Ајвар, кашкавал, слива - звучи како семеен појадок, но не е. Сè може да се вклопи во еден конус. Необичните сладоледи ги прави семејството Шобиќ подобро и од Италијанците, а можете да ги вкусите во слаткарницата на улицата Маршал Бирјузов во Белград.

Верољуб Шобиќ е дипломиран филолог, а неговата сопруга Јасмина е политиколог, но тие не работат на своите професии. И како што раскажува  Верољуб, тие почнале да прават сладолед од очај, но набрзо ја засакале работата и со овој занает се занимаваат последните 30 години.

„Сладоледот беше избор на мојата сорпуга. Се започна со она размислување како да се почне со нешто, па како – Ти знаеш малку италијански, јас како дете ја сакав слаткарницата, и така падна одлуката да правиме сладолед. Мене во тоа време ми беше сеедно, беше догорело до ноктот и важно беше да се почне со нешто. Тоа беше нејзин избор, но многу брзо се заљубивме во работата бидејќи сфативме дека постои неограничена можност за креирање“, вели Верољуб Шобиќ.

Со насмевка се присетува дека првиот сладолед што го направиле не бил баш како што очекувале.

„ Страшно се задолживме. Во цената на машините, кои се ужасно скапи, влегува и обуката. Дојде еден Италијанец, кој неколку часа нешто зборуваше, покажуваше, правеше, заврши и замина. Што си снимил, си го снимил. И за наша несреќа, прво почнавме да правиме сладолед од  јогурт и истураме се што ни треба, а од машината почнуваат да излегуваат парчиња како крпи. Тоа не беше сладолед, тотален хаос. Ем си главен, ем ништо не знаеш, а машините прескапи. Цела среќа што се покажа дека долготрајното млеко било расипано. Веќе со вториот обид да направиме сладолед, се беше во ред, но како и да е нашиот бизнис го започнавме со стрес“, се сеќава Верољуб на почетокот.

Верољуб, Јасмина и нивната ќерка Наталија денес имаат 24 видови сладолед, а прават и корнети по сопствен рецепт. Италијанците им признале дека имаат подобар сладолед од некои италијански слаткарници.

„Ова е вистински занаетчиски сладолед, тоа значи дека овде не користиме никаков репроматеријал, туку суровина. Па, кога ќе ви кажам дека имам сладолед од вино, го правам со вино, ако е од дренка е со дренка, ако е сладолед од чоколадо е со чоколадо што сам го правам, ако е ванила, користам стапче од ванила. Значи нема гликозни сирупи, ароми, бои. Секогаш инсистирам да нема обичен сладолед во нашата слаткарница. Иако, сè што е природно денес, се смета за невообичаено, сепак не постои нешто за јадење што не може да биде сладолед“, нагласува Верољуб. Нивниот сладолед се јаде и во италијанската амбасада.

„Поранешниот амбасадор Манцо доаѓаше во мојата слаткарница, според него, за најдобриот сладолед и најдоброто еспресо во земјата“.

„Тоа е едно од моите најголеми признанија. Доаѓа госпоѓа на која и нудам како и на сите други: - Пробајте, пробајте. Ја прашувам дали сака штрудли, а таа ми кажува дека ја прави најдобрата штрудла на светот. Одлично, тогаш ќе ми бидеш добар судија. Кога го проба сладоледот со штрудла, темелно го истражи и рече да додадам уште малку ванилин шеќер во штрудлата“, раскажува Верољуб.

Слаткарницата на семејството Шобиќ нуди широка палета на сладоледи. Нудат сладоледи од шливовица, темјаника, кашкавал, ајвар, пиво, мушмула, па кога првпат ќе дојдете кај нив, дочекот е навистина српски.

„Ако сакаме да бидеме вистински српски домаќини, кога некој ќе влезе во нашата куќа за прв пат, мора да му понудиме да пие. Овде го нудам нашето бело вино и вино од слива. Кај мене никогаш нема да видите манго, папаја, авокадо, туку ќе пробате дренки, трнинки, суви или унгарски сливи или родната чачанска. А, ако јадете круша, таа е само караманка или калуѓерка, не виљемовка“, објаснува Верољуб.

Верољуб ја донесе Италија во срцето на Белград, па сега белграѓани уживаат во овие вкусови, бидејќи одењето на сладолед е и побрзо и поевтино.