
Борбата со корупцијата е слаба, нема големи резултати. Тоа е заклучок и на сите меѓународни институции, за Македонија, што се зафатиле со истражување на оваа погубна појава за растот на една економија и општеството. Корупцијата има многу дефиниции, но страшното е тоа што таа кај нас се има претворено во начин на живот, на нешто вообичаено, на злоупотреба на службената положба, а најстрашно е тоа што информациите за потврдена корупција не’ оставаат рамнодушни! Се има впечаток дека не се работи, или недоволно се работи, на сузбивање на таа метастаза или октопод, односно никој не се осмелува да преземе радикални видливи чекори за борба со таа „инфекција“, а камо ли да дејствува во својата микросредина, да ја пријави, и така, во соработка со надлежните органи, пршлен по пршлен да и се скрши рбетот. Нам ништо не ни значат негативните извештаи од Стејт департменотот, од Репортерите без граници, од Фридам Хаус, од ГРЕКО и други кои укажуваат дека во Македонија владее корупцијата на разни начини и во разни форми. Да, се водат судски постапки, се изрекоа и пресуди, но тоа е за голем/висок криминал, а секојдневниот „рушвет“ за разни услуги, како на пример за дозволи за градба на разни комерцијални објекти од кои граѓаните имаат многу повеќе штета отколку корист, си останува. Користа оди во џебовите на тие што се нашле на некаква услужна позиција, во пајажината што ја ткаат повеќе индивидуалци и инстутуции, на штета на државниот буџет од кој очекуваме стимулации во корист на економскиот траст.
Последен пример/случај на парична корупција, што излезе во јавноста, беше случајот со царинскиот службеник, кого на снимка го видовме како прима пари за нешто што треба, односно мора, да го заврши во редовна работна процедура.
Овој случај ни даде идеја да консултираме некој од домашните експерти, како да се намали паричната корупција со зголемена контрола на партие во оптек. Одговорот го добивме од економскиот аналитичар Павле Гацов. Овој наш економски стручњак одамна ја промовира идејата за „електронски пари“.
- Што е идејата на оваа ваша заложба?
- Прво е, можноста за намалување на даночната евазија. Но, парите имаат своја историја. Сакале или не, тие ќе се менуваат. Не почнала историјата со книжните пари, односно со физичките пари. Ако погледнеме во историјата, на почетокот функцијата на парите ја вршеле камењата, па златото, па потврди ит., па се дошло до денешните пари. Во вакво дигитално време, веќе е демоде да постојат физички пари.
- Со оглед на нашите навики и потреби да се има некој денар в џеб за кафе, за ситнни потреби, мислам дека би било многу необично и непрактично?
- Да, се согласувам, навиките тешко се надминуваат, но јас зборувам за процес. Не ни сакам да одредам конкретен датум на кој траба да се воведе целосен престанок на функцијата на сегашните банкноти и почеток на целосно електронско плаѓање. Препорачувам, на пример, во период од 5 години, секоја година, одредена количнина физички пари, да се повлекува од оптекот, а да се заменуваат со електронски, дигитални пари. Читателите да не ме разберат погрешно, овде не станува збор за криптовалути – Биткоин, Ескоин, Уанкоин итн, зборувам за МАКЕДОНСКИ ЕЛЕКТРОНСКИ ДЕНАРИ.
- Што би бил ќарот од една ваква реформска мерка?
- Ползата би била далекусежна: дигиталните пари оставаат траги. Освен што ниеден промет нема да помине без да биде регистриран во режимот на оданочување или како приход на данок на добивка или примање за персонален данок на доход, не знам кој криминалец ќе се осмели да преземе дигитални пари ако не се регулирани барем во некоја законска форма. Вие знаете дека и по долги години компјутерски податоци можат да се вратат. Така може да се дојде до одговор на прашањето, кој, зошто и колку добил во одредена зделка или трансакција.
- Некој би рекол: па и сега функционираат електроснките домашни пари со плаќање на сметките за комуналните, телевизиските улуги, плаќање во продавница со картичка итн. Според вашиот предлог, до каде би се одело со практикувањето на електроските денари?
- До крај! Тоа значи дека мојот предлог е да исчезнат физичките пари од паричниот систем. Контролор на електронските пари, се разбира, ќе биде Народната банка. Тоа значи дека емисијата на примарните пари ќе си остане кај Централната банка. Секундарната емисија - кај комерцијалните банки и понатаму се економските субјекти. Парите ако не ги заработите ќе ги немате ни на картичката, зборувам за платата. Потоа, електронското плаќање, по моја сугестија, треба да стигне до зелените пазари. Продавачите на зеленчук мораат да имаат сосодветен апарат со кој ќе ви овозможат плаќаење со картичката. Тоа го имам видено, замислете, во Грузија. Таму видов дека електронското плаќање функционира без проблем и на зелените пазари.
- Уште колку придобивки може да има овој систем што го предлагате?
- Што се однесува на физичките пари, откако ќе ги земете в раце им се губи трагата, тие можат да завршат секаде, стануваат неноминирани. Тоа значи дека штом оставаат електронски траги, важноста на овој начин на плаѓање е превентивна мерка против корупцијата број 1. , потоа против даночната евазија и на крај за секакви статистички следења.
- Има ли некаков одзив на оваа ваша идеја што ја сугерирате неколку години?
- Оваа идеја неколку пати ја имам промовирано во стручните економски списанија и знам дека од страна на економските стручњаци е разбрано. Прашање е дали политичарите ќе почувствуваат дека им треба оваа реформа. Нив повеќе ги плаши тоа – како ќе се живее „без пари“.
- Како да ја регулираме сивата економија која, параленлно со оданочената, изнесува 40 проценти од БДП. Мислам дека ако се „регулира“ таа економија, би се уништил тој „амортизер“ на социјалната напнатост?
- Напротив! Вие не можете да собирате данок од само една социјална група, а да имате идеална здравствена заштита, да имате закрпени улици или квалитетни услуги од јавниот сектор. Со оваа стапка на данок и со оваа даночна основа ќе добивате крпеници, Тоа во овој момнет се случува кај нас. Ако собирате данок од сите, па и од тој што продава чорапи на пазарот на црно, тој ќе влезе во тој систем и ќе биде многу социјално посигурен дека државата, поради значително поголемиот прилив на средства, ќе биде во можност да му обезбеди механизам и на пензиско и на здравствено осигурување. Неговиот приход исто така може соодветно да се оданочи. Поголемиот приход од даноците, ќе ни овозможи во јавниот сектор да ги закрпиме тие крпеници што не прават држава со ниски даноци, ама со лоши јавни услуги. Значи целата оваа ситуација е системски врзана.
- Наведувате на прашањето за стапката и начинот на општото оданочување. Дали е подобро да се применува политиката на рамни даноци, или на прогресивното оданочување?
- Фискалната теорија вели дека поволностите и на едниот и на другиот концепт се разлини. Примената на рамното оданочување не даде некои големи резултати. Затоа треба да се води долгорочна јавна расправа пред да се воведе најсоодветниот концепт. Мислам дека концептот за прогресивното оданочување ќе донесе повеќе приврзеници од економистите. Но, најважно е итно стопирање на непродуктивните трошења на буџетските средства. Можеби тоа е првата заштитна мерка на економската политика.