Меѓународниот ден на пчелата се одбележува на 20 мај, кога е роденденот на Антон Јанша, основоположник на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот за воведување Меѓународен ден на пчелата е на Словенија, а бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

По повод 20 мај, Светскиот ден на пчелата, денес во кругот на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) ќе биде отворен првиот Парк на пчелата во земјава. Овој простор е училница за студентите, но и место на кое сите посетители, независно од возраста, ќе можат да се запознаат со значењето и биологијата на пчелите, технологијата на одгледување, медоносните растенија и производите на медоносните пчели.

Мотото на годинашниот Светски ден е „Пчелите инспирирани од природата да нè хранат сите“. Неговата цел е да ги истакне клучните улоги на пчелите и другите опрашувачи во земјоделско-прехранбениот сектор и здравјето на екосистемите на нашата планета.

Пчелите денес опрашуваат над 80 проценти од земјоделските култури и влијаат врз производството на околу една третина од храната на целата планета. Покрај фактот дека без пчели нема да има опрашување на културите од кои зависи исхраната на луѓето, нема да има ниту опрашување на дивите некултивирани растенија кои придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот и синџирот на исхрана во природата.

Според експертите, пчелите и останатите опрашувачи се неопходни за човековото постоење. Благодарение на над 20 000 видови пчели и разни други диви опрашувачи, се опрашуваат растенија кои ја сочинуваат основата на човековата исхрана. Опрашувачите сериозно ја помагаат одржливоста на земјоделството и биодиверзитетот. Сепак, губењето на живеалиштата, неодржливи земјоделски практики, климатските промени и загадувањето го загрозуваат здравјето и опстанокот на различните видови опрашувачи.

„Загадувањето на животната средина е еден од факторите кои негативно влијаат на пчелите, но не само во однос на нивното труење. Со зголемување на нивото на јаглерод диоксид во воздухот, се намалува нивото на протеини во поленот. Во делови од светот каде загадувањето е максимално и каде јаглерод диоксидот е во огромни количини во воздухот, има помалку протеини, иако има изобилство полен. Ова не е доволно за квалитетно хранење на пчелите. Пчелата стана главен опрашувач, бидејќи луѓето користејќи пестициди во земјоделството ги уништија сите диви опрашувачи кои ги опрашувале растенијата заедно со пчелите. Повеќе од 200.000 животински видови се опрашувачи, од кои огромното мнозинство се диви, вклучувајќи пеперутки, птици, лилјаци и повеќе од 20.000 видови пчели“, наведуваат експертите.

Покрај отворањето на Парк на пчелата Македонија се приклучува кон одбележувањето на Светскиот ден со посебен настан што го организираат хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, Амбасадата на Република Словенија и Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) заедно со децата од градинките на општина Гази Баба и студентите од ФЗНХ. Предвидена е богата програма за сите генерации.

Паркот на пчелата има аудиовизуелни елементи со информативно-едукативна содржини за сите генерации. Дополнително е облагороден со медоносни растенија, а поставени се и традиционални и современи живеалишта за медоносни пчели, хотел и песочно живеалиште за повеќе видови опрашувачи, како и многу други содржини чија цел, освен едукација и информирање, е и подигање на свеста на граѓаните за важноста на пчелите и воопшто опрашувачите.

“Прославата на Светскиот ден ќе фрли светлина врз виталните улоги на пчелите и другите опрашувачи во обновата на екосистемите, зачувувањето на биолошката разновидност и безбедноста на храната и исхраната. Ова е можност да ги засилиме нашите напори за заштита на пчелите и другите опрашувачи. Со тоа можеме да ги ублажиме ризиците од недостаток на храна, неодржлив земјоделски сектор и нарушен биодиверзитет”, информираат организаторите.

Паркот на пчелата е изграден со поддршка на Република Словенија во рамки на проектот „Жени пчелари-двигатели на позитивни промени во Македонија“, а го имплементира хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија.

-Се работи за добро пристапна локација со асфалтни патишта од три страни, со паркинг за моторни возила и велосипеди, а непосредно има и автобуска станица. Иако се работи за фреквентно опкружување, местото е тивко и изолирано од градската бучава, што го прави идеално за престој на студенти, повозрасни лица, деца, но и останати категории граѓани. Паркот на пчелата има своја едукативна и информативна намена каде студентите, учениците и јавноста ќе имаат можност да се запознаат со значењето, биологијата, технологијата на одгледување на медоносната пчела, медоносните растенија и производите од медоносните пчели. Сите што ќе го посетат Паркот ќе можат да се запознаат и со другите видови опрашувачи преку поставениот хотел за инсекти. Во еден дел од паркот наведени се и голем број на предаторите кои ги напаѓаат пчелите. Паркот ќе претставува вид отворена училница за одржување на дел од наставата на отворено, а во него ќе има и аудио и визуелни елементи, велат од АДРА Македонија.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија и партнерите се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја почна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“.