
Како што најавивме, во Белград се во тек Деновите на македонската култура, со наслов „Допир на Македонија“, во рамки на кои премиерно беше изведена театарската претстава „Ветер во тапетите“. Тоа е прва театарска претстава на македонската заедница во Србија реализирана во продукција на Здружението „Македониум“ и Форумот на младите Македонци во Србија,
Претставата „Ветер во тапетите“ изведена во Народниот театар во Белград на сцената „Раша Плаовиќ“, е двојазична, на српски и на македонски јазик. Сценариото и режијата е на Зоран Митровиќ, млад белградски глумец со македонско потекло. Заедно со својот колега Немања Симиќ тие ја водат публиката низ возбудлива театарска двојазична авантура...

Манифестацијата „Допир на Македонија“ во Белград денес има свечена академија посветена на Св. Кирил и Методиј, и со омаж на поетесата Душица Илин Шеќеровска. Утре, пак, во Куќата на Ѓура Јакшиќ во Скадарлија ќе биде отворена Изложба на слики на Елисавета Георгиева Јордановска, со наслов „Везот на магловитиот мурал“, додека на 26-ти мај Дарко Гавровски ќе ја промовира книгата Тетовскиот говор.
Манифестацијата завршува со со Деновите на македонскиот современ филм, од 27-ми до 29-ти мај, со гостување на Зорица Нушева и режисерот Јани Бојаџи, чиј филм Ругање со Христос ќе биде дел од оваа манифестација.