Дигитално зрели компании засега само 34 отсто во земјава, покажува ново истражување на Македонски Телеком за дигитална зрелост на малите и средни компании.

За да се добие јасна слика за дигиталната подготвеност на една компаниија, Македонски Телеком во соработка со ИПСОС, спроведува детално и опширно истражување за степенот на дигиталната зрелост на компаниите во Македонија според Дигиталниот индекс. Со Индексот на дигиталната зрелост, се покажува степенот на дигитална развиеност на една компанија согласно нејзините практики и подготвеност за користење на дигитални алатки и услуги. Целта на истражувањето е да се добие увид во дигиталната подготвеност на компаниите во Македонија, да се разберат навиките и потребите за користење дигитални алатки, но и да се поттикнат малите и средни бизниси успешно и побрзо да се дигитализираат.
И годинава, истражувањето беше спроведено врз репрезентативен примерок од 500 компании. Главниот фокус е насочен кон компаниите со помалку од 250 вработени, како значаен двигател на економијата со најголемо присуство на македонскиот пазар.
Еден од главните заклучоци е дека 34 проценти од компаниите имаат висок индекс на дигитализација, што е зголемување во однос на минатата година кога оваа бројка изнесуваше 28 проценти.
„Сите оние компании коишто порано почнаа да користат дигитални алатки веќе бележат раст и развој. Денес не треба да дискутираме дали ни е потребна дигиталната трансформација, туку како и кога ќе ја спроведеме. Македонски Телеком е посветен парнер за дигитализација и освен дигиталните алатки и сертификати нуди и сигурност и одржливост на подолг рок, како и највисоки системи на заштита. Посветени сме да бидеме двигател и поттик за целосна дигитализација на бизинисите, а со тоа и развој на целата економија.” – изјави Гоце Митевски, Главен комерцијален директор за деловни корисници.
Генерален заклучок од истражувањето е дека компаниите во Македонија, посебно малите кои имаат до девет вработени, ги согледале придобивките на дигиталниот маркетинг и дигиталната комуникација, а се забележува и статистички значаен пораст на релевантните алатки: веб комуникација, дигитална продажба на производи/ услуги (е-трговија), спонзорирани реклами и други форми на дигитален маркетинг, софтвер за контрола и оптимизација на процеси, CRM/ ERP.
И покрај позитивниот тренд на дигитална трансформација на компаниите, сè уште сме на почетокот и се очекува сè повеќе мали и средни компании да користат дигитални алатки во наредниот период.