
Беше пролет 1989-та. На телевизија ги гледав „Леб и сол“. Тогаш немаше толку спотови, како што беше подоцна во 90-те. Таа категорија беше во подем…
Го претставуваа албумот во доаѓање „Путујемо“, посветен на сите патници на овој свет, гордиот наследник на „Као какао“. На стариот, добар плејбек ја изведоа „Чукни во дрво“.
Помислив – не постои поубава македонска песна.
Бог знае колку пати одев до „Југотон“ и го барав албумот. Прво пристигна винилот. А, јас барав касета…
Влатко Стефановски имаше големо интервју за „Млад борец“. Мислам дека разговорот го водеше Љупчо Јолевски. Во интервјуто кажа би сакал „Чукни во дрво“ да го има статусот каков го имаа евергрините „Еден бакнеж“ и „Кажи зошто ме остави“. Во рамките на интервјуто беше рамка, а во неа текстот на „Чукни во дрво“, Песни, стихови, цели фермани…
Помислив повторно – не постои поубава македонска песна.
„Чукни во дрво“ Влатко ја напиша како сага за љубовта. Тоа беше љубов, крунисана со брак, деца, убав живот и успешна кариера. Никој не можеше да им одолее на искрените стихови. До денес, тоа е една од најпопуларните македонски песни во регионот. Поп-рок класика. Од Гевгелија до Триглав, Хоргош, Јадранското море… Зајечар и Никшиќ, Славонски брод и Призрен. Осијек, Марибор, Штип…
Ништо веќе не е како таа 1989-та…
Подоцна дојдоа крвавите 90-ти, транзиција и неизвесност. Се смени просторот, луѓето, околностите.
Влатко Стефановски имаше 32 години кога ја напиша „Чукни во дрво“.
Денес има двојно повеќе – 64.
Но, и денес „Чукни во дрво“ е ода за љубовта, здравјето и надежта во подобар живот.
Околностите се сменија, емоциите останаа исти.
Надвор е лето, живи сме… Шуќур! Чукни во дрво…

Одамна не сум се радувал толку на некоја телевизиската реклама како на актуелнава на „Алкалоид“, во чест на 85 години регионален фармацевтски гигант, со дечињата кои ја пеат „Чукни во дрво“. Облечени како „Битлси“ на култниот албум „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, тие денес ја пеат „Чукни во дрво“, за некои свои соништа. За љубов, за здравје, за среќа…
Да не слушне злото. Чукнете посилно…
Се до 20-ти септември „Алкалоид“ за секој преглед на видеоспотот ќе ѝдонира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Исклучително голем и хуман гест. Достоен на големината која во музиката ја има „Чукни во дрво“.
Кој се во изминативе децении не посегнал да ја преработува оваа неверојатна песна, но, ништо толку многу не ме допрело како стиховите на Влатко во уникатната преработка и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“.
Чисто технички, но нека остане забележано – Видеоспотот е во режија на Игор Иванов – Изи, за чија реализацијата се погрижи екипа од продуцентската куќа „Вертиго вижуалс“. Преработката на музиката, која се подготвуваше од јануари годинава, е во реализација на музичкиот продуцент Мите Димовски и студио „Тралала“.
– „Чукни во дрво“ е песна за пролетта, надежта, среќата и за еланот во новите почетоци, кои во најновиот проект се заокружени под мотото „Здравјето пред сѐ“.

Не само да го достигна нивото на легендарните „Еден бакнеж“ и „Кажи зошто ме остави“, туку и ги надмина. Одамна стана безвременска…
Само неа да ја напиша во животот, Стефановски доволно ќе направел. А, знаеме што се стои во биографијата на најзначајниот македонски музички амбасадор на сите времиња.
„Чукни во дрво“ некогаш, сега и засекогаш.
Бидејќи, не постои поубава македонска песна…
Иван Беќковиќ