Жените можат да ја постигнат рамноправноста само ако станат финансиски независни. За да се случи тоа, според претседателката на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, Анета Антова Пешева, жените треба да одбираат професии каде можат и подобро да заработат. 

„Минатата година на Преспа форумот во економскиот дел сите беа мажи, само јас жена. Во другиот дел за родова рамноправност, беа само жени. Овој јаз не знам како можеме да го пробиеме. Но, во секој случај го зборувам како ментор на млади девојки во основните училишта за да ги мотивирам да се запишат на техничките науки. Да одат во ИТ индустријата.  Девојките подобро завршуваат училиште, подобро се справуваат со науката. Потенцијалот е огромен. Имаме над 2 000 ИТ компании во Македонија. Во нив генерално работат млади деца, кои прават речиси 1 милјарда евра на годишно ниво, вели Антова Пешева.  

Од друга страна, пак таа сподели податоци и околу тешкотиите што ги имаат сите во општеството во состојба на недоволна дигитализација на сите нивоа.  

„Во нашата држава не постои интероперабилност меѓу министерствата. Секое министерство си е приказна за себе. Ако тоа министерство за труд, не дава податоци на УЈП. Тука имаме најголем проблем. ние имаме полуваријанта, на едно место вадиме хартија, на друго место потпис добиваме. Тука имаме проблем во однос на дигитализацијата. Во приватниот сектор компаниите се подалеку стигнати од дигитализацијата отколку државата“, посочи Антова Пешева.  

Според Весна Ивановска, генерална менаџерка на „Сеавус едукативен и развоен центар“,  многу успешни жени често знаат да речат дека ним никој не им направил сопки во патот кон успехот. Нејзината теза, сепак е спротивна. Дека не треба да ви направат сопки, туку да ви овозможат средина за полесно да почнете бизнис. 

„Бизнисот нема пол, иако има некои поубави страни на женското претприемништво, но во својата суштина бизнис логиката е една. Она што треба да го знаат и мажите менаџери, треба да го знаат и жените менаџери. За жените е потребно да ставиме фокус на посебни програми на родово буџетирање на градење капацитети. Зошто? Бидејќи немаме еднаква стартна позиција кога е во прашање бизнисот. Видете го бројот на жените кои имаат имот во Македонија. Тој процент изнесува околу 15%. Тоа зборува за нашата економска сила и моќ. Ако немаме имот и не сме финансиски моќни, немаме кредитен рејтинг како да се појавиме пред банките и да побараме пари за нашиот бизнис. Жените треба да балансираме меѓу приватниот и професионалниот пат. Да не ги зборувам стереотипите очекувањата од нас. И она што најмногу ме нервира е нашиот менталитет е неприфаќањето на неуспехот како само една од опциите како што редовно се случуваат во бзизнисот“, вели Ивановска.  

Ивановска доаѓа од компанија која важи за една од најмногу дигитализирана во земјава - „Сеавус“. Според податоците кои ги сподели, над 60 насто од менаџментот се жени. Нејзината порака гласи - ако високо дигитализирана компанија ја водат жени, значи жените и дигитализацијата функционираат заеднички многу добро во кохезија. 

„За можностите што таа ќе ни ги даде, ќе бидат истите и за мажите и за жените, можеби ние жените ќе бидеме повнимателни во процесот на усвојување на различни алатки и во процесот на трансформирање на менталитетот на нашата работна сила“, смета Ивановска.