Деновиве во медиумите се појави инфомрација дека Македонија направила значаен чекор кон вклучување во проширениот Вертикален коридор. НОМАГАС АД Скопје, заедно со Transportgas Srbija, прв пат учествуваше во работните разговори на операторите на системите за пренос на природен гас, одржани на 10 јули во Атина, со што Западниот Балкан се вклучува во натамошниот развој на Иницијативата.

Во разговорите учествувале DESFA од Грција, Bulgartransgaz од Бугарија, Transgaz од Романија, Vestmoldtransgaz од Молдавија, FGSZ од Унгарија, EUSTREAM од Словачка и GTSOU од Украина, како и независните оператори Gastrade и ICGB.

Македонија ја претставуваше НОМАГАС (Акционерско друштво за вршење  енергетска дејност пренос на природен гас во државна сопственост.)

За Македонија ова значи навремена координација на развојот на домашниот систем со интерконекторите кон Грција и Србија и создавање услови за пристап до повеќе извори и повеќе правци на снабдување. вели Недим Рама, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.

Ова занчи дека Македонија треба да се поврзе со гасоводните коридори на соседните земји по веттикала за да не биде заобиколена во снабдувањето со гасот. Едновремено се диверзифицираат изворите за снабдување и транспорт, и намалување на узовот на гас само од Русија со една цевка на границата со Бугарија.

Факт е дека Макекдонија е на маргините на гасификацијата на регионов, особено во Европа. Процесот трае многу долго, а замјава губи огромни милиони во плаќање поскапа енергија, која загадува, ја губи наплатата од транзиционите такси, а со тоа заостанува во економскиот развој. Власта, која и да е, мора да ги има предвид сите можности за развој на економијата со вклучување на сите расположливи кадри и можности во науката и техниката, на универзитетите, на научните инситути во кои, за жал, има се помалку кадар  и знаење.

Накратко, гасификацијата на Македонија е далеку од завршена и населението не треба да се надева дека до тоа ќе дојде и дека сметките за греење драстично ќе се намалат. Никој веќе не се сеќава кога некој од министрите што ги водат економските ресори ја спомнал гасификацијата.

Иако во изминатите 15 години се вложени значителни средства во магистралната гасоводна мрежа, државата сè уште нема целосно функционален национален систем, а уште помалку развиена дистрибутивна мрежа до домаќинствата. Дистрибутивната мрежа ќе биде посебна приказна и болка која можеби никогаш нема да се реализира.  

Во моментов постои функционален главен гасовод:

Деве Баир (граница со Бугарија) – Крива Паланка – Куманово – Скопје. Овој гасовод е изграден уште во 1990-тите години и претставува основа на македонскиот гасен систем. Преку него се снабдуваат главно индустриски потрошувачи и неколку јавни институции.

Во завршна или напредна фаза се неколку клучни делници: Клечовце – Неготино, Неготино – Битола, Скопје – Тетово – Гостивар.

Според плановите на НОМАГАС и Регулаторната комисија, овие делници треба постепено да бидат пуштени во употреба во текот на 2026–2027 година, со што западниот и југозападниот дел од државата конечно ќе добијат пристап до националниот гасоводен систем.

Еден од најважните проекти е гасоводот  Македонија – Грција. Неговото значење е огромно, бидејќи треба да овозможи снабдување со природен гас од грчките ЛНГ терминали, пристап до азербејџанскиот гас преку ТАП, намалување на зависноста од единствениот влез преку Бугарија, поголема конкуренција и потенцијално пониски цени.

Договорот за изградба беше потпишан лани и проектот е во фаза на реализација.

Како што рековме, најголемото прашање и најголем проблем е – дали и кога ќе имат можност и кога ќе им се понуди на домаќинствата да се приклучат на гасоводниот систем преку микромрежата која треба да стигне до секој дом.

Но, како и сите други апсурди што ги произевдува нашата економска „развојна“ политика, така и на овој терен постои апсурд на кој денеска никој и ниедна институција не можа да одговори. А, тоа е - иако се градат магистрални цевководи, локалните дистрибутивни мрежи во градовите речиси и не се развиени, дури не се ни почнати, освен во Струмица и во Куманово. Така надежта за скорешно приклучување на становите во другите градови е врапче на гранка. Во најголемиот дел од градовите не е направена техничка можност за користење на природниот гас, па така се’ уште најголемите корисници остануваат индустријата и неколку јавни институции.

Токму недостатокот на градски дистрибутивни мрежи е една од главните слабости што ја наведува и Државниот завод за ревизија.

Ревизијата констатира дека се вложени над 143 милиони евра во три магистрални гасоводи и дека  тие долго време не биле ставени во функција, нема доволно развиен долгорочен план за дистрибуција до крајните потрошувачи и дека бавната реализација негативно влијае врз енергетската транзиција и економијата.

Состојбата по региони е следна:

Регион                                   Состојба

Скопје:  Најразвиена гасоводна инфраструктура, но     ограничен број приклучоци за домаќинства

Куманово:    Има пристап до магистралниот систем

Крива Паланка:                            Поврзана

Кратово:                                      Поврзано

Велес:                            Во процес на проширување

Неготино:                        Во процес на поврзување

Битола:                    Се гради магистрален гасовод

Тетово:                     Се гради магистрален гасовод

Гостивар:                  Се гради магистрален гасовод

Кичево:                    Планирано продолжување

Ако се спореди со земјите од Централна Европа ќе се види дека:

Словачка: над 90% од домаќинствата имаат пристап до гасот.

Унгарија:  околу 90%.

Србија: значително поразвиена мрежа од македонската.

Македонија денес се наоѓа во средна фаза на развој на магистралната гасоводна инфраструктура, но во рана фаза кога станува збор за гасификација на градовите и домаќинствата. Главните цевководи постепено се довршуваат, но без изградба на локални дистрибутивни мрежи и приклучоци до објектите, придобивките за граѓаните ќе останат ограничени.

За домаќинствата да можат да се приклучат, потребни се градски дистрибутивни цевководи, мерни станици и приклучоци до секоја зграда или куќа. Во најголем дел од Македонија тие сè уште не се изградени. Затоа, ако прашате некого - дали се испалтува да се инсталира гасоводен довод во вашата куќа или стан, нема да можете да добиете прецизен одговор. Одговорот зависи од тоа колку ваши соседи се заинтересирани за инсталација на гасоводен домашен систем. Ако во вашата улица нема други заинтересирани, сите трошоци на доводот ќе паднат на ваша сметка. Желбата на инсталација на гасот до вашиот шпорет не зависи само од цената, туку тука има разни калкулации во споредба со другите горива и можности, а многу присутен е стравот за безбедноста во функционирањето на овој начин на греење и затоплување.

Ако се следат подетално работите ќе се види дека на македонскиот пазар поприсутни се понудите на други видови греење, како на пример греењето со пелети, сончеви панели, клима уреди, конвертори, а најнов хит се топлинските пумпи кои имаат можност за греење и за ладење, а проспектите велат дека се и доста економични.

Како што се движат работите, фазата со греење на домаќинствата со гас, може да излезе само убава приказна која нема да се оствари во практиката. Гасот ќе остане само за големите компании, кои, исто така, ќе ја плата цената на целата количина гас што ќе ја увезува Македонија.