Филмот за популарната Барби, само една недела по премиерата, на кино-благајните ширум светот заработи повеќе од 356,3 милиони долари.

Компанијата што го произведува, Mattel, искористи повеќе од стотина партнерства со брендови и интензивен маркетинг, позиционирајќи го филмот како културен настан на годината, но сепак... дали сето тоа ќе им се исплати?

Производителот на играчки соопштил дека продажбата во вториот квартал паднала за 12 проценти во однос на една година предтоа. Треба да се напомене дека кварталот заврши на 30 јуни, неколку недели пред прикажувањето на филмот. И покрај ова, компанијата ја задржа својата финансиска перспектива за годината.

Инон Кројц, извршен директор на Mattel, во интервју за Wall Street Journal изјави дека ефектот од филмот ќе се почувствува дури во наредниот период. „Ова не е само еднократно.“

Разбирливо е дека компанијата најверојатно ќе заработи скромна сума пари од надомест за производство и лиценцирање, но „нема да помести ништо“ кога станува збор за крајната линија, оценуваат аналитичарите.

Она што не е во прилог на компанијата е заминувањето на главниот оперативен директор Ричард Диксон, кој оди во Гап. Диксон помогна да се подмлади брендот Барби и го предводеше повторното лансирање на куклата во 2016 година за да вклучи поразновидни типови на тело и тонови на кожа.

Додека критичарите велат дека куклата Барби им го испрала мозокот на генерации млади девојки со недостижни идеали за убавина и тенкост, други ја гледаат како фигура на женска еманципација преку фигури како што се Барби астронаутот и Барби хирургот. Гервиг (39) рече дека нејзиниот пристап кон Барби бил „да не негира дека е полна со контроверзии“.

„Филмот има толку многу “, изјави Маргот Роби за Франс прес на лондонската премиера. „Многу е забавно, урнебесно, многу е паметно и кажува многу“, вели австралиската актерка, која е и една од продуцентите на филмот. „Тоа е лудо возење и визуелен спектакл. Не можам да замислам друг филм како него“.

Универзумот на Mattel

Она што е идејата на Mattel, како и на ривалските производители на играчки Хасбро и Лего кои соработуваа со студија за да продуцираат долгометражни филмови во кината, е да создаде нешто слично на серијата на Марвел.

Претходно овој месец, Кројц изјави за Би-Би-Си дека има за цел да создаде „универзум на Мател“ кој ќе го имитира успехот на Марвел.

Основана во 2018 година, Mattel Films сега има во подготовка уште 14 филмови со своите брендови, вклучувајќи еден и за автомобилите Hot Wheels, игрицата Uno и виолетовиот диносаурус Барни.

Првата Барби беше лансирана во 1959 година и сè уште е најпродаваниот бренд на Mattel, со приходи од над 1,5 милијарди долари годишно.

Пред Барби, куклите најчесто биле обликувани како бебиња, за децата да си играат со нив во улога на „родител“. Сепак, Барбиките ги охрабруваа децата да ја замислат својата иднина преку кукли.