Машинскиот техничар Драги Петрушевски е приватен стопанственик, кој од 23 години работи, конструира, креира, иновира во сопствената хала во населба Ќерамидна во Скопје (компанија „Монт салида“) но врв на неговата креативност е конструирањето на пречистителни станици за отпадни води. Станува збор за една многу креативна конструкција која е предизвик и за актуелните градоначалници и секако голем чекор за заштита на природата.

 

-Петрушевски во разговор за Анторис објаснува дека постојат повеќе видови пречистителни станици за комунални отпадни води, но таа што тој ја монтира со својот тим се разликува од другите по тоа што е анаеробно аеробна. 

„Предноста кај ваквиот вид на станици е што прво се вршат анаеробни прочистувања на отпадните води со тоа што сите органски материи се претвораат во биогас. Значи ферментираат. Во внатрешноста на станица се распаѓаат сите органски материи. И потоа водата преоѓа на аерација, па на биофилтрација. Со оваа постапка многу е забрзан процесот на прочистување на отпадните води. Петрушевски додава и дека овие станици се три до четири пати помали од другите и поевтини,поради намалените градежни работи и обемот на работа.

-Гледано од стручен аспект, основна предност на овие пречистителни станици е што не оставаат  талог и се единствени од ваков вид. Сите други оставаат талог кој треба да се суши, а постапката на сушење има голема потрошувачка на електрична енергија. За помалите станици кои испуштаат талог, проблемот е што го исфрлаат во природата, во реките, а тој талог од фекалната канализација е заразен со паразитни бактерии. Значи не смее да се исфрла во природата без да се преработи-исуши.

Кај  нас во некои општини веќе постојат вакви пречистителни станици кои отпадот го исфрлаат во водите и секако претставуваат потенцијална зараза за околината, категоричен е Петрушевски.

Овој машински техничар објаснува дека пречистителните станици се трајни, изработени од инокс, од не‛рѓосувачки челик.  Друга позитивна карактеристика е што тие се вкопани во земја и воопшто не влијаат на околината. Врз нив може да се посади трева и воопшто не се забележуваат.

„Одржувањето е минимално. Бидејќи е аеробна резервоарите и третманите се така направени за водата да тече гравитационо низ резервоарите, значи да нема потреба од пумпи и препумпни станици. На овој начин се заштедува голем процент на електрична енергија.

 Тоа ја поевтинува станицата и нема потреба од одржување, што во денешно време е најголем проблем затоа што одржувањето бара стручни луѓе, високи плати, придонеси и ред други трошоци.

Пречистителните станици што ние ги монтираме може да ги одржува еден човек со општи познавања,образложува Петрушевски.

 

 Пласман со препораки од човек на човек

-Инаку да кажам овие се погодни станици, направени од пет еквивалентни. Кога се одредува капацитетот на станицата се пресметува во литри потрошена вода. Така во градски подрачја се пресметува до 200 литри по човек, а во другите средини по150 литри по човек. За користење од четири индивидуи се пресметува 600 литри на ден. Таква една станица би чинела околу 4500 евра и намената е најпогодна а реони каде нема канализација.

Идејата беше, вели нашиот соговорник, наместо септички јами да се вградат вакви станици со што ќе се користи отпадната вода за градините. Покрај тоа ваквиот вид на прочистување на фекалните води имаат предност и на простори каде не може да се прави колекторски прстен, но и на места каде се гради. На пример, треба да знаеме дека колекторот што се гради околу Скопје за да дојде до Трубарево ќе чини енормно скапо (околу 500 милиони евра), бидејќи за да се транспортираат тие води потребни се повеќе пумпи кои трошат повеќе струја и се расипуваат. А за волја на вистината од Сарај до Трубарево има 29 влеза во речното корито. Мојата идеја беше пред да влезе отпадната вода во реката да се постави пречистителна станица – ем поевтино, ем немаше да се прекопа Скопје. Дополнително зборуваме за македонски производ, без трошоци за одржување, без потрошувачка за електрична енергија“, уверува Петрушевски.

Инаку, Петрушевски од 2007 година до сега, заедно со својот тим имам инсталирано околу 24 прочистителни станици за фекални отпадни води во разни населени места и во компании. Но, жали што најмалку има во Македонија. Повеќето од нив се инсталирани во Црна Гора, во БиХ, во Албанија, Србија.

Тој раскажува дека со помош на Стопанска комора, која ги поканила сите градоначалници во 2008 година направил презентација. Но, за жал од сите нив, тогаш интерес пројавил само тогашниот градоначалник од Богданци, и во последниве години предноста на овие станици ја забележува и градоначалникот на Сопиште.

Меѓутоа Петрушевски верува дека одржувањето на еколошка здрава средина се повеќе ќе ја наметнува потребата од овој тип на пречистителни станици за фекални води. Тој тврди: таму каде се монтирани нашите станици, луѓето заборавиле дека постојат, се сè претвора во биогас. Аерацијата има мала електроника, која се напојува со фотоволтаици“.