскот дефицит е оправдан. Ако не се влезе во силна борба со свои домашни стоки на светскиот пазар, што е многу тешко и скапо, не треба да се надеваме на скорешна финасиска независоност и повисок животен стандард на граѓаните.