Денеска се одржува аукција за зелената обврзница од која се очекуваат 10 милиони евра, кои ќе бидат искористени за поддршка на зелени проекти преку Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка.

Аукцијата за зелената обврзница, за која проспектот беше објавен минатата недела, ќе се одржи денес. Од министерството за финансии какао што најави и министерот, Фатмир Бесими очекуваат поголем интерес пред се од банките и институции, иако е наменета и за граѓаните.
Зелената обврзница е двегодишна, со вкупна емисија од 10 милиони евра во денарска противвредност и годишна камата од 4,7 отсто. За новата обврзница покрај граѓаните можат да се пријават и банки и институции затоа што станува збор за еден нов инструмент што во билансот на банките и компаниите ќе им значи не само финансиска туку и дополнителна вредност.
Станува збор за обврзница, која ќе се обновува на пазарот и во иднина, односно граѓанските обврзници ќе ги има во континуитет на нашиот финансиски пазари –посочуваат од министерството.
„Министерството за финансии во јули годинава издаде двегодишни граѓански обврзници во износ од 1,448 милијарди денари (23,6 милиони евра, со фиксна каматна стапка од пет отсто годишно.
Структурни обврзници за три општини
Минатата недела се издадени и структурни обврзници во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиони денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница.
Со структурните обврзници се обезбедуваат средства со кои на општините им се овозможува да ги намират досепаните обврски и да ги зајакнат своите финансиски капацитети. Се издаваат на 10 години и им овозможува да ги репрограмираат обврските и дава основа општините да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на својот развој.
Износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати. Од друга страна, Структурните обврзници кои ќе бидат издадени на доверители, истите ќе може да ги користат за подмирување на обврски кон Управата за јавни приходи. Исто така, со нив ќе може да се тргува на секундарниот пазар на Берзата.
По граѓанската обврзница и зелената обврзница, за која денеска се одржува аукција, на пазарот на капитал ќе биде воведен уште еден нов финансиски инструмент проектната обврзница, најавува министерот за финансии Фатмир Бесими за регионалниот сајт SeeNews.
„Министерството за финансии планира да воведе нов инструмент на пазарот кој ќе биде наменет за финансирање инфраструктурни проекти, што е дел од новата стратегија за диверзификација на понудата на пазарот на капитал”, најавија од министерството.
Како што е најавено новите проектни обврзници ќе претставуваат алтернативен начин за институционалните инвеститори за финансирање инфраструктурни проекти.